портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Историски за НАТО, а за Македонија?
септември 2014
Стојан
Славески
На кандидатите за членство, меѓу кои е и Македонија, веќе им се најави дека нема да има одлуки за ново проширување. Впрочем, ние ги исполнивме условите уште во далечната 2008 година, а сега ја чекаме само поканата. Додека Алијансата не си ги реши своите внатрешни дилеми, нема да се посвети посериозно на проблемите на проширувањето.


Актуелниот развој на настаните на меѓународната безбедносна сцена бара постојано адаптирање на Алијансата. На претстојниот Самит на НАТО, шефовите на држави и влади на земјите-членки на Алијансата ќе треба да му дадат политички насоки на бирократскиот и на воен апарат на НАТО, како да се справи со актуелните безбедносни закани и да се согласат за идниот развој на организацијата.

Покрај состојбата во Украина, на дневниот ред на претстојниот самит на НАТО ќе се најдат и други важни прашања, кои ќе ги дефинираат идните задачи и мисии на Алијансата. Самитот ќе се одржи на 4 и 5 септември во Велс. Од најавените настани на Самитот важно е да се забележи дека НАТО ќе добие нов генерален секретар, ќе се обележи дваесетгодишнината од Партнерството за мир и повлекувањето на борбените единици од Авганистан (најголема мисија на Алијансата од нејзиното постоење). Меѓутоа, покрај овие церемонијални настани, НАТО треба да постигне консензус за неколку важни прашања: која ќе биде иднината на „партнерствата“ на НАТО, кои се чини дека го надминаа својот зенит, како ќе се градат односите со Русија и како да ѝ се даде кредибилитет на политиката на „отворени врати“ кога од 2008 година нема покани за прием на нови членки.

Има и други теми што ќе треба да се дискутираат за новиот изглед на НАТО во поставганистанскиот период. Зголемената важност на азиско-пацифичкиот регион и сѐ поголемата улога на Кина во меѓународните односи, загрижувачките случувања на Блискиот Исток и во Северна Африка, ограничениот успех на НАТО во операциите во Авганистан и во Либија, или, пак, свртувањето на вниманието на САД кон домашните проблеми, се другите фактори што ќе ја обликуваат иднината на Алијансата.

Која ќе биде улогата на НАТО во случувањата на Средниот Исток е сѐ уште неодговорено прашање. Развојот на настаните во регионот од НАТО идентификуван како СИСА (Средниот Исток и Северна Африка) се дури и попредизвикувачки. Со Либија, Ирак и со Сирија, кои се внатрешно поделени, Египет со нејасна иднина и исламски екстремисти што прогласија Калифат кој нема национални граници, состојбата е сѐ подраматична.

Сојузниците имаат различни погледи за тоа дали и колку НАТО треба да дејствува. Дали глобално, како кооперативен безбедносен инструмент и на тој начин да преземе поголема улога во справувањето со новите безбедносни закани, или, пак да се ориентира на својата примарна работа како одбранбена алијанса. Дискусиите за ова прашање ги поделија 28-те сојузници на најмалку два кампуси.

Англосаксонскиот кампус ја фаворизира идејата дека Алијансата треба да преземе поголема глобална одговорност и да игра позначајна улога во меѓународната безбедност. Американците ја пласираа идејата за „глобален НАТО“ во 2004 година, кога Николас Барнс, тогашен амбасадор на САД во НАТО, ја почна кампањата за „проширување на алијансата на демократии“. За време на Самитот во Рига во 2006 година, на САД им се приклучи Обединетото Кралство со предлогот за создавање „програма за глобални партнери“, која имаше за цел да ги привлече кон Алијансата партнерите како Австралија и Јапонија, земји кои можат да дадат голем придонес во оперативна смисла. Наследникот на Барнс, амбасадорот Викторија Нуланд, исто така, ја поддржуваше идејата дека НАТО треба да се фокусира на продлабочување на својата соработка со земји како Австралија и Јапонија и да стане „вистинска глобална распоредлива воена сила“. Иако ваквите планови никогаш не беа реализирани, англосаксонските сојузници беа заинтересирани за многу поглобален приод.

Од друга страна, главните европски сојузници како Германија и Франција можеби јавно ги поддржуваа овие предлози за зајакнување на врските со „глобалните партнери“, но во практиката покажуваа отпор да сторат нешто повеќе. Има многубројни причини за ваквото нивно однесување. Прво, тие тврдеа дека тоа ќе ја намали специфичната природа на Алијансата како трансатлантска одбранбена организација. Второ, тоа би ја нарушило внатрешната политичка кохезија на Алијансата. Трето, меѓународните актери како Русија и Кина би го искористиле тоа за да ја обвинат Алијансата дека сака со сила да го наметне својот политички модел на останатиот дел од светот. Конечно, некои од поранешните држави на Варшавскиот пакт имаат поголеми грижи за нивната безбедност во однос на руските акции отколку од глобалните закани и затоа се залагаа НАТО да ѝ се врати на основната задача, колективната одбрана. Ова особено се однесува на балтичките држави, кои се многу заинтересирани за основниот постулат на НАТО, колективната одбрана, која е дефинирана со членот 5 од Вашингтонскиот договор.

Оправданата загриженост на источните земји-членки на НАТО поради интервенцијата на Русија во Украина, според некои западни експерти, не треба да се дозволи Алијансата повторно да биде насочена само кон заканите што доаѓаат од Исток. Напротив, ако НАТО сака да биде глобална алијанса треба да биде подготвен да се соочи со безбедносните ризици и закани што доаѓаат од сите четири страни на светот, тврдат тие.

Трите клучни мисии на Алијансата, кои беа назначени во Стратегискиот концепт во 2010 година – колективната одбрана, кризниот менаџмент и кооперативната безбедност – ќе останати понатаму релевантни. Меѓутоа, ќе има потреба да се изгради нов консензус за важноста на секоја од овие мисии за земјите-членки како и за односите помеѓу нив. Сето тоа ќе треба да се земе предвид во услови кога буџетите за одбрана на земјите членки се сѐ помали.

Оттука да се очекува дека лидерите на земјите-членки за сите овие отворени прашања ќе постигнат консензус на претстојниот Самит е преоптимистички. Па така, Самитот во Велс нема да биде „историски“ како што се најавува дека ќе биде. Наместо тоа, тој ќе биде значајна средба, каде што ќе се дискутираат горливите прашања и веројатно на некои од наредните самити, шефовите на држави и влади на земјите-членки на НАТО ќе успеат да се договорат за политичките насоки според кои ќе се развива Алијансата во 21-от век.

На кандидатите за членство, меѓу кои е и Македонија, веќе им се најави дека нема да има одлуки за ново проширување. Впрочем, ние условите ги исполнивме уште во далечната 2008 година, а сега ја чекаме само поканата. Додека Алијансата не си ги реши овие свои внатрешни дилеми, нема да се посвети посериозно на проблемите на проширувањето. Па така, за донесување некои „историски одлуки“ за Македонија, исто така, ќе треба да чекаме одржување на некој друг Самит, ако дотогаш не се замориме од предолгото и неоправдано чекање.

Превземено од:

http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=9214937431&id=13&prilog=0&setIzdanie=23263

Коментари
Нема коментари.
 
Архива