портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
КАДЕ ОДИ БАЛКАНОТ
февруари 2019
Ристо
Никовски
Македонија нема никакви безбедносни закани од надвор. Тие се внатрешни и ги контролира странскиот фактор. Потврда за тоа е 2001-та.





Бугарија, Србија и Хрватска купуваат најмодерни воени авиони; Македонија е натерана да капитулира и да прифати бришење на македонскиот народ; Албанците отворено го игнорираат Уставот, го разбиваат унитарниот карактер на државата, бркаат федерализација што значи трета албанска држава; Тирана најави бришење на границата меѓу Албанија и Косово која и без тоа е формална; поранешен британски дипломат (дали случајно сега?) излезе со теза дека Република Српска треба да се одвои од Босна и Херцеговина; Хрватите во БиХ сакаат своја држава; БиХ воопшто не функционира, сега не може да формира и влада; односите меѓу Србија и Хрватска речиси никогаш не биле полоши; во Србија масовни протести против власта; Косово започна трговска војна со Србија; преговорите меѓу Белград и Приштина се прекинати; Се зборува за “корекција на границите“ што е опасен преседан; во Црна Гора јавни големоалбански аспирации...

Премногу индикатори и факти кои не се случајни а се  поврзани меѓу себе. Повторно се активни надворешните сили, кои секогаш го структурирале Балканот. Сосема е извесно дека орото и овој пат го водат САД. Ако е така, се наметнува прашањето – која е крајната цел? Што сакаат да постигнат? Каде водат сите овие симптоми? За да се разбере регионов, прво треба да  се погледне што се случува на поширок план.

Меѓународната ситуација забрзано се заострува. Односите меѓу Русија и САД веќе подолго време се влошуваат. По државниот удар на ЦИА во Киев, започна отворена конфронтација. Целта беше Украина да се одвои од влијанието на Москва а Русија да се занимава  со своето соседство, без да му конкурира на Вашингтон на меѓународен план. Киев доби ултиматум: или со Русија, или со Запад. Со двете – не може. Зошто? Тоа го знаат и другите а не само западните планери кои отворија трајно кризно жариште. Украина е сега територијално поделена, го загуби Крим а веројатно ќе се отцепат и други територии (Мариупол...) пред да заврши војната која ќе трае.

САД отворија трговска војна со Кина. Се конфронтираат со ЕУ, што е аматерска неумност. Во судир со Москва и Пекинг, Вашингтон мора да прави се’ Брисел да му биде  сојузник а не безбедносно зависен слуга. Унијата, пак,  прифаќа таква улога и, на своја огромна штета, некритички се конфронтира со Москва, поради американски интереси.

САД се конфронтираа и со Иран; се повлекоа од Парискиот договор за климатските промени; откажуваат нуклеарен договор со Русија; изнудија промени во договорот за слободна трговија со Канада и Мексико (НАФТА); излегоа од трговскиот договор Транс-пацифичко партнерство (ТПП)...

Очигледно е дека САД одат на глобална конфронтација за да ја сочуваат својата светска доминација. Студената војна е повторно реалност, ама американската стратегија не успеа. Преку Сирија, Москва на голема врата се врати на меѓународната сцена и пак е светски воен фактор.

ЕУ е во хаос. Соочена е со брегзит чии последици се’ уште не се јасни; претстојат тешки реформи, кои долго ќе траат; заедничката надворешна и безбедносна политика никогаш нема да функционира; во изборите за Европскиот парламент (мај 2019), екстремната десница ќе  зајакне...

Насекаде каша попара. Ако на тоа се додаде огромната презадолженост во целиот свет, иднината е уште понеизвесна. Нова економска или финансиска криза не се очекува набргу ама таа е неизбежна. Прашање е само кога?

Состојбите на Балканот се комплементарни со светските движења. Според индикаторите, тој треба да биде целосно среден пред да започнат главните пресметки на поширок план. Изгледа дека прво тука се’ ќе се стави под контрола, за да не се нудат опасни шанси за време на поголемите судири. Нова војна нема да се дозволи бидејќи така Русија најлесно ќе се врати назад во регионот. Меѓутоа, нема да има ниту мир.

Силувањето на Македонија и нејзиното брзо членство во НАТО водат во таков заклучок. Следна веројатно ќе биде Србија. Масовните демонстрации и царините од Косово се потврда дека Белград ќе мора за кусо време да ја проголта независноста на новата држава.  Вучиќ треба да биде дотеран до ѕид. И тој ќе добие текст за Косово од Вашингтон, кој ќе мора да го потпише, како и ние (за) договорите со Бугарија и Грција. Во име на демократијата и меѓународниот правен поредок, никој не смее да им се спротивстави на САД!

Путин беше во Белград и демонстрираше силна поддршка за Србија ама САД целосно го контролираат Балканот, не губат време и одлучно ги наметнуваат своите интереси. Македонија е најдобар пример за тоа – од нелегалниот прием во ООН, преку Привремената спогодба, ОРД, Пржино... до Преспа. И другите во регионот имаат  Дејтонски, Кумановски...  договор. Сите тие се американски документи. Од распадот на Југославија, Вашингтон по своја мерка го средува регионот. Тие стоеја и зад војните во Косово од 1999, и кај нас во 2001.

Или Вучиќ ќе ја голтне кнедлата која му ја готват или ќе го урнат. Стампедото тргна. Демонстрациите се нивната “шарена револуција“. Првата била во Сирија. Тој е на ред за отстрел. Соработката со Русија и пријателството со Путин, кои се апсолутно позитивни обиди за балансирана политика, ќе му бидат хендикеп. Со Запад или со Русија. Со двете не може. Москва нема маневарски простор позначајно да му помогне.

Босна е, сепак, најсложениот проблем. Никој нема претстава каков е планот за неа? По Македонија, Србија и Косово, таа сигурно веднаш ќе биде на маса.

Клучно за Македонија е што подинамично да се реформира, во интерес на сите нејзини граѓани ама тоа изгледа речиси невозможна мисија со оглед на состојбите. До членство во ЕУ, ако се случи, ќе поминат најмалку 15 години. Би било добро, заедно со претседателските да се одржат и парламентарни избори. Тоа не би било губење време. Сегашната власт капитулира пред странците, го разнебити македонскиот народ и го избриша македонскиот карактер на државата и ред е да побара верификацијата за таквата политика. Ништо од ова не беше најавено пред последните избори и не се почитуваше волјата изразена на референдумот од 30 септември. Ред е власта да си ја провери својата легитимност. Ако народот и даде поддршка, приказната ќе биде завршена. Без избори, се’ ќе остане недоречено и на стаклени нозе. Ќе следат опасни внатрешни недоразбирања и поделби. Со парламентарните, сигурно ќе се постигне и цензусот од 40 проценти за претседателските.

Членството во НАТО, за кое е платена срамно висока цена и се направени фундаментални историски грешки, со кои е избришан македонизмот, може да донесе и позитивни импулси. Тие, меѓутоа, ќе бидат во сенка на раните кои ќе крвават во годините кои идат, се’ додека не се преземе соодветна терапија за исправање на неправдите. Впрочем, Македонија нема никакви безбедносни закани од надвор. Тие се внатрешни и ги контролира странскиот фактор. Потврда за тоа е 2001-та.

 
Коментари
Нема коментари.
 
Архива