портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Една методологија на ООН за идентификување на проблемот со непостоењето на малцински права...
август 2013
доц. д-р Тони
Науновски
-Една методологија на ООН за идентификување на проблемот со непостоењето на малцински права за Македонците во Бугарија, Грција и Албанија-

Поимот автопортрет, може да се супституира со поимот отпечаток на прстот, при што е евидентна предноста на овој поим во однос на поимот автопортрет - отпечатокот на прстот е верен одраз на реалноста, и не може да се фалсификува никогаш, тој е единствен и неповторлив, исто како и реалитетот односно конкретната ситуација/проблем.



Верификуван факт е дека состојбата со почитувањето на малцинските права на Македонците кои живеат надвор од меѓународно признаените граници на својата матична, национална држава, дури и денес, во 21 век, е под секое логично и рационално ниво. Невозможна, во било која смисла на зборот, е компаративна анализа на третманот на малцинските заедници меѓу РМ и другите држави на Балканот (посебно Р. Бугарија, Р. Грција, и Р. Албанија). ОРД (охридскиот рамковен договор) односно актуелниот Устав на РМ е амплифицирање на сите познати конвенции и стандарди за малцински права, до ниво на самодеструкција на системот на државата. Наспроти ОРД, во соседните држави на Р. Македонија малцински права практично и нема, бидејќи Македонското малцинство (и другите) воопшто не е признаено и идентификувано како реален факт и врз основа на тоа заштитено со законски механизми. Од тие главни причини, една од задачите на Македонската политикологија е лоцирање и предлагање на методологија која е верификувана од ОН (и други меѓународни организации кои соработуваат со бројните институти и потсистеми на ОН), со чија употреба ќе се реализира конечно признавање на „фактите на теренот“ односно иницирање на процес за имплементација на меѓународните стандарди во споменатите држави. Еден од можните и веќе практикувани модели за активност во тие насоки, е т.н. PAR методологија, конципирана преку WSP проектите (WAR-TORN SOCIETIES PROJECT) на ОН, чија примена во овој сеуште незапочнат процес може да биде многу ефективна и да резултира со објективни заклучоци кои ќе го определуваат политичкиот дискурс (сеуште клучен и за реализација на стандардите за малцински права).

По прегледот и анализата на теоретските постулати, клучните принципи, цели и претпоставки на WSP, како и на елаборатите произлезени од емпириската, практична имплементација на методологијата, легитимно може да се издвојат неколку клучни поенти и потоа да се формулираат како заклучоци за можна трансформација на истата во контекст на проблемот на Македонското малцинство во соседните држави на РМ. Така, во бројните и високо квалитетни презентации на концептуалната основа и проектираните цели на WSP, како и преку компарација на досега имплементираните проекти, често може да се сретне идејата дека конкретните, партикуларни перспективи - со сите комплексни начини на нејзино манифестирање - се инкорпорирани како централен принцип кој се почитува не само при изборот на земјата во која ќе се започне со WSP проектот и истражувањето на можностите за успешно имплементирање на целиот проект, туку и во сите останати стадиуми на WSP проектот. Имено, WSP проектите апсолутно аргументирано се конципирани врз основа на мислењето дека реалноста на една земја може автентично да се доживее, сфати и интерпретира на најцелосен начин единствено од луѓето кои живеат во таа реалност.

Инсајдерската перспектива е најадекватен начин за истражување на реалноста односно на сите фактори - било да се тоа објективни или пак оние кои можат неодредено да се означат со синтагмата мотивациски комплекс – кои се објективно релевантни за конфликтната ситуација во однос на непостоењето на малцинските права. Значи, не се наметнува цврста, апстрактна методологија а уште помалку некакви содржински прескрипции на проектите во конкретните земји, туку единствено се презентираат генералните методолошки и методски процедури кои се формулирани (но не во некаква императивна форма) стриктно врз основа на емпириските сознанија од веќе реализираните проекти. Во таа смисла, тие методи се отворени за дополнување, преформулирање и нивно модифицирање со цел истите да бидат уште поефикасни за време на нивните нови, конкретни имплементации. Универзално прифатлива и без никакво сомневање продуктивна во сите специфични контексти е т.н. партиципативна методологија (PAR METHODOLOGY), која иако како концепт има долга историја, во светлината на реалноста во 21 век стекнува нови, практични значења.  

Исто така, и процесот на пишување на т.н. COUNTRY NOTE односно предложените начини преку кои вообичаено се пишува овој, како што најчесто се нарекува, автопортрет на земјата (во случајов за состојбата на малцинските права) е безрезервно прифатлив, иако, во одреден контекст, овој израз не е најсоодветен на идејата што би требало да претставува COUNTRY NOTE (бидејќи автопортретот во суштина непосредно зависи од персоналните квалитети на оној кој го прави автопортретот, што значи дека автопортретот изгледа така како што ќе го нацрта-напише авторот а притоа влијанието на многу фактори може значително да ја фалсификува „автентичната“ слика на предметот). Поимот автопортрет, може да се супституира со поимот отпечаток на прстот, при што е евидентна предноста на овој поим во однос на поимот автопортрет - отпечатокот на прстот е верен одраз на реалноста, и не може да се фалсификува никогаш, тој е единствен и неповторлив, исто како и реалитетот односно конкретната ситуација/проблем. Секако, тоа истовремено не значи дека предложените процедури на изработка на  COUNTRY NOTE се недоволно концептуализирани, ниту пак дека останатите елементи содржани таму не се функционални. Така, и покрај фактот кој говори дека начините преку кои се стекнува аргументативната и информациска основа што потоа се неодминлива инстанца за COUNTRY NOTE во рамките на предложените методски прескрипции се детално обработени во сите релевантни аспекти, сепак, тие не се прецизни во следнава смисла. Имено, синтагмата луѓето ја пишуваат COUNTRY NOTE е навистина квалитетен методски принцип кој ја рефлектира интенцијата на WSP проектите за непосредна партиципација односно слушање на, така да се каже, гласот на народот или, сеедно, на припадниците на етничките заедници кои немаат Уставни малцински права. Исто така, вообичаена постапка на тимот во земјите каде што се реализираат проектите  е консултирањето или инволвирањето на експертите во целиот процес, посебно кога станува збор за овој стадиум од севкупниот проект.

Меѓутоа, проблемот се појавува во мигот кога комбинацијата од мислењето на луѓето и она на тимот односно екстерно ангажираните експерти добива димензии на инкомпатибилност, па оттука COUNTRY NOTE сепак, треба да содржи доза на креативно надминување на постоечките конфронтирачки капацитети кои најчесто се присутни на повеќе нивоа од општествено-политичката стварност. Трансцендентната перспектива - онаа која иманентно се издигнува над постоечката ситуација и ги обединува позитивните разлики без да ги укине (напротив, ги интегрира на едно повисоко ниво) - е една од главните поенти на WSP проектите.

Едно од местата каде што се појавува мала но сепак во извесни аспекти значајна разлика помеѓу досегашните, веќе реализирани проекти на WAR-TORN SOCIETIES PROJECT односно помеѓу спецификите на оние држави каде е имплементиран овој проект а кои суштински ја рефлектираат не само фактографијата (која во секој случај е инстанца sine qua non) туку и нејзината длабока стварност и начините на нејзиното функционирање, е состојбата со секторот кој се нарекува граѓанско општество или, уште поконкретно, состојбата на НВО секторот на Балканот, а посебно во државите кои не ги почитуваат малцинските права на Македонците. Улогата и влијанието на бројните невладини организации во секој поединечен случај се разликува.

Од оваа перспектива, силно развиениот сектор на дејствување на невладините организации - со несомнено огромен број на успешни проекти и позитивни влијанија на повеќе нивоа на општествено-политичката сфера, конечно и на субјективно ниво - сепак не успева да се координира меѓусебно во функција на дисперзирање на своето влијание, ниту пак да пенетрира директно внатре политичките институции односно политичките елити кои реално ја поседуваат политичката моќ преку која се определуваат главните насоки по кои се реализираат повеќето аспекти од општествено-политичкиот живот. Иако во теоријата која се занимава со проблемите на односот помеѓу т.н. граѓанско и/или цивилно општество со функциите на државата односно политичките институции генерално е прифатено мислењето дека постои одредено ниво на структурална интеракција помеѓу нив, се чини дека, во многу случаи, реалноста го демантира ова тврдење. Имено, и покрај упорното инсистирање на НВО за нивно поголемо учество во процесите на донесување на одлуки кои имаат големи последици за т.н. свет на животот (посебно на Балканот) речиси без исклучок нивните иницијативи во таа насока се отфрлувани од политичкиот естаблишмент.               

Во оваа концизна компарација на капацитетите за апликација на искуствата и принципите на WSP и соодветната методологија на Балканот трансформирана за потребите од воспоставување на малцински права за Македонците, битна е и димензијата на аналитичката процедура односно нејзината квалитативно-квантитативна поставеност во однос на самата реалност која се поставува како предмет на интерпретативниот проект. Станува збор за изборот на аспекти преку кои реалноста се диференцира и потоа аналитички се истражува. Комплексноста на реалноста е онтолошки факт кој секогаш треба да биде регистриран и почитуван - симплификацијата најчесто е фалсификување на тој непредвидлив, сложен преплет на димензиите на реалитетот, животот и интеракциите помеѓу нив кои се навистина исклучително комплицирани, со безброј можни комбинации. Како и за некои други аспекти, и во овој случај е евидентно дека изборот на приоритетните сфери и нивно организирање според степенот на нивната важност за конфликтната ситуација (посебно за надминување на проблемите кои објективно имаат најголема улога за формирање и развивање на националистичка свест во негативна смисла на зборот) непосредно зависи од самата реалност, од земјата и луѓето кои живеат во неа. Во таа смисла, резултатите од компаративната анализа на реализираните проекти и проценката на елементите кои би можеле да се трансферираат во проекти во оние држави кои не ги имплементираат бројните меѓународни конвенции и препораки за малцински права, во овој контекст, покажуваат дека во зависност од конкретните ситуации се менуваат, сосема логично и очекувано, и аспектите кои се перцепираат како места кои го стимулирале (а понекогаш директно и го продуцирале, барем во оној објективен дел, проблемот), и со тоа блиску поврзаната проекција на ефикасните начини и методи со кои би се надминале проблемите. Секаде е задржана концепцијата на спецификите како клучен репер за успешно реализирање на проектот. Лоцирањето на тие места (topoi) нималку не е едноставно бидејќи спецификите и колективната митологија, историска свест итн. иманентна на различните нации/народи кои живееле и живеат на Балканот е различна, и таму е дел од причините за ваквиот однос кон Македонското малцинство.

Референци:

MATTHIAS STIEFEL and MARSHALL WOLFE-A VOICE FOR THE EXCLUDED, popular participation in development - utopia or necessity?,zed books ltd.,London and New Jersey,1994.

AN OVERVIEW OF WSP EXPERIENCE,WSP INTERNATIONAL, Geneva, November, 2001



 
Коментари
Нема коментари.
 
Архива