портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
По Г7, и Билдерберг ќе ги решава глобалните проблеми
јуни 2015

Околу 140 премиери, министри и директори на најголеми банки и корпорации од утре на австриските Алпи ќе дискутираат за глобалните проблеми. Таинствената група веќе шест децении е цел на теории на заговор дека од сенка владее со светот.


Заборавете на Г7. Билдерберг е состанокот на кој одат сите влијателни луѓе во светот. Вака лондонски „Гардијан“ го најавува тридневниот состанок на т.н. светска влада во сенка што почнува утре. И оваа средба се одржува на луксузна локација на Алпите, но во Австрија, на само 25 километри од германскиот замок Елмау, каде што минатиот викенд се сретнаа лидерите на седумте индустриски најразвиени земји (Г7).

Лидерите на Г8 најавија нови санкции за Русија, се заложија за борба против глобалниот тероризам и Исламската држава, а ветија и интензивни мерки за справување со климатските промени. Грчкиот државен долг, можниот референдум за излегување на Британија од ЕУ, преговорите за иранската нуклеарна програма, како и последните безбедносни случувања во Сирија и во Украина, пак, се очекува да бидат едни од главните теми на самитот зад затворени врати на групата Билдерберг, на кој ќе учествуваат околу 140 светски лидери од различни области.

Меѓу учесниците на средбата ќе бидат и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, шефот на Еврогрупата, Јерун Диселблум, австрискиот претседател Хајнц Фишер, премиерите на Белгија и на Холандија, Шарл Мишел и Марк Руте, британскиот министер за финансии Џорџ Озборн, германскиот министер за одбрана Урсула фон дер Лајен и поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер.

Британски „Гардијан“ пишува дека на малку познатиот собир на групата Билдерберг најголем акцент годинава ќе се стави на глобалната борба против светскиот тероризам, како и на нарушените односи на Западот со Русија по последните случувања со Украина. Весникот наведува дека во таа насока на собирот ќе учествуваат и неколку министри за одбрана на „големите светски сили“, а мерките за безбедност ќе бидат исти како и за самитот на Г7 во Германија, односно за нив ќе се погрижи специјалната единица „Кобра“.

Инаку групата е именувана по хотелот „Билдерберг“ во Холандија, каде што е одржана и првата средба во овој формат во 1954 година. Досега е познато дека состаноците на групата траат само три дена, од осум наутро до дваесет часот навечер, со мала пауза за ручек. Говорниците имаат пет минути да го изнесат својот став, а за реплики се издвоени две минути. Средбите на групата се одржуваат еднаш годишно зад затворени врати и на нив се дискутира за глобални проблеми. Списокот на поканети гости се држи во тајност речиси до самиот почеток на состанокот. Учесниците на средбите не смеат да говорат за средбите, ниту пак да изнесуваат детали од дискусиите. Поради ваквата таинственост групата „Билдерберг“ важи за светска влада во сенка што ги креира глобалните политики. Од годишните конференции не се објавува ништо, иако на нив учествуваат главни креатори на светската политика, а никој со сигурност не ги знае ниту членовите. Западните медиуми посочуваат дека мистериозноста на Билдерберг и влијанието на челните луѓе во групата во областа на политиката, безбедноста, економијата и во други сфери поттикнуваат и големи теории на заговор што траат веќе шест децении.      

Превземено од:

http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=61015856132&id=11&prilog=0&setIzdanie=23488
Коментари
Нема коментари.
 
Архива