портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
ГРУЕВИЗАМ & ВУЧИЌИЗАМ
март 2019
Зоран
Иванов
Препуштен на сопствениот избор за меѓународна изолација и на се полутата опозиција и на се погневениот народ, идентично како и македонскиот екс премиер, српскиот претседател самиот се смести на лизгавата политичка удолнина од која запирање нема.

Српскиот современ вожд не сака или не умее да види дека упадот во македонското собрание беше упад за подршка на режим, а дека упадот во српската радио телевизија беше упад за рушење на режим.



За овдешната читателска публика темава за српскиот претседател не е посебно атрактивна ама е податлива како споредбена појава за настани во двете соседни земји.

Од Александар Вучиќ често цитираните овдешни случувања и неговите обвинувања дека Скопје е некаков команден центар за негова политичка демисија, упатуваат на една, две размисли. Прво, за македонската актуелна политичка гарнитура комплимент е Вучиќ да ја гледа како негов противник. Второ, исто така, комплимент е политичар со дикататорски манири со кои раскошно и слаткоречиво тој располага, актуелнава политичка Македонија да ја доживува за креатор на неговото уривање од власт.

Идентично како Груевски и Вучиќ завладеа со се во Србија. Со сите медиуми во кои нема странски капитал. Со институциите исто така. И со се што на било кој начин е или државно или во било која форма е под државна буџетска контрола. Како и експремиерот на Македонија така и актуелниот претседател на Србија, маркетиншкиот медиумски популизамот го наметна како пракса која му обезбедува децениско владеење. И Вучиќ исто како и Груевски мисли дека со балкански итроштини, со седење на две, три столици, ќе ги манипулира големите играчи во Брисел и Вашингнтон, а при тоа дома да не ефектуира ниту демократски ниту економски резултати. Актуелната српска политика упорно одбива да се помири со фактот дека во сегашниве меѓународни околности и Москва не му е наклонета. И таа има свои вековни стратегиски калкулации. Има други приоритети како Крим, Украина, Кавказот и дека во актуелните меѓнародни околности како политички партнер Србија не е во нејзиниот приоритетен круг. Моделот и начините на уривањето на режимот на Груевски, сега Вучиќ ги препознава како алатки на влијателни надворешни фактори и тајни служби за справување и со неговата непослушност. Во таа аналогија тој виде сценарио за негово политичко катапултирање во непопуларниот дел на историјата.

Секако, протестите во Србија засега се само нукулец кон враќање на демократијата во таа земја. Ги предводат интелектуалци и дел од социјално средниот граѓански слој. Иако економски најзагрозено српското селанство и работништво уште тешко се покренува. Хипнотизерската популистичка политика на неприкосновениот српски владетел си го стори своето. Во тамошното општество се уште нема авторитетна сила која дополнително ќе ги дорастревожи огромнот број незадоволни граѓани. И српската политичка алтернатива е без јасно утврдени ставови за клучните теми како што се неостварливата идеја за размена на територии, за конечното признавање на Косово и за интеграциските НАТО и ЕУ понуди. Но процесот е почнат и запирање нема.

Александар Вучиќ е на власт и тој се уште смета на инертноста на меѓународната заедница. Уште колку ќе го одржува таа ситуација малку е рано да се каже. Каков ќе е епилогот, што ќе изродат овие почетоци на српските граѓански протести, кои личности ќе се устоличат за нови водачи, најверојатно ќе се знае веќе кон крајот на оваа година.

Загубен во косовската политика ни ваму ни таму, српскиот претседател, не успеа ниту да го признае својот нов сосед, ниту пак е во можност да му обезбеди автоноимија на тамошното српско население. Неговата изолационалитичка прагма и особено неискреноста спрема Брисел, неминовно го смести повеќе во рангот на венецуелскиот Мадуро, на пример, отколку на унгарскиот Орбан. Таквата негова бесперспективна груевистичка политика го препушти беспомошно да се препелка во сопствената креација на српските политички и економски проблеми. Вучиќ како ништо да не научи од практиките од времето на подемот и особено од времето на падот на својот политички побратим Груевски. Со неговиот вкоренет национализам како задоцнет пубертет, овој пост милошевички кадифен српски вожд продолжи да негува игнорирање на меѓународните сигнали. Ја потцени моќта на косовските подржувачи во Вашингтон и не го процени реално можниот интерес на Москва за него.

Заслепен од нарцисоиднос, од сопствената препотентност и арогантност, од сопствените популистички манири чии огледалски рефлексии катадневно како политичка величина му ги сервираат неговите медиуми, Александар Вучиќ, исто како и Никола Груевски, навреме не ги согледа посветеноста и вонредните напори на меѓународниот фактор заинтересиран за Балканот. Игнорирајќи ја кооперативноста и  тој остана во минатото. Не извлече поука, не ги разбра и, евидентно е, погрешно ги протолкувал и скопските настани. Идентично како и македонскиот експремиер, не забележа дека популистичкото и деспотски дизајнираното владеење е де моде. И нему, исто како и на Груевски, по некој Орбан му го мати умот. Како и неговиот македонски колега по моќ и тој не гледа дека Србија не е ниту Русија, ниту Турција, најмалку САД или Кина, а башка е во Европа.

Вучиќ и Груевски добро се разбираа. Прктикуваа идентични замајувачки  политики. Едниот го убедуваше едниот народ дека е библиски, другиот го убедуваше другиот народ дека е небески. Ние со длабоки лузни излеговме од кориците на најстарата книга на светот. Сега тоа ќе треба да го сторат и тие. Од небеските пространства, колку е тоа можно, побезболно да се спуштат на земја. Зашто, еднаково како и Македонија до пред падот на Груевски и денешна Србија со актуелниот Вучиќ се уште се вози по беспатие. Талка со застарениот популистички и националистички воз кој никако да застане на европскиот колосек. Отсуството на тоа чувсво за еволуција, за движење, за ментални реформи во практикувањето на демокраската политика, малку порано или  нешто малку покасно, но сепак многу бргу, идентично како што тоа му се случи и на Никола Груевски, неминовно ќе му се случи и на Александар Вучиќ. Прво тоа ќе го чини дополнителна изолација од неговата деспотска политика, а потоа и демисија од неговата претседателска функција.

Брисел преку Вашингтон или Вашингтон преку Брисел сеедно, му ја откажуват кооперативноста на српскиот претседател. Тој доби корпа и во неодамнешната посета на Путин на Белград. Најавувана помпезно како ослободување од западниот притисок врз Србија, мудриот руски лидер ден порано си замина дома оставајќи го својот домаќин со прстот в уста во однос на косовското прашање. Тој требаше однапред да знае дека наспроти агресивната американска политика на Балканот, на сметака на други за неа многу поважини стратегиси интереси, Москва нема да влегува во жешкиот рафален оган меѓу Белград и Приштина. Препуштен на сопствениот избор за меѓународна изолација и на се полутата опозиција и на се погневениот народ, идентично како и македонскиот екс премиер, српскиот претседател самиот се смести на лизгавата политичка удолнина од која запирање нема. Приближно како и Груевски во последниот мандат од неговото владеење, така сега и Вучиќ го губи компасот дома па за својата сегашна политичка положба вината ја бара во мрачните непријателски сили однадвор. Притоа, базата за неговото уривање ја лоцира во Скопје. Овдешните домаќини широко ги отвориле вратите за меѓународната логистика против неговата Србија. Тој за себе го препознава исто сценарио со кое бил принуден да си замине и Груевски.

Компарирајќи ги македонските настани од пред две години со сегашниве српски, Вучиќевиот ксенофобен и параноичен ментален склоп, неговата идеолошка магистрала наследена од неговите политички големосрпски ментори од типот на Милошевиќ, Шешељ, Николиќ, едноставно не може да ја увиди дијаметралната разлика меѓу скопските и белградските настсани.

По примерот на сите популисти каков што беше и Груевские, Вучиќ исто така не умее да ги согледа контрастите меѓу тоталитарните состојби и демократските процеси. Да се согласи дека скопските собраниски настани на 27-ми април 2107-та беа упад за насилно задржување на власта, а дека белградските радио телевизиски случувања на 17-ти март 2019-та беа упад за насилно ослободување на вистината.

Српскиот современ вожд не сака или не умее да види дека упадот во македонското собрание беше упад за подршка на режим, а дека упадот во српската радио телевизија беше упад за рушење на режим.

Разлика е мала, само сто и осумдесет степени.
Коментари
Нема коментари.
 
Архива