портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Првата балканска војна беше за поделба на Македонија
октомври 2012
Блаже
Миневски
Српската војска, по победите кај Куманово и Битола, го освои најголемиот дел од денешна Република Македонија и стигна до Гевгелија и Лерин, а грчката војска брзаше прва да влезе во Солун, затоа што кон него веќе се пробиваа Бугарите по Струма и Србите по Вардар. Турската Империја беше поразена, но Македонија беше поделена.


Пред сто години, токму во еден ваков есенски ден како денес, Османлиската Империја, која веќе била пред распаѓање, предлага Македонија да биде самостојна држава, со европски принц што ќе го предложат Големите сили, но Србија, Бугарија и Грција го одбиваат тој предлог со образложение дека е доцна за тоа. А всушност не беше доцна за Македонија, беше доцна за нив, зашто тие веќе беа договорени да ја поделат меѓу себе. Само неколку дена подоцна практично вистински почна таканаречената Прва балканска војна, всушност војната за поделба на Македонија. Имено, Бугарија, Србија и Грција, спротивставувајќи се со сите средства на македонските стремежи за самостојност, во октомври 1912 година дојдоа војнички да ја одземат Македонија од Турција и да ја поделат меѓу себе.

ТУРЦИЈА ПОРАЗЕНА - МАКЕДОНИЈА ПОДЕЛЕНА


Сојузничката воена кампања, според претходно утврден таен договор, за нецели два месеца ја отстрани турската власт од Македонија. Главнината на бугарските војски се бореше во Тракија, кон Едрене и Цариград, во источна и југоисточна Македонија. На овој дел од фронтот таа го зазеде претходно договорениот дел на Македонија до Халкидики и до линијата на разграничување Штип-Струмица. Српската војска, по победите кај Куманово и Битола, го освои најголемиот дел од денешна Република Македонија и стигна до Гевгелија и Лерин, а грчката војска брзаше прва да влезе во Солун, затоа што кон него веќе се пробиваа Бугарите по Струма и Србите по Вардар. Турската Империја беше поразена, но Македонија беше поделена.

Во таа касапница, во поделбата на Македонија, како војници во војските на оние што ја делеа, за жал, милум или силум, како доброволци, или како присилно мобилизирани војници, учествуваа и самите Македонци. Со поделбата Македонија де факто и де јуре го загуби вековниот интегритет во своите географски и етнографски граници, а само од Егејска Македонија, на пример, беа протерани над 100.000 Македонци и беше целосно испразнет македонскиот град Кукуш со околу 12.000 жители, колку што имаше до октомври 1912 година.

Ексклузивно, првпат, точно сто години подоцна, екипа на „Нова Македонија“ беше на местата каде што се водеа главните битки во Првата балканска војна, таму каде што гинеа и по неколку илјади војници во еден ден за да се стигне што побрзо до крвавите граници на претходно веќе тајно поделената Македонија.

ПОДГОТОВКИ ПРЕД ВОЈНАТА


А пред сто години Балканот буквално се наоѓаше во своевидна пајакова мрежа од противречни интереси на Големите сили. Истовремено, секоја од балканските држави се бореше против своите соседи за економска и политичка доминација, а всушност секоја од нив им служеше на интересите на европските сили, особено на Русија и на Австро-Унгарија. Од друга страна, развиените европски држави сѐ повеќе го освојуваа пазарот во Турција и ги стеснуваа можностите на слабите балкански економии што претендираа на истиот пазар. Затоа полека но сигурно зрееше идејата за воено проширување на пазарот, односно преземање делови од Турција со војна, особено таму каде што живее доминантно христијанско население.

Се разбира дека за да се победи Турција, која само на територијата на Македонија, во својата таканаречена Западна војска, имаше 193.000 војници, при што само Вардарската армија имаше 104.000 војници, мораше да дојде најпрво до договор меѓу балканските земји, зашто ниту една од нив посебно не можеше ниту да сонува самостојно да влезе и да победи во директен воен судир со Империјата.

Договорот меѓу Србија и Бугарија се сметаше како главна претпоставка за таков сојуз, но Македонија, односно поделбата на Македонија, сѐ уште беше камен на сопнување за постигнување некаква согласност за воен сојуз. Сепак, војната што почна меѓу Турција и Италија кон крајот на септември 1911 година ја забрза потребата од склучување сериозен балкански сојуз, па во почетокот на 1912 година веќе беше готов воениот сојуз на балканските монархии, односно протоколот беше потпишан на 22 февруари 1912 година. Седум дена подоцна беше потпишан и посебен договор за пријателство и сојуз меѓу Бугарија и Србија. Српско-бугарскиот договор беше стожер на балканскиот сојуз, а беше создаден по руски план. Сојузот меѓу Црна Гора и Бугарија беше склучен врз основа на усна спогодба, со услов Бугарија да ја поддржи Црна Гора за време на војната со 10.000.000 лева.

Како и да е, по сите тајни дипломатски преговори и договори, потпишани сојузи, воени подготовки и слично, на 21 и 22 септември се водат последните преговори меѓу Софија, Белград и Атина за формулирање заедничка нота што сојузниците сакале да ѝ ја испратат на Турција. Дефинитивниот текст на нотата е утврден на 5 октомври 1912 година, и со неа фактички официјално беше најавена Првата балканска војна.



Извадокот е превземен од:

http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=10191283268&id=9&prilog=0&setIzdanie=

Коментари
Нема коментари.
 
Архива