портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Под сенката на спомениците
септември 2012
проф. д-р Стево
Пендаровски
На Балканот постојат два типи на држави. Првите, чија што интелектуална елита по падот на комунизмот ги антиципираше пошироките трендови и знаеше да “влезе” во стратегиите на глобалните играчи. Тие ја стабилизираа нацијата и како дел од поголемите организациони системи го проширија нејзиното влијание. Другите имаа проблеми да го заштитат суверенитетот дури и во својот актуелен политички простор. Никој од страна не е виновен што Македонија со години е во втората група.



Дали политичката елита е сигурна дека 20 години по независноста внатрешната кохезија во Македонија е доволно силна за да имаме држава и во следните 20 години?

Повеќе индикатори укажуваат дека земјата нема резервен политички капитал во залиха, ниту внатре, ниту од надвор за да може спокојно да ги очекува идните етапи од домашниот и развојот на регионот кој наспроти перцепциите брзо се менува.

I. Според сите релевантни анализи во 1990-тите екстерните закани беа далеку посериозни од домашните, но, ние не бевме исклучок затоа што регионалната безбедносна динамика на полуостровот тогаш беше посилна, пред се, заради југословенскиот распад. Како дел од истиот безбедносен триаголник со Србија и Косово, Македонија, по правило, трпеше влијанија од неговите две посилни страни, или со други зборови, заканите патуваа во еден правец - од северот кон нас. Меѓутоа, по конфликтот и Рамковниот договор, потенцијалот за дестабилизација од двата наши северни коридори - Косово и Јужна Србија, иако далеку од фиктивен е, сепак, послаб од внатрешните пукнатини кои неочекувано почнаа да се шират во мир.

Кои се актуелните негативни трендови насобрани околу клучните внатрешни сидра што лабаво не држат закачени за брегот? Пост-комунистички аксиом број еден беше и остана дека Македонија не може да се распадне заради катастрофалната економија, но, може заради лошите меѓуетнички односи. Иницијалниот политички капитал кој Охридскиот договор го донесе со себе, за жал е потрошен во значаен обем. Заради градење на политички рејтинг од документот денес отворено или тивко се дистанцираат безмалку сите негови живи потписници. Формулата за личен и партиски прогрес по цена на национално и државно назадување ни е позната на сите, но, со ретки исклучоци, никој не се обидуваше да ја ефектуира заради голо останување на власт.

Денес, стратегијата на власта е прецизно закачена токму на таа конструкција: прво, партијата на власт целосно ги супституираше државните институции кои станаа резервоар за акумулирање на гласови, второ, сите странци по ред, од ММФ до САД, се “успешно” дистанцирани, трето, на Албанците им е кажано “каде им е местото”. Само по еден аргумент за сите три точки е доволен иако ги има повеќе.

Прво, најдобро чуваната државна тајна е бројката на луѓе кои се алиментирани од буџетот и за тоа има причина – станува збор за дел од електоратот кој е уценет за корка леб да ја рентира својата лојалност. Второ, пред две години вториот и третиот човек на американската администрација јавно соопштија дека се загрижени за негативните трендови во неколку клучни области, а пред тоа и потоа кога доаѓаа во регионот без исклучок го заобиколуваа Скопје затоа што знаеја што им мислиме. И за последната точка доказите се на лице: додека политичките и медиумските опоненти ги апсеше пред камери, сите договори со политичките репрезенти на Албанците, лидерот на владеачката партија ги постигна, без исклучок, далеку од очите на јавноста: Мајскиот договор, признавањето на Косово, демаркацијата на северната граница, амнестијата на хашките случаи. Крајниот ефект е логичен: неговиот рејтинг е висок меѓу Македонците кои веруваат дека конечно имаме модерен патриот на власт, но, историски најнизок за еден македонски политичар кај Албанците кои чувствуваат дека моќта на неформалниот политички круг е поголема од институциите каде што формално седат нивните задоволни политички претставници.

Од 1991-та поминавме низ меѓуетнички судири, во 2001-та за прв пат сведочевме за палење на верски објекти, но, македонско-македонски судир никогаш не сме имале во независна Македонија. Проектот ”Скопје 2014” формално ја отвори најновата дупка која “недостасуваше” во ткивото на нацијата – рековалесцент: расцепот на антички и словенски Македонци. Историските лекции не ги научивме. Стратешките проекти или ги одлагате, со крупни последици за народот или ги туркате со широк политички и меѓуетнички консензус за да опстојат. Уставот во 1991-та немаше таква поддршка, затоа десет години подоцна плативме недозволено висока цена, при што промените во политичкиот систем беа незначителни во однос на изгубените животи и протераните од своите домови. Неодамна првиот човек на Владата рече дека нема намера да гради државна позиција за името со актуелните лидери на опозицијата иако знае дека спорот за името е најтешкиот проблем кој Македонија го имала од својата независност чиј габарит ги надминува капацитетите на еден човек или партија. Имено затоа што ја знаат структурата на спорот Грците изградија државна позиција поддржана со најширок консензус, додека кај нас, сите што предлагаат алтернатива на молчењето во континуитет кај Нимиц, ги деградираат во статус на национални предавници.

Иако Грција политички, економски и морално се распаѓа по рабови, таква категорија на луѓе не постои во Атина. За суштински пробив во разговорите се потребни крупни политички фигури кои ги разбираат стратешките интереси на Македонија на долг рок, во историска перспектива. Таков формат оваа влада нема на располагање и што е полошо, ниту има намера да ги бара. И без историска дистанца е јасно која ќе биде адресата за лоцирање на одговорноста за изгубените перспективи на цели генерации.

II. Во првата деценија по комунизмот, САД и Европа го менаџираа процесот на распаѓање на Југославија што подразбираше и влечење нови граници на Балканот, а во втората асистираа во стабилизирање и демократизирање на новите држави и ентитети препуштајќи ги лидерството на домашните раководства. Во Брисел заради внатрешните проблеми, а во САД заради стратешкото реориентирање кон Азија, повеќе не го прават ниту ова второво. Со нивното, де факто, повлекување од регионот нашиве политичари конечно се оставени на раат од здодевните екстерни евалуатори.

Денес за Западниот Балкан, вклучително и за Македонија, останаа да се грижат само неговите избрани политичари кои на дневна основа не “уверуваат” во својот демократски капацитет. Клучната придобивка која, за жал, ние не ја препознаваме кај евроатлантските организации е токму потребата од усвојување на нивните демократски практики. Денес, според сите индикатори за демократски и економски слободи на релевантните меѓународни институти, од Фридом Хаус преку фондацијата Херитиџ до Светската банка, членките на ЕУ или кандидатите за членство се подобри во споредбите со било која држава која не поминала низ тие трансформативни процеси. За ефектна промоција кон надвор е потребна внатрешна кохезија, доволно ресурси, влијателна дијаспора и аргументи на своја страна кои светот ги разбира. Во моментов, Македонија не поседува ниту еден од овие четири елементи. Од маркетиншки причини забораваме дека глобалната димензија во надворешната политика на малите држави е само симболично присутна.

Патувањата до Хонг Конг и Сингапур се бесполезни затоа што економиите ефективно соработуваат ако се географски и функционално компатибилни. Каква економска соработка е можна со Сингапур со приход по глава од 50.000 долари и 8.500 мултинационални компании активно присутни на негова територија? Единствен ќар кој нашиве не сакаат да го усвојат од таму е дека четирите оригинални азиски тигри успеаја само затоа што приватниот сектор ги влечеше напред, а не градењето споменици или вработување на сите работоспособни луѓе во државната администрација. Меѓутоа, најчудниот парадокс на македонската надворешна политика се случува веднаш до нашите граници. Дури две децении подоцна Владата несвесно ја имитира најпознатата доктрина на покојниот Глигоров од кого толку сакаат да се разликуваат. Без официјална најава, еквидистанцата кон соседите се спроведува и тоа во нејзината соголена форма: не претпазливост кон соседите заради историските наслаги како што препорачуваше нејзиниот автор на времето, туку, бегање од суштинска билатерална соработка што евентуално ќе ја придвижи македонската економија со толку структурни слабости. Телеграфски, еве како го губиме драгоценото време и што (не)правиме во својата непосредна околина. Албанија има најголеми стапки на раст во регионот во изминатава деценија, а, владата во Скопје не гледа дека за прв пат Македонците почнаа не само да летуваат на нивниот брег, туку и да бараат работа во до вчера најригидниот комунистички режим на светот кој во 1997 по втор пат се распадна од внатре.

За разлика од сите соседи Албанија има потенцијал кој реално до сега не го искористила за лошо: во критичните моменти за нас половина милион македонски Албанци не биа манипулирани од Тирана за да ја дестабилизираат Македонија. Но, тоа што тие не го правеа со тие луѓе, ние требаше – да ги “употребиме” за преку нив да тргнеме во економска експанзија кон Драч, ако веќе не сакаме кон Солунско поле. Со Косово имаме најголем годишен суфицит од 200 милиони евра и наместо ние од тука, најмладата и најсиромашната држава во Европа неодамна најави дека ќе го гради автопатот Скопје- Приштина. За тоа време ние држиме чифт дипломати во Приштина, 30 економски промотори низ светот,а ниту еден во земјата со која е логично најмногу да тераме бизнис. Помладите во Скопје ги знаат сите можни политичари и турбо фолк величини од Белград, а од Бугарија го познаваме само националистот од предвоената генерација, Божидар Димитров. Наместо да ги спушти историските дебати за етнички прашања најдолу на билатералната агенда и да настапи со заеднички проекти за инфраструктурно и енергетско поврзување со земја- членка на ЕУ и наша источна врата за влез во руската енергетска империја, ние губиме златно време зборувајќи за провинциски семеен спор во кој родителите се расправаат за старателство над своето дете.

Слично беше и пред десетина години кога државата беше опседната со Радко, здружение на млади и стари пензионери за кое тврдеа дека ќе ја сруши Македонија. Деновиве Црна Гора почна со преговори, а на Србија ќе и биде дадена уште една шанса да избега од времето на Милошевиќ. Апсурдот е голем: и двете држави не егзистираа под тоа име кога ние станавме кандидати за членство во истата Унија која тогаш ги немаше денешниве проблеми и не беше толку ригидна кон новите апликанти. III. За малите земји постојат два механизми на располагање за да станат видливи подалеку од своите граници и да просперираат: да се интегрираат во меѓународните организации или да склопат стратешко партнерство со некој од големите.

Ние не го цениме фактот дека Америка ни помогна да не се срушиме во сите пост-комунистички тетеравења: стекнувањето независност, влезот во ОН, конфликтот во 2001-та, признавањето на уставното име. Каква е денешната ситуација? Во билатералните односи со САД сме на историски минимум затоа што луѓе во Владата не разбираат дека Американците не се про-албански или анти-македонски, туку се про-Република Македонија во постојните граници, но, како функционална и мултиетничка демократија.

На Балканот постојат два типи на држави. Првите, чија што интелектуална елита по падот на комунизмот ги антиципираше пошироките трендови и знаеше да “влезе” во стратегиите на глобалните играчи. Тие ја стабилизираа нацијата и како дел од поголемите организациони системи го проширија нејзиното влијание. Другите имаа проблеми да го заштитат суверенитетот дури и во својот актуелен политички простор. Никој од страна не е виновен што Македонија со години е во втората група.
Коментари
Темата е исклучително актуелна ама, за жал, авторот ја анализира од партискии а не од експертски апсект. Гротескно е да се тврди дека „никој од страна не е виновен што Македонија со години е во втората група на држави„ од Балканот, додека кај другите,првите, „интелектуалната елита ги антиципираше трендовите (после распадот на Југославија!) и влезае во стратегиите на глобалните играчи„. Демек, ние сме ја утнале работата. Еве, да земеме дека е оваа оценка и точна. Кого критикува авторот? Сегашната власт? Не. Таа, во тие клучни времиња, не беше на власт. Ама, нејзиниот лидер беше прв кој рече - Југославија е готова, што правиме ние? Така, овие осуди на авторот можат да се однесуваа само на неговата сегашна партија. За негова среќа, тие се апсурдни и немаат вредност. Не трба да се докажува дека, од самиот почеток, токму другите, не не признаваа (и покрај Бадентер); не не примаа во ООН без да не обезличат; ни ја блокираа границата... А така е и денес: не не примаат во НАТО и ЕУ; ни поставуваат блокади и ултиматуми; не уценуваат... Е, сега, што уште треба да ни направат танекој од надвор да биде виновен за нашите проблеми? Да не сотрат? Токму тоа се обидуват да го направат ама, без успех. И, никогаш нема да го постигнат, иако некои дома на тоа се надеваат. Македонија правеше грешки во минатите години. Нема сега да ги набројуваме бидејки (нај)стратегиските ги стори повторно неговата партија. Ама сите тие, во целина, беа маргинални во однос на пречките коки ни ги наметнуваа од надвор. Од распадот до денес, Македонија е жртва на регионалните политики на САД. Тие играат на друга карта во регионот. Спротивно на сите меѓународни норми, (им) направија и нова држава. Реазлизирајки ги своите гео-стратегиски планови тие целосно ги игнорираат фундаменталните интереси на Македонија и Македонците. Тоа е веќе толку евидентно што не мора да се нагласува. Така е бидејки ние сме сега главната пречка за да го завршат проектот преку кој треба да доминираат на Балканот. Со Охрискиот договор направија силен исчекор и сега се обидуваат да ги финализираат намерите. Да ги избришат Македонците од меѓународната сцена и да си останат такви само за по дома. А, кога ќе ги снема Македонците и оваа држава станува непотребна. Тоа е суштината на нивната политика. Самиот Пендаровски има изјавено или напишано дека во првите три месеци од војната во 2001-та сите операции ги вршеа силите од Косово кои дневно ја поминуваа границата, наваму и натаму. Во 2001, кога НАТО, под команда на американски генерали, го контролираше секој камен на Косово, можно ли беше без нивно знаење и помош да се формираат воени единици и истите дневно да ја миниваат границата со Македонија? Теоретски - исклучено. Плус, паралелно, таму да биде штабот на терористите (според речникот на ген. секот на НАТО, Робетсон), а САД да немаат појма? Невозможно. А улогата на МПРИ и генералот Грифитс? А, Арачиново? И тврдењето дека САД ни помогнале да влеземе во ООН е чисто сеење на магла. Исто како и сегашното инсистирање дека САД сакаат да влеземе во НАТО и ЕУ. Точно е дека тоа постојнано го потврдуваат. Ама какви не сакаат? Обезличени. Остануваат на политиката - прво името (откажување од самите себе), потоа членство. Токму тоа се случи и во 1993 во ООН. Кој ни го оспори името во ООН и кој ни ја нематна референцата? Грција? Не. Таа не беше членка на СБ во тој период. Кој друг освен САД можеше да го изведе тоа? Никој. Крајно време е да престанеме да си фрламе песок во очи и да се правиме наивни. Се додека не се соочиме со вистината - никаде нема да стигнеме. Секоја погрешна терапија, води во - неповрат. Жалосно е што еден талентиран аналитичар поаѓа од погрешни постулати во име на партијата. И неа и штети со тоа, не само на државата. -Ристо Никовски-
 
Архива