портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Политичките елити во Америка стравуваат да не ја загубат доминацијата на правните регулативи...
декември 2013
Златко
Шумковски
Политичките елити во Америка стравуваат да не ја загубат доминацијата на правните регулативи во врска со правата на децата

Американското ратификување е одложено пред се поради противење со одредби кои според некои, ограничуваат права на родителите и можност за владино мешање во семејните работи. Новинари на британската агенција Ројтерс, кои една и пол година се обидувале да ја следат судбината на децата посвоени во странство, дознале дека во САД постои црна Интернет берза, што се занимава со трговија на деца.



Од моментот на паѓањето на Берлинскиот ѕид на 1 ноември 1989 година поминаа само 19 дена до усвојувањето на Конвенцијата за права на детето во ОН, но и 24 години подоцна најголемата светска сила – САД не успеа да најде сили да ја ратификува. Со тоа децата во САД останаа зад ОН-ѕид кој не успеа да го урне ниту една претседателска администрација. А, се сменија четворица оттогаш. Конвенцијата за права на детето идната година слави 25 години од донесувањето во ОН, но САД и понатаму остануваат без ратификација иако активно учествувале во изработката на текстот. Освен нив, Конвенцијата не е ратификувана само од Сомалија, држава во која речиси и нема политички естабилишмент.

Со Конвенцијата Обединетите нации востановија права на децата на образование, храна, дом и останати потреби како и на заштита од експлоатација и вовлекување во војна. Иако подготвувана 12 години, ратификацијата беше многу полесна – за само неколку месеци доби 20 ратификации и стапи на сила во септември 1990 година. Првиот меѓународен договор од системот на ОН, што го потпиша Јужна Африка по излегувањето од апартхејдот беше всушност таа конвенција. Следува забрана за физичко казнување деца и изградба на посебен систем за малолетничка правда во таа држава. Слично се случи и во Русија – се формираа малолетнички и семејни судови. САД го потпишаа тој договор во 1995 година од тогашниот амбасадор во ОН - Медлин Олбрајт, но ниту еднаш не ја доставија во Сенатот на ратификација. Од сенатско двотретинско ратификување нема ни трага ниту глас, а главни противници се воглавно од редовите на конзервативците и активисти кои сметаат дека таа е непотребна и закана за правата на родителите и суверенитетот.

Американското ратификување е одложено пред се поради противење со одредби кои според некои, ограничуваат права на родителите и можност за владино мешање во семејните работи. Групи на родители тврдат дека договорот би го поткопал авторитетот на родителите, посебно преку верско или сексуално образование. Една од најгласните групи во тоа противење е Парентал Рајтс кои сметаат дека принципите од Конвенцијата се само застскривање на властите да може да надгласаат каква било одлука на родители.

Постојат и стравувања дека социјалните и економски права од Конвенцијата може да испровоцираат судски процеси со барање Владата да плати за нив. Тие се со став дека таа Конвенција произлегува од начинот на размислување чија цел е подредување на родителската автономија на владина иницијатива, а националниот суверенитет на глобалниот колективизам. САД воглавно ратификува договори за човекови права со услов тие да не „надгласаат“ постоечки закони. Наместо тоа, Американците би требало да донесуваат сами свои закони, а родителите сами да одлучуваат за своите деца освен ако не се докаже дека тие на некој начин ги повредиле, наведуваат поборниците за нератификација.

Сепак, голем број закони се во согласност со Конвенцијата. Исклучок е дека во САД лица под 18 години може да биде осудено на доживотен затвор без право на помилување додека до 2005 година тие можеа да бидат осудени и на смртна казна. САД имаат закони против злоставување деца, но третина држави дозволува физичко казнување во училиштата, и ниту една не забранува такво казнување во домот. Од девет основни меѓународни договори и конвенции за човекови права, САД се потписнички само на три. Според ОН, САД не учествуваат во 17 меѓународни иструменти кои се занимаваат со човекови права.

 Стотици илјади деца во САД подложни се на несоодветен третман кој во одредени случаи предизвикува смрт. Според статистички податоци во 2010 година таа цифра била 1.600. Физичко казнување е легално во 19 држави. Речиси осум отсто деца во школска возраст биле физички казнети од своите родители или старатели. Постојат и образовни центри каде децата добиваат „третмани“ како електричен шок, скратување храна и присилно вдишување амонијак. Насилствиото над посвоени деца од Русија се уште создава сериозна загриженост.

Руски федерални власти покренаа овој месец кривична истрага за тровијата со деца во САД, откако е утврдено дека посвоените деца, меѓу кои некои родени во Русија, се продаваат преку интернет. - Комисијата покрена истрага откако е утврдено дека „посвоени руски деца се испраќаат на различни семејства при што се кршат нивните права“, изјави портпаролот на комисијата Владимир Макин.

Новинари на британската агенција Ројтерс, кои една и пол година се обидувале да ја следат судбината на децата посвоени во странство, дознале дека во САД постои црна Интернет берза, што се занимава со трговија на деца. Децата без каква било контрола од страна на државата се продавале кога на старателското семејство ќе му „здодее“ одгледувањето, а наведен е и случај на руско девојче кое за шест месеци променило три семејства и во секое од нив било сексуално злоставувано Конвенцијата за права не детето е најсеопфатен договор за човековите права на децата и е ратификувана од најголем број држави во светот.

Во голем број од нив таа е причина за промена на закони, политика и однос спрема децата и резултатот е – се помал број злоставувани деца.

Во почетокот на минатата година во Женева беше потпишан нов протокол за Конвенцијата за права на детето кој дава можност децата да се обратат до Обединетите нации во случај на судски спор во нивната држава. Тој документ ќе го засили импактот на Протоколот за заштита на децата и двата веќе постоечки протокола за забрана на продажба и проституција на деца, детска порнографија како и вклучување деца во вооружено конфликти. Тој проткол на 19 декември 2011 година го усвои Генералното собрание на ОН. Запрашан за време на претседателската кампања во 2008 година, актуелниот американски претседател Барак Обама рече дека „е засрамувачки да сме во друштво со Сомалија, држава без закони“. Тој најави преразгледување на Конвенцијата и други договори за да се обезбеди дека САД се „предводници во почитувањето на човековите права“.

 Оттогаш регистрирана е иницијатива на Стејт департментот во почетокот на 2009 година за меѓуагенциско разгледување на Конвенцијата. Други потези во таа насока не се преземени. Со нератификувањето, глобалните напори за заштита на децата губат заради нецелосната соработка на најголемата светска сила.

 
Коментари
Нема коментари.
 
Архива