портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Со рускиот гасовод земјава стана дел од регионот и од Европа
октомври 2013
Зденка Павковиќ
 Јужен тек отвора нови перспективи за Македонија

Енергијата е движечка сила на секоја земја и без неа ниедна економија не може да оди напред. И ниедна земја доколку е исклучена од енергетските текови и правци не може да смета на стабилност, не само економска, туку и политичка - меѓусебната енергетска поврзаност и со тоа меѓусебна зависност на земјите, носи соработка, а со тоа и мир


Гасоводот Јужен поток не е само проект кој ќе ги обезбеди енергенсите, туку мир. По сукобите во овој регион, овој коридор сега станува коридор на мирот бидејќи ги задоволува заедничките интереси, изјави министерот за надворешни работи на Турција, Ахмет Давутоглу во обраќањето на Меѓународен енергетски форум, што се одржува во Њујорк. Тој кажа дека секоја земја треба да има своја национална стратегија за енергетиката која во суштина има три категории – потрошувачи, производители и преносници. Стратегијата на Турција, која нема сопствена енергија, на пример е да ја користи својата транзитна позиција.

Наша најслаба точка е енергетскиот дефицит. Но тоа можеме да го обезбедиме со воспоставивање на мир на Блискиот исток, на Кавказ, на Балканот и со одржување на добри односи со Русија. Ние сакаме стабилност околу нас за да добиеме енергија за потрошувачка и транзит, рече Давутоглу.

Оваа изјава на турскиот министер дојде само неколку дена подоцна откако македонскиот парламент го ратификуваше договорот со Руската Федерација за приклучување на земјата кон новиот европски енергетски коридор Јужен поток. Договор со кој и Македонија стана дел од регионалното поврзување кое ќе го направи новиот гасовод. Јужен поток во својата основна траса во должина од 1.455 километри минува низ Бугарија, Србија, Унгарија и Словенија до Италија, а дополнително краци се предвидени и за Хрватска, Република Српска која е дел од БиХ и за Македонија. Но и за Косово и Црна Гора иако се уште не постои одлука од каде тој ќе доаѓа кон овие земји. Со ратификација на договорот Македонија ја искористи шансата да стане дел од регионалното повзување и ја избегна можноста да остане „слепо црево“. Како што беше со години наназад што беше и причина што земјата е една од ретките на Балканот и во Европа, која има речиси никаква потрошувачка на „синиот енергенс“ . Зашто, иако имаме гасовод, тој има минорна улога во енергетскиот сектор во земјата- со мала потрошувачка и која е поврзана со енормно висока цена на гасот.

Искористена шанса

Македонија овој пат ја искористи шансата која претходно ја има пропуштено во време кога се градеше сегашниот гасовод и кога Гаспром сакаше да доинвестира во неговата изградба. И затоа направената физибилити студија за трансформација на ТЕЦ Неготино во гасна централа отана само на хартија, а кракот од Клечовце до Кавадарци неизграден. Уште една ваква шанса не се искористи и кога ЕВН сакаше да инвестира во истото но на крај планираните средства ги пренасочи во Албанија за изградба на хидроцентрали.

И затоа е добро што овој пат Македонија фати приклучок. Оти време за чекање нема. Енергијата е движечка сила на секоја земја и без неа ниедна економија не може да оди напред. И ниедна земја доколку е исклучена од енергетските текови и правци не може да смета на стабилност, не само економска, туку и политичка. Зашто, меѓусебната енергетска поврзаност и со тоа меѓусебна зависност на земјите, носи соработка, а со тоа и мир.

Приклучувањето на Македонија кон Јужен поток отвора нови перспективи. Она што е веројатно најважно, отвора простор за да се дојде до финансиски средства неопходни за да се изгради главната магистрална траса на гасоводот во земјата. Досега, со една гасоводна цевка која има максимален капацитет од 800 милиони метри за тоа немаше шанса зашто, никој не дава парида се изградат цевки низ кои нема да има што да минува.

Нови перспективи

Но не помалку важни се и можностите кои се отвораат земјава да стане транзитен правец и дел од нови инвестиции во регионот. Информациите кои стигаат треба многу внимателно да се следат бидејќи многу често се предзнак дека може да се случи нешто од што Македонија може да има корист. Неодамна на тет-а-тет средба со македонскиот премиер Никола Груевски беше првиот човек на Гаспром, Алексеј Милер. Познавачите на овој сектор сметаат дека оваа посета е предзнак декаи нашата земја е во некои планови на Гаспром. Многу брзо потоа стигна информација за посета на министерот за енергетика на Русија на Албанија и разговори со тамошниот министер за енергетика за инвестиции во енергетиката. Претходно, во моментот кога русија даде согласност за озградба на нашиот крак кодиректорот на аналитичкото одделение на „Инвестафе“ Григориј Бирг за руските медиуми изјавил дека новиот крак во Македонија има добри перспективи.

„Проектот на едно вакво непланирано разгранување може да се рашири заради извоз на гас во соседна Албанија и во Косово, што, пак, може да ја намали цената за Македонија“,рекол Бирг.

Од каде ќе доаѓа кракот за Македонија се уште не е дeфинирано. Иако од Србија пристигаа информации дека ќе доаѓа оттаму, не е исклучено да дојде и од Бугарија и да биде паралелен со сегашниот, што пак остава простор да се надеваме дека можеби потоа од кај нас ќе оди за Косово, Црна Гора и Албанија.

За познавачите многу интересни се и информациите кои пристигаат за плановите на Гаспром за инвестиции во нафтениот бизнис и производството на струја на Балканот. Како особено интересна ја спомнуваат деновиве објавена дека првите луѓе на „Гаспром енергохолдинг“ (ќерка компанија на Гаспром задолжена за производство на струја), и на Нафтената индустрија на Србија (НИС) која е во доминантна сопственост на Гаспромњефт (задолжена за нафтениот бизнис) деновиве во Москва потпишаа меморандум за формирање на заедничка фирма која ќе има исклучително право да инвестира во изградба на гасна електрана ТЕ ТО Панчево со моќност од 208 мегавати. Со произведената струја и со топлинската енергија, како што пренесоа медиумите, ќе се снабдуваат рафинеријата во Панчево која е во сопственост на НИС а станатите количини на струја ќе се пласираат на слободниот. Најновата информација е потврда на претходните дека Гаспром има намера да произведува и струја. И тоа во регионов каде со користење на сопствениот гас и истата ќе ја пласира во Европа. Познавачите велат дека информацијата е „интересна“ за Македонија бидејќи дава простор да се надеваме за можни инвестиции, односно преземања на капацитети и во нашата земја – на ОКТА и на гасната електрана ТЕТО за која Гаспром и претходно на нејзиниот сопственик, риската фрима „Синтез груп“ и нудел соработка. Првиот човек на „Гаспромњефт“ лани изјави дека се заинтересирани за вклучување во приватизацијата на „Хеленик петролеум“ односно за две од трите нејизни рафинерии. Се смета дека станува збор за нашата и за Солунската покрај која исто така има изградена гасна централа. Односно дека на овој начин Гаспром ќе има три рафинерии за нафта со кои ќе го покрива целиот регион и истовремено три гасни електрани - во Панчево, Скопје и Солун со ќе добие капацитети кои заедно ќе можат да произведуваат струја колку една нуклеарна централа.

Оттаму, приклучувањето на Македонија на гасоводот Јужен поток, е вистински потег бидејќи и земјава станува енергетски поврзана со регионот и со Европа и истовремено простор отворен за нови инвестиции во енергетиката кои ни се толку многу потребни.
Коментари
Нема коментари.
 
Архива