портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Зеленски – лидер, марионета или комичар
април 2022
Синиша
Пекевски
Голем број медиуми, претежно западни, го глорифицираат  украинскиот претседател Зеленски и го издигнуваат во небесни височини. како голем лидер и како човек што бескрајно ја сака и води својата земја. Но дали е навистина се’ така и дали Зеленски ги заслужува таквите херојски ловорики на Западот?



Војната во Украина го исфрли на површина претседателот на Украина, Володомир Зеленски, кој ги собра симпатиите во јавноста и му даде нова улога - како личност која е на браникот на Украина и човек кој не потклекнува под големината и силата на Русија. Голем број медиуми, претежно западни го глорифицираат и го издигнуваат во небесни височини како голем лидер и човек што бескрајно ја сака и води својата земја. Но дали е навистина се’ така и дали Зеленски ги заслужува таквите херојски ловорики на Западот?

Влијателниот весник „ Волстрит џурнал“ напиша дека на 19 февруари германскиот канцелар Олаф Шолц,( значи 5 дена пред почетокот на инвазијата) му понудил на претседателот на Украина, Володимир Зеленски шанса за постигнување мир со Русија преку прогласување на неутралност на земјата. Со тој предлог Украина требаше да се откаже од своите аспирации за НАТО и да прогласи неутралност како дел од поширокиот европски безбедносен договор меѓу Западот и Русија, а гаранција на договорот да бидат Владимир Путин, претседателот на Русија и Џо Бајден. претседателот на САД. Оваа понуда украинскиот претседател Зеленски ја одбил, со што ја уништил шансата за спогодба меѓу Москва и Киев, и со тоа по 5 дена започна руската инвазија врз Украина.

Со ова се поставува прашање дали претседателот на Украина е нечија марионета или едноставно верувал на своите советници, служби, западни пријатели кои го убедувале или уверувале дека Русија нема да изврши агресија врз Украина и дека воените вежби на руската армија на границата со Украина и во Белорусија е само притисок и покажување на надмоќ, која реално нема да се ефектуира во реалноста и дека тоа се празни закани. Но 5 дена подоцна реалноста го демантираше, за жал на граѓаните на Украина кои најмногу страдаат, во буквална смисла.

Претседателот на Украина направи ненадоместливи грешки кои скапо ја чинат државата, најмногу во човечки животи, а потоа и во материјална штета. Речиси е неверојатно како си дозволи од една средно развиена држава да се претвори во разурната земја, која се врати, би рекол 100 години назад, и се’ тоа за 40 дена. Неверојатно е тоа што разузнавачките служби на Украина немале информација дека Русија се подготвува да изврши инвазија и дека воените вежби што се правеа покрај нивната граница се обични блеф-вежби. Уште пострашна е и неговата верба дека некој друг (НАТО) ќе го заштити и нема да дозволи да се изврши инвазија врз неговата земја. Претседателот како институција има моќ да носи големи одлуки кои носат бенефит за него во секоја смисла, но носат и обврски кон граѓаните, да ја штитат државата, да превенираат конфликти и да изнајдат начин потенцијалните конфликти да се решат на мирен и најбезболен начин. И тука е најголема грешка на Володомир Зеленски што ја одведе својата земја во војна, наместо конфликтот да го реши на маса и да спречи уништување на земјата со потпишување на една декларација за невлегување во НАТО, која секако на крај ќе ја потпише заради склучување на мир. Да го стореше тоа навреме, поголема е веројатноста дека ќе ја задржеше целовитоста на Украина, а како што минува времето и ескалираат воените дејствија - најверојатно ќе остане без одреден дел од земјата.

Развиените земји веднаш се справуваат со грешките на своите високи фунционери, па така шефот на француската разузнавачка служба, генерал Ерик Видо остана без работа, бидејќи не ја предвидел руската војна во Украина. За разлика од Украина - каде истите советници и шефови се уште се на своите позиции.

Со ова се отвори и дилемата за тоа какви личности треба да се бираат за претседатели на држави, кои секако мора да носат тешки одлуки што имаат огромно и ненадоместливо влијание врз животите на граѓаните. Дали е доволно некој само да е популарен во јавноста заради професијата која ја има, (комичар), или треба да има и квалитети кои содејствуваат со улогата на претседател или лидер на една земја. Дали безусловно секој треба да има можност да се занимава со политика и да ја претставува државата во меѓународните односи, или треба да се постават правила и критериуми за оние со амбиции во политиката. Демократијата има многу предности, но сега покажува и дека има многу недостатоци. Се појасно се покажува дека некои процеси значително ќе се променат, а сепак најмногу ќе страда демократијата.

Војната во Украина беснее веќе 40 дена и нема сигнали кои укажуваат на крај на руската агресија. Напротив, ситуацијата се повеќе се комплицира. Случувањата во малиот град Буча и големиот број  убиени граѓани од таа област, за кои украинскиот претседател Зеленски тврди дека е извршен геноцид од страна на руската војска, дополнително ги намалува шансите за постигнување скорешен мир, толку потребен за жителите на Украина, но и посакуван од остатокот на светот.
Коментари
Нема коментари.
 
Архива