портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Македонија кон ЕУ – искушенија низ предизвиците за Унијата во Украина
февруари 2022
Оливер
Андонов
ЕУ не смее да си дозволи „екскурзија“ со неприфаќање на Македонија во нејзините прегратки. Тоа е всушност единственото можно решение за да се спречи „повторување на историјата како катаклизма“. Македонија не треба повторно да биде жртва на погрешните политики, попустливост, неснаодливост или преокупираност на Европа



Да се анализира пристапот на Македонија кон Европската Унија низ призмата на ескалација на ризиците и заканите во Украина и актуелната безбедносна состојба, бара да се излезе од симплификацијата на директните влијанија на кризата околу Украина врз Македонија. Впрочем, кризата во Украина нема многу директни влијанија врз Македонија од аспект на нејзиниот пат кон ЕУ. Секако, Македонија и Украина имаат многу сличности, особено во однос на неизграденоста на институциите на системот, корупцијата на сите нивоа, а најмногу со високата корупција во власта, интересите на Русија и многу други прашања според кои можеме да ги споредуваме двете земји.

Искушенијата за Македонија на патот кон ЕУ се поврзани со интересите на европските држави кон Украина и кон Русија, како и од нивните внатрешни собитија на политичката и економско-енергетската сцена, а истите се рефлектираат врз Македонија и нејзиниот пат кон ЕУ. Токму затоа и рековме дека овие влијанија на предизвиците не може да се симплифицираат, туку се искушенија за целата ЕУ и особено за поедини држави-членки на Унијата, како на регионално ниво, така и пошироко. Односите на земјите- членки на ЕУ кон таканаречената „украинска криза“ се споредливи со односите НАТО-Русија, за кои веќе пишувавме. Доколку се сеќавате, кажавме дека односите НАТО-Русија не се исклучиво на релација САД-Русија и дека тука има многу испреплетени интереси на други земји-членки на НАТО. Тоа евидентно ни го покажаа и интересите на Франција и на Германија во врска со „украинската криза“ и нивните директни комуникации со Русија, односно директните комуникации со Русија и на други земји-членки на ЕУ. Притоа, интересот за Украина и предизвиците за безбедноста на земјите-членки на ЕУ не беа насочени исклучиво кон оваа земја. Во основа ризиците и заканите кон кои се насочени земјите- членки на ЕУ се поврзани исклучиво со загрозувањето на нивните интереси.

Тоа е теориската и практичната основа на една анализа поврзана со патот на Македонија кон ЕУ и можеби реторичко прашање кое си го поставуваме: Дали ЕУ ја заборави Македонија поради кризата во Украина? Убеден сум дека ЕУ не ја заборави Македонија, поради што реторичкото прашање треба да го конкретизираме како: Дали ЕУ не се снаоѓа најдобро и нашите соседи, членки на ЕУ ја злоупотребија кризата во Украина за да создадат пречки на Македонија кон ЕУ?

Ова е почетокот на анализата кога е во прашање патот на Македонија кон ЕУ и предизвиците за ЕУ од Украина. Тука главен протагонист во овој миг е Бугарија, која е свесна за интересите на поголемиот дел од земјите-членки на ЕУ во однос на кризата во Украина и во тој контекст за нивните односи со Русија, со силни импликации врз внатрешно-политичките случувања, економско-енергетските прашања и односите помеѓу земјите во ЕУ. Бугарија го користи овој момент на преокупираност или дефокусираност на влијателните земји-членки на Унијата, и креира свои позиции. Токму Бугарија, во услови на разединетост на сопственото општество во врска со кризата во Украина, а од многу јасни причини на историска определеност и долг, се обидува целата надворешно-политичка заинтересираност да ја префрли врз Македонија. На тој начин продолжува со етно-политичката мобилизација на сопствените граѓани во однос на Македонија, го дефокусира јавното мислење од „украинската криза“ и го насочува кон друг „животно важен“ проблем. При тоа, го минимизира значењето на сопствените енергетски афери поврзани со набавката и продажбата на гас од страна на Булгас и на крајот ја испреварува Унија во нејзините внатрешни односи, оставајќи го креираниот проблем со Македонија како долгорочен проблем на Унијата. Во целата оваа игра, Бугарија уште најбезобразно од страна на државни „фактори“ го потенцира „проруското влијание“ во Македонија. Од каде сега ова, ќе се запрашаме? Подолу во анализата ќе го објасниме овој „феномен“ преку кој наводно Бугарија ја брани ЕУ од „проруската Македонија“.

Така, Македонија божем „заборавена“ од ЕУ поради нејзините големи геополитички искушенија во Украина и нејзината улога на глобален актер, посредно и непосредно го чувствува влијанието на „украинската криза“ врз свој грб на еден исклучително перфиден начин, чии последици е тешко да се предвидат, а решение е тешко да се изнајде брзо, иако е на дофат.

Сублиматот на влијанието на кризата во Украина врз евроинтегративните процеси на Македониј,а покрај неочекуваната енергетска криза со која се судрија европските држави, пришто е сосема нормално „очите“ на ЕУ да се свртени кон многу поважни нешта отколку кон политиката за проширување и во тој контекст дадените ветувања кон Македонија, треба да се анализира низ три клучни аспекти и тоа:

Прв аспект – ЕУ со несреќната ковид-пандемија се доведе во состојба да ја наруши кохезијата помеѓу членките. Борбата која секој сам си ја водеше по принципот „кој како знае и умее“, за да се спротивстави на пандемијата, не утврдувајќи јасни унифицирани постапки ја наруши основната парадигма на ЕУ - солидарноста и поврзаноста. Кога кон ова ќе ја додадеме неочекуваната енергетска криза, потоа поврзаноста со „украинската криза“ која стана иницијална каписла за внатрешно разногласие, очигледен резултат е дека ќе настрадаат процесите на проширување кои зависат од политиката на секоја земја-членка. Ова е силен индикатор кој укажува на потреба од промени во процесот на одлучување во ЕУ, секако првенствено во контекст на проширувањето.

Втор аспект – тоа е Бугарија, за што нешто кажавме погоре. Бугарија во изминатиот период од повеќе причини, пред се внатрешно-политички, но и гледано од повеќе аспекти се најде помеѓу чеканот и наковалната. Парламентарна криза која траеше подолго време, три изборни процеси во една година кои дополнително ја исцрпеа и така не толку економски моќната Бугарија, подолготрајниот интеррегнум и на крајот и „украинската криза“, речиси целосно го изместија бугарското општество. Украинската криза дополнително и целосно го подели бугарското општество, пред се поради „вечната дружба“ со „големиот брат“ Русија, односно сеприсутното русофилство. Доколку кон ова се додадат поразителните бројки од пописот и големото ниво на корупција, посочено од ЕУ и САД (Ќувеши и законот Магнитски), очигледно дека за да се „смират страстите“ требаше да се најде „издувен вентил“ или дефокус на јавноста. За тоа е тука секогаш „најромантичниот дел од бугарската историја“ - Македонија. Притоа, освен како флоскула која се повторува, никогаш јасно не беа потенцирани кои „бугарски национални интереси“ би се загрозиле  со членство на Македонија во ЕУ.

Трет аспект – е самата внатрешно-политичка состојба во Македонија. Македонија непотребно влезе во парламентарна криза и нова влада, со што го прекина, или најблаго кажано, го пролонгира континуитетот на преговори со Бугарија. Односно исто како и Бугарија влезе во интеррегнум кој се искористи од страна на разни евроскептици за промоција на национализам и „загриженост“ за македонските национални интереси. Секако ова е поттикнато од дневно-политички интереси, а поради што влеговме во вулгарната игра која ја наметна Бугарија вклучувајќи се со сите сили во копањето на бездната меѓу двата соседи со исти историски судбини. Освен ова, македонските власти никогаш не разбраа дека исполнувањето на ЕУ-критериумите се наша внатрешна работа заради подобар демократски капацитет и живот на граѓаните, а не надворешна обврска.

Во овој контекст потребно е да се согледа и одложувањето Украина да се доведе во состојба на пристапување кон ЕУ, а како супститут за пројавениот интерес за членство во НАТО што беше основа за руско спротивставување и една од причините за моменталната криза, секако заедно со сите оние недостатоци кои ги наведовме на почетокот.

Генерално земено, ЕУ покажува солиден капацитет за употреба на таканаречената „мека сила“, но исклучиво при посветено справување со еден проблем или предизвик. ЕУ покажа недостиг на капацитет за менаџирање на ризици и закани, односно предизвици преку таканаречена „тврда моќ “ и истовремено менаџирање на повеќе предизвици дури и во својот безбедносен простор. Ова е показател кој многу бргу треба да ја алармира Унијата за потребата од сериозни промени по многу прашања: вклучително и правото на вето, употребата на цивилните и воените капацитети на Унијата, поврзаноста со договорот „Берлин плус“, економски, енергетски и други прашања кои се во рамките на континуираните ризици и закани врз целата Европска Унија.

На сметка на оваа констатација, имајќи го предвид „мекиот стомак на Европа“ и притоа сите нерешени прашања на Балканот, ЕУ не смее да си дозволи „екскурзија“ со неприфаќање на Македонија во нејзините прегратки. Тоа е всушност единственото можно решение за да се спречи „повторување на историјата како катаклизма“. Македонија не треба повторно да биде жртва на погрешните политики, попустливост, неснаодливост или преокупираност на Европа.

Коментари
Нема коментари.
 
Архива