портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Безбедносните предизвици од односите помеѓу НАТО и Русија
јануари 2022
проф. д-р Оливер
Андонов

При создавањето на една  геополитичка анализа би било потполно погрешно доколку односите НАТО-Русија и нивното безбедносно влијание ги симплифицираме исклучиво на односите (секако и интересите) на релација САД-Русија. 




Да се направи една анализа на односите помеѓу НАТО и Русија, а при тоа да се зборува за безбедносните предизвици кои произлегуваат од овие односи не е воопшто едноставно, бидејќи пред се е неопходно да се направи сублимација на интересите, односите (практичните релации), меѓусебните безбедносни предизвици и влијанијата на регионално и глобално ниво, а при тоа да се задоволат барањата за големината на еден ваков текст и да се задржи неговата концизност.

НАТОкако воено – политички сојуз во својот состав вклучува триесет држави од Европа и Северна Америка, од мали и на геополитичката сцена безначајни држави од политички и од воен аспект, па се до држави-суперсили, големи сили, геополитички или регионални актери, особено во подрачја кои граничат со Русија или региони во кои се судираат со таканаречениот „руски свет“, односно интерес на Русија.


Русија е голема сила, со големо историско и империјално искуство наследено од царска Русија и СССР, а преточено во воено-политичкиот сојуз формиран по распадот на СССР, токму со најголемиот број на држави поранешни републики на СССР каде е неприкосновено влијанието на руската држава. Русија е со исклучително големо влијание во Европа, Блискиот Исток, Кавказот па се до Далечниот Исток, а особено со големо влијание преку користењето на скоро неисцрпните енергетски ресурси во политички цели.


САД како супер сила и водечка сила во рамките на НАТО е всушност основниот и сериозен опонент на Русија на геополитичката сцена. Преку тенденцијата за проширување на НАТО преку вклучување на нови земји во сојузот, НАТО се приближува и зацврстува на границите на Русија.


При создавањето на една ваква геополитичка анализа би било потполно погрешно доколку односите НАТО-Русија и нивното безбедносно влијание ги симплифицираме исклучиво на односите (секако и интересите) на релација САД-Русија. Задолжително и неопходно е да ги имаме пред вид и улогата, интересите и влијанијата на Велика Британија (како империјална голема сила со директно влијание во ООН), како и Франција, а секако во однос на европскиот безбедносен простор не смееме да ја изоставиме ниту Германија. Сите овие држави, големи сили или регионални сили имаат свои, честопати и спротивставени интереси во НАТО, особено во однос на поедини региони, економски интереси, допир до ресурси или едноставно влијание, па така секоја од нив има свои специфични односи и интереси кон и со Русија. Сето тоа влијае врз формирањето на интересите на НАТО во односите со Русија и безбедносните импликации во повеќе региони и геополитички.


Имајќи ги овие основни позиции на интерес за влијание, односно влијанието на двата најголеми геополитички центри на моќ (Вашингтон и Москва) кои според својата филозофија на употреба на моќта и целите и интересите кои сакаат да ги остварат, се дијаметрално спротивни и според тоа и спротивставени.


Интересот на Русија на прво место е традиционален, а тоа е да има пристап до таканаречено „топло море“, односно од економски и воен аспект да има бази во пристаништа на топли мориња, пред се на Средоземното море, а поради што и е потребно да ја има Турција на своја страна поради протоците, но и да има стабилен партнер на Блискиот Исток кој го гледаме во лицето на Сирија и транспорт на енергенти. Вториот традиционален интерес на Русија е постојано да има територијална „бафер зона“ кон земјите членки на НАТО, односно да нема НАТО сили директно на границите на Русија. Овој интерес беше нарушен и покрај првичниот договор од времето на Горбачов, а преку влегувањето во НАТО на Балтичките држави. Нарушувањето на овој витален интерес на Русија, предизвика нејзини реакции за спречување на други такви можности преку вмешување во состојбите во Украина, во Грузија и други држави од поранешниот СССР кои Русија ги смета како своја неприкосновена зона на интерес и влијание, како и со други политички активности во односите со поедини држави, членки на НАТО.


Во исто време, САД се убедени дека главен и традиционален противник на геополитичката сцена за нивната политика на униполаризам е токму Русија.  Во овој контекст, САД се обидува да остане на пиедесталот на единствена суперсила која ќе дозволи регионален мултиполаризам, но со неприкосновено влијание на САД што би значело само модификација на изразениот униполаризам од деведесеттите години од 20-от век и првата деценија на 21-от век преку практична примена на „strong power“ и „soft power“ во односите на регионално ниво и намалување на влијанијата на Русија.


Оттука, односите на НАТО со Русија се во сенката на интересите на САД и нивните односи со Русија, но и интересите кои Русија ги има првенствено во граничните региони со државната територијата на Русија и оние региони кои се од значење за Русија. Притоа, треба да се има предвид дека Русија ги користи и поттикнува одделните регионални кризи заради намалување на директниот притисок врз своите граници, или регионите од исклучителен интерес за неа, префрлајќи ги кризите на други невралгични подрачја. На тој начин безбедносните ризици особено на територијата на Европа, во европскиот безбедносен простор претставуваат сериозна закана за Европската Унија и за земјите-членки на НАТО од Европа, односно ја намалуваат перцепцијата или поточно посветеноста на НАТО надвор од своите граници (земји-членки), а создаваат и дополнителни внатрешни несогласувања помеѓу влијателните земји-членки на НАТО околу нивните интереси и односи со Русија. Ова и одговара на Русија за да може полесно да биде глобален актер и на прво место да врши притисок врз САД (а со тоа и врз НАТО) за враќање на состојбата со проширувањето на НАТО на позициите согласно договорот Буш-Горбачов, пред распадот на СССР. Токму од овие причини под најголем безбедносен ризик во односите НАТО-Русија се балтичките држави и секако Украина. Доколку се сеќавате, „распадот“ или влегувањето во долгорочна криза на Украина започна кога Украина јасно ја декларираше својата волја за членство во НАТО. Доколку тоа се оствареше Русија во „широк фронт“ на своите западни граници ќе граничеше директно со НАТО.


Оттука, несомнено е дека тензиите на релацијата НАТО-Русија и безбедносните закани од геополитички и регионален аспект, ќе бидат долгорочни и со различен интензитет од создавање на политичка нестабилност, преку употреба на енергентите како потенцијал за криза, па се до вооружено насилство, но без тенденција да прерасне во отворен директен воен судир помеѓу НАТО и Русија. НАТО нема интерес да влезе во еден таков судир без некоја голема потреба, а таа може да биде само директен напад од страна на Русија врз некоја земја- членка на НАТО. Во исто време Русија нема потреба да изврши агресија врз земја членка на НАТО и да провоцира одговор од НАТО кој може да предизвика големи штети врз Русија. Останува само прашањето на завршувањето на кризата во Украина, чија отвореност и одговара на Русија. За очекување е дека и по евентуалното завршување на кризата, состојбата во Украина никогаш нема да биде иста, како впрочем ниту границата со Русија. Затоа може да се очекува долгорочно статус кво во однос на Украина и воопшто на постојаната „голема игра“ помеѓу НАТО (САД) и Русија и нејзиното влијание врз глобалната и регионалната безбедност, особено на Балканот.


За улогата на другите актери, како земји- членки на НАТО во односите со Русија и нивните интереси, а врз кои исто така Русија врши притисок преку различни влијанија, но и самите тие играат двојна или тројна игра кон своите партнери во НАТО, кон Русија и во поедини региони потребна е посебна анализа.


 


Коментари
Нема коментари.
 
Архива