портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Македонија и регионот меѓу гасот и членството
октомври 2014
Серјожа
Неделковски
Самото доаѓање на челникот на руската енергетска компанија „Газпром“, Алексеј Милер во Скопје е показател дека Македонија е влезена во развојните планови на овој гигант со кого соработуваат и имаат желба да соработуваат многу држави.


За рускиот претседател Владимир Путин, се зборува, оти важи правилото дека штом е најавена посета на странска земја, тоа значи дека однапред работите се веќе завршени и во текот на посетата само се финализираат потпишувањата на претходно постигнатите договори. Така, најверојатно, треба да се чита претстојната посета на Белград на рускиот претседател. Освен политичката конотација, дека може да дојде во Европа со посебен акцент на регионот, и дека не е изолиран и покрај западните блокади наметнати на Русија, посетата на Путин, ќе биде одбележана доминантно со економски прашања.                           

Русија и Србија, како што истакнуваат во Москва, имаат „прилично динамична“ економска соработка, која на крајот од 2014 година би требало да резултира со раст на руско-српската стоковна размена од 20 до 30 отсто, односно би достигнала 3,5 милијарди американски долари. Што значи дека освен јасно истакнатото барање на Кремљ, и во неодамнешното интервју на шефот на дипломатијата Сергеј Лавров за сараевски Дневни аваз, до своите западни партнери да се почитуваат договорите за сферите на влијанието, Русија има намера економски да не се повлекува од регионот.

Секако, во фокусот на Брисел и на регионот е прашањето на меѓународниот гасовод Јужен тек кој треба заобиколувајќи ја Украина да ја снабдува западна Европа со руски гас но наидува на административни пречки од Брисел кој од земјите кои се членки на ЕУ или оние како Србија и Македонија кои се кандидати за членство, бара да ги раскинат договорите за изградба на гасоводот. Тој проект, меѓу другото, очигледно има цел на Србија, којашто е во непосредно македонско соседство да ѝ овозможи за две три години да стане регионален енергетски центар, зависен од руските ресурси. Ќе биде искористена инвестиција од две милијарди евра, а тоа значи поголем број вработувања, само во фаза на изградбата на инфраструктурата, за 2.500 луѓе, поевтин и посигурен увоз на гас за Србија, развој на хемиската, енергетската и електроенергетската индустрија. Покрај тоа, Белград воопшто и не помислува да ги прекине особено економски односи со Москва, коишто следствено во современо поставениот свет повлекува и политички релации, па така во деновиве во Русија на економски форум присуствуваат претставници на 31 српска компанија.

Софија, иако министерство за економија и енергетика кон крајот на август нареди да се прекинат сите активности поврзани со изградбата на гасоводот Јужен тек, додека проектот не се усогласи со барањата на Европската комисија, и забрани потпишување секакви договори во врска со гасоводот а од Бугарскиот енергетски холдинг (БЕХ) се бара да ѝ помогне на ЕК при усогласувањето на овој проект со правната регулатива на Европската унија, сепак нагласи дека сите страни кои се вклучени во проектот, мораат да сфатат дека тој мора да биде реализиран, но по прописите на Унијата. И покрај тоа што Софија недвосмислено најави дека ќе го следи курсот на Брисел и Вашингтон во политичките односи со Русија и намалувањето на енергетската зависност од Москва, сепак бугарските политичари, и од двете главни фракции, многупати повторуваа дека проектот Јужен тек е важен за Бугарија поради диверзификацијата на снабдувањето со гас, како и од економски аспект, бидејќи главната секција на копнениот дел на гасоводот низ оваа земја треба да изнесува 541 километри.

Непосредно пред неодамна одржаните избори цената на електричната енергија во Бугарија беше зголемена за уште 10 отсто, откако уште во јули бугарскиот енергетски регулатор соопшти дека државната компанија НЕК напластила долгови од околу 1,5 милијарди евра. Регулаторите во мај го повикаа НЕК да покрене нови преговори за договорите кои го обврзуваат да ја преземе целата електрична енергија произведена во термоцентралите во сопственост на американските компании AES и „ContourGlobal“. Со тој договор се кршат прописите на Европската комисија за рамноправно натпреварување на пазарот, како што Брисел ѝ забележува и ја условува Софија во врска со почетокот на изградбата на рускиот гасовод Јужен тек, и НЕК би требало да започне преговори за цената на струјата што ја произведува AES за најмалку 30 отсто, како и за произведената од „ContourGlobal“ за 20 отсто.

Ограничената либерализација на пазарите, намалената потрошувачка и високиот удел на струјата набавена на основа на долгорочните договори (со американските компании) резултирале со вишок електрична енергија произведена по цени кои не се во согласност со пазарните вредности, предупредуваат подолг период бугарските регулатори.

Цените на струјата се политичко чувствително прашање во Бугарија, најсиромашната земја членка на ЕУ, каде трошоците за енергија земаат огромен дел од приходите на домаќинствата, особено во зимскиот греен период, како впрочем и во другите земји во регионот. Токму имајќи предвид дека гасот во Бугарија од летово е за 1,81 отсто поевтин во продажбата на големо, а цената на илјада кубни метри гас во третиот квартал изнесува 601,7 лева, околу 300 евра што е далеку под цената што ја плаќаат европските потрошувачи, може да се сфати дека секоја идна влада во Софија нема така лесно да се откаже од гасоводот.

Кога станува збор за Македонија, пак, нејзиниот проблем е што во моментов се наоѓа на крстосницата меѓу две стратешки цели – мачното зачленување во „клубот на повластените“ и обезбедување долгорочна енергетска сигурност. Европската енергетска заедница, има изразено засега само сомневања дека „Газпром“, кој треба да стои зад изградбата на гасната мрежа во Македонија, како минимален дел од Јужен тек, оти меѓувладината спогодба не е во согласност со правилата на Спогодбата на Енергетската заедница, кои се однесуваат на распределување на трошоците, пристап на трети страни и утврдување на тарифата. Секретаријатот побара од македонската Влада да ги достави своите коментари и објаснувања кои се однесуваат на овие забелешки. И тоа може да се толкува како притисок врз Скопје, односно врз сегашните власти, и што може да се одрази врз натамошното темпо на приближувањето кон ЕУ. Што бездруго кореспондира и со сознанијата на Euobserver за притисоците од ЕК врз Србија да се откаже сосема од Јужен тек изразени во годишниот извештај на Европската комисија за проширувањето на Европската унија во кој се наведува дека „меѓувладиниот договор за изградба на гасоводот Јужен тек, потпишан меѓу Србија и Русија, не е во согласност со единствената регулаторна рамка на ЕУ“.

Сепак, Белград ги продолжува пристапните преговори изразувајќи оптимизам дека со спласнувањето на кризата во односите меѓу Москва и Брисел, ќе попуштат и ограничувањата во поглед на изградбата на јужен тек.

Меѓутоа, се заборав дека всушност станува збор за поголем обид на европските моќници како да се исценка поевтин енергенс за себе и да се ослободат од енергетската зависност од Москва во моментот, зашто што бездруго ќе бидат потребни и големи финансии и подолг период додека се операционализира, на пример вадењето земен гас од шкрилци на што се надеваат дека ќе ги ослободи од диктирањето на цените. Но, големо прашање е дали и колку Македонија има полза, кога веќе нема свои достаточни средства да работи во прилог на туѓа полза.

Инаку, самото доаѓање на челникот на руската енергетска компанија „Газпром“, Алексеј Милер во Скопје е показател дека Македонија е влезена во развојните планови на овој гигант со кого соработуваат и имаат желба да соработуваа многу држави. Како конкретен чекор за операционализација на македонско учество во Јужен тек, беше формирањето мешовито претпријатие меѓу двете страни согласно договорот кое ќе ги спроведе натамошните чекори во реализација на плановите и проектот. Непознато е кои се тие експерти што ги консултираат опонентите на оваа инвестиција, меѓутоа недвосмислено е, што се гледа и од анализите и проекциите направени во другите земји од регионов кои се приклучуваат на овој проект кој завршува во Европа, дека со изградбата на инфраструктурата за природен гас значително ќе се зголеми потрошувачката на природниот гас, како моментно најевтин енергенс, која е сега на ниско ниво во Македонија, што треба да доведе до поголема потрошувачка на природниот гас и може да резултира со пониска цена на гасот. Значи, од склучувањето на договорот со руската компанија „Стројтрансгас“ би се започнало со изградба на инфраструктурата за природен гас во внатрешноста на земјата и со што ќе се овозможи пристап до гас на многу компании и домаќинства во земјата.

И тоа би требало да биде бенефитот, во услови на почитување на законските прописи, за земјава и граѓаните, и да се биде реален дека Македонија во споредба со димензиите на компаниите кои се вклучени во овие проекти е незначителна алка којашто може да извлече споредна полза, а многу поскапо да го плаќа изостанувањето од овие текови.

 

Коментари
Нема коментари.
 
Архива