портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Европската Унија и нејзините перспективи
јануари 2014
амбасадор
Ристо Никовски
Тоа ќе помогнеше да се овозможи и инкорпорирање на руските интереси, по распадот на СССР, што е општевропски интерес. Без таа алка, европскатаобединетост останува – релативна.


Неспорен факт е дека евроскептицизмот – расте. Не само во Велика Британија. Тој е реалност и во Германија, и во Франција..., да ги спомнеме само главните промотори на паневропската идеја. Тој и понатака ќе расте. Меѓутоа, нема никакви дилеми дека Унијата ќе опстане а еврото нема да се потроши. Тоа се историски дострели на стариот континент кои никој ниту може, ниту смее да ги доведе во прашање. А бројот на членките - може и да се намалува, не само да расте!    

Сепак, сосема е јасно дека Унијата не е веќе тоа што беше. Ниту ќе биде. Промените се сериозни, дури и драматични и не се резултат само на финансиската и должничката криза од 2008-та. Датираат од порано а и ќе продолжат. Регистрирани се и бројни промашувања. Обидите за заеднички устав – не успееја. Бај-пасот од Лисабон, исто така се покажа несоодветен. Порано, и полесно се договараше, и без проблеми се реализираше. Веќе не е така.

Гледано од страна,  без соодветна длабинска анализа, главна причина за таквиот развој е преамбициозноста која се демонстрира во Брисел. Пребргу, по секоја цена, се продлабочува заедништвото. Се затвораа очите пред неисполнети критериуми, неправилности, злоупотреби, структурални нелогичности... И,  нормално, тоа се врати како бумеранг. Грција, во целина, е најдобар пример за таквиот развој. Од друга страна, Заедничката земјоделска политика е апсурд кој никој не се осмелува да го допре...

Силен е впечатокот дека клучниот превид беше направена во Мастрихт. Тогаш, се чини, беше пропуштена шансата основен приоритет да биде се’ европското проширување, а не продлабочувањето на сојузот. Така се генерираа и грешките кои сега многу скапо чинат. Ако се забрзаше проширувањето, развојот на Унијата можеше да оди по побалансирана линија. Тоа ќе помогнеше да се овозможи и инкорпорирање на руските интереси, по распадот на СССР, што е општ европски интерес. Без таа алка, европската обединетост останува – релативна. Таквиот приоритет, веројатно, ќе придонесеше и за контролирање на тензиите (и судирите!) на Балканот, а ќе отвореше простор и за избегнување на  конфронтацијата околу Македонија.

Во истиот кош може да се сместат и плановите за федерализација на Унијата. Се чини дека е тоа непотребно форсирање. Објективно, таквиот конгломерат тешко ќе може да се води и контролира. Залакот е преголем, од повеќе причини, кои овде не може да се елаборираат. Така е бидејќи нема никакви услови да се користат механизмите врз кои функционираат САД, кои се овде недостижни. Сосема спротивно, клучни веќе постигнати придобивки лесно може да бидат, на некој начин, доведени во прашање. Ако Унијата е симбол за надминатите историски непријателства и војни, федерацијата може да биде стимулатор на старите болки и конфронтации. Концентрацијата на власта, која неизбежно ќе следи, многу лесно на површина може да ги исфрли сите различни и спротивставени интереси на земјите членки. Едно е, кога си во Унија, при што, главно, сам си газда на своето. Сосема друго е кога - не си баш. Какви и да се регулативите кои би биле донесени, реалноста ќе биде нешто друго. Искуството од поранешна Југославија не смее да се заборава. Познато е дека двајца (или две земји) можат да се договорат, тројца тешко, четворица, скоро - никако...

Ако, на сето тоа ја додадеме бирократијата која неконтролирано се множи во Брисел, и која секогаш има сопствена агенда, проблемите сами по себе се најавуваат.

Во иднина, секако, најжешко ќе биде прашањето на заедничка надворешна и безбедносна политика. Во Брисел, нема никакви изгледи такво нешто да се формулира. Ниту сега, ниту во блиска иднина. Разликите се огромни и договор, едноставно, не е можен. Амбасадите, кои ги отвори Ештон, со по 10-тина дипломати на пусти острови, само ја демонстрираат нефункционалноста и искривоколченоста на Унијата. Прашање е само кога ќе пукне срамот. Штетата и последиците ќе мора да се платат. Таквите будалштини се токму резултат на тешката бирократизираност, која е заразна.

Должничката криза, во која од друга страна се гуши Брисел, исфрли на површина бројни проблеми кои не се решаваат баш бескомпромисно. Има и крајно нерационални, и премногу срамежливи потези, а потребни се длабоки оперативни и реформски зафати. Тоа се лоши индикатори. Ѓубрето скриено под килим не води никаде. Дека е навистина така, најдобар пример повторно е - Грција. Колку милијарди евра се фрлаат во тамошното буре без дно, без вистински резултати. Нема теоретски шанси, и чудо да се случи, Атина да ги врати парите кои секојдневно ги добива. Огромниот државен долг, и покрај отпишаните 100 милијарди евра, ако веќе не се зголемува, стагнира. Иако од спасот на Грција зависи еврото, сепак, нема оправдување зошто цело време се оди по линија на помал отпор.

Овај пример јасно покажува дека Брисел се обидува да го контролира огнот, без да го гасне. Каде води тоа, ценете сами.

Мора да се спомне и задолженоста на европските држави и, особено, на нивните банки. Бројките се стравотни. Покажуваат дека се’ што се прави во Унијата, се’ е резултат на опасна финансиска - пирамида. Вклучувајќи ги и огромните пари слеани во Атина.  А таа, порано или подоцна – мора да се распадне. Тоа е тежок проблем од долгорочен карактер.

Ова, во никој случај не е сеење песимизам. Целта е објективно да се согледаат работите. Оптимизмот останува. Унијата и еврото и понатака ќе бидат европски бисери ама ѓерданот уште долго нема многу да сјае. Мора сериозно да се прередува и прилагодува. Иманентно е одлучно решавање на проблемите без локални калкулирања. Сепак, нов договор, што како алтернатива го спомнува Британецот Џорџ Обзборн, не е потребен. Тоа би била ризична, дури опасна процедура која може бескрајно да трае, парализирајќи ја Унијата.

Некогаш, центар на светот беше Медитеранот. Потоа, стана – Атлантикот. Сега е – Пацификот. Европа, по сите критериуми, не е веќе таа од пред 30, 40... години. Со таа реалност мора да се живее. Меѓутоа, ако не е обединета, таа нема да биде никаков фактор на меѓународната сцена. Затоа, интерес на сите европски земји е Унијата што побргу да се шири, за да зајакнува и да успее. Така, таа ќе стане (по)атрактивна и за Украина а, зошто не, и за самата Русија.

Не треба да има никакви дилеми и околу нашата евро ориентација. Наш долгорочен интерес е да влеземе во клубот, ама без наивност дека со зачленувањето ќе ни потечат мед и млеко. Тоа секако ќе ни донесе нови вредности кон кои сите се стремиме и кои, ако ништо друго, ќе не извлечат од балканските стереотипи на кои предолго им робуваме.

Унијата – да! Ама, без уцени и непристојни предлози и само како Македонци.

Да заклучиме: третманот на Македонија е историски срам за Брисел. Со такви, приземни, политики се девалвираат перспективите за целосно обединување на Европа.



   
Коментари
Нема коментари.
 
Архива