портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Анкара ги обвинува џихадистите, а опозицијата Ердоган
октомври 2015

Турската влада, според курдски и опозициски претставници, ја користи Исламската држава како изговор, а зад нападите стојат елементи од т.н. паралелен безбедносен апарат во државата. Во секој случај, нападите во Анкара се голем удар врз рејтингот на владејачката партија, и тоа на нецели дваесет дена од предвремените избори, оценуваат светските агенции.



Турската влада ја обвини терористичката група Исламска држава за двојниот бомбашки напад во Анкара, во кој во саботата беа убиени најмалку 97 лица, а повеќе стотици беа ранети. Премиерот Ахмет Давутоглу порача дека самоубиствените терористички напади претставуваат обид за влијание врз парламентарните избори, закажани за 1 ноември. Поголемиот дел од убиените лица се активисти на прокурдската Народна демократска партија (ХДП), која на изборите во јуни оствари голем успех, лишувајќи ја владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) од парламентарното мнозинство првпат по десет години. Од друга страна, опозицијата и лидерите на турските Курди ги обвинуваат владата и претседателот Реџеп Таип Ердоган дека нападите се дел од сценариото за разгорување на конфликтот со курдските бунтовници, чија цел е заплашување на гласачите пред гласањето. Владата, според нив, ја користи Исламската држава како изговор, а зад нападите стојат елементи од т.н. паралелен безбедносен апарат во државата. Во секој случај, нападите во Анкара се голем удар врз рејтингот на владејачката партија, и тоа на нецели дваесет дена од предвремените избори, оценуваат светските агенции.

Давутоглу, кој се соочи со големи протести по саботните напади, порача дека ќе бидат преземени сите неопходни чекори доколку истрагата покаже дека има безбедносни пропусти, кои доведоа до терористичкиот напад на собирот, кој беше организиран против насилството врз Курдите во Сирија.

Според турската влада, полицијата уапсила четири џихадисти од ИД, кои се товарат дека учествувале во планирањето на нападите, кои ги извршија двајца бомбаши-самоубијци.

- Дефинитивно станува збор за самоубиствен бомбашки напад. Се спроведува ДНК-анализа. Блиску сме до идентификување на напаѓачите, а информациите укажуваат на една група - порача Давутоглу.

Според него, нападите во Анкара претставуваат напад врз целата земја.

- Нападов не е против некоја посебна група, ова е напад врз целата нација и врз наша обединетост. Турција е земја што успеа да го одржи мирот во регионот - истакна турскиот премиер.

Од друга страна, ХДП, која тврди дека билансот на жртвите достигна 128 убиени лица, соопшти дека прокурдската партија е цел на нападите. Според партиски извори, меѓу убиените во нападите во Анкара има најмалку двајца кандидати на ХДП за изборите. Опозициските партии, пак, го обвинуваат Ердоган дека безбедносните сили „ги затвориле очите“ пред активностите на џихадистите, а терористичките напади треба да се искористат за заплашување на гласачите пред изборите 1 ноември.

Во секој случај, како што оценува американски „Стратфор“, нападите врз прокурдските собири само дополнително ја влошуваат и онака тензичната политичка клима во Турција. Но нападите против ХДП само ќе ги зголемат незадоволството и отпорот против АКП, и тоа не само кај курдските кругови, туку и кај главните опозициски партии, кои ја обвинуваат надворешната политика на владејачката партија. Според опозицијата, надворешната политика на Ердоган и АКП ја направија Турција многу поранлива. Тие посебно укажуваат на кампањата на владата за соборување на сирискиот претседател Башар ал Асад, како и на нападите против цели на ИД во Сирија. Покрај тоа, токму поради сириската криза, Турција стана дом на речиси два милиони бегалци од Сирија, што дополнително ја влоши безбедносната и политичката ситуација во земјата.

Нобеловецот Памук со остри критики до турскиот претседател

Познатиот турски писател Орхан Памук упати остри критики до претседателот Реџеп Таип Ердоган поради „калкулациите“ во однос на Курдите еден ден по терористичките напади во Анкара, јави Б92.

- Ердоган е гневен поради неуспехот на изборите. Курдите не му дадоа доверба и не го поддржаа - истакна Памук во интервју за италијанскиот весник „Република“.

Добитникот на нобеловата награда за литература предупреди дека владата и турската војска донеле одлука повторно да ја почнат војната против курдското движење.

- Целата земја денеска ги разбира калкулациите на Ердоган. Прво не сакаше да биде дел од меѓународната коалиција што се бори против Исламската држава. Потоа прифати да го прави тоа што од него го бараа Американците. Потоа заедно со ИД почна да ги бомбардира Курдите - додаде Памук.

Сириски терористи планирале напади во Москва

Тројца сириски терористи биле уапсени поради планирање терористички напади во Москва. Сиријците биле дел од групата од десет лица, кои во текот на викендов беа уапсени од руската полиција. Најмалку тројца од приведените неодамна пристигнале од Сирија во Русија, пренесува ТАСС.

Во станот, каде што се криела групата, биле откриени неколку импровизирани експлозивни направи, а руската полиција деактивирала една од бомбите.

Нема одлагање на самитот на Г20 во Анталија

Турција не го откажува самитот на Г20, закажан за наредниот месец во Анталија, и покрај терористичките напади во престолнината Анкара. Турската влада планира огромна безбедносна операција за дводневниот самит во медитеранското пристаниште на 15 ноември, пренесува „Дејли мејл“.

Британскиот весник тврди дека нема најави за одлагање на самитот, иако годишниот собир на 20-те најголеми светски економии вообичаено е проследен со насилни протести. Се очекува на самитот да учествуваат американскиот претседател Барак Обама и претседателите на Русија и на Кина - Владимир Путин и Кси Јинпинг.

Сириските Курди дел од новиот сојуз против ИД

Милицијата на сириските Курди, која со помош на американската коалиција се бори против Исламската држава во Сирија, им се приклучи на повеќе арапски групи во рамките на новата воена алијанса против терористичката група, која под контрола држи поголеми делови од ирачка и од сириска територија, пренесува Ројтерс.

Во воената алијанса, која е именувана како Демократски сили на Сирија, се вклучени курдската милиција ЈПГ и неколку арапски групи, од кои дел веќе се бореа заедно со Курдите против ИД, во кампањата што доведе до протерување на џихадистите од поголеми делови во северна Сирија.

Превземено од:

http://www.novamakedonija.mk/NewsDetal.asp?vest=101315941477&id=11&prilog=0&setIzdanie=23588
Коментари
Нема коментари.
 
Архива