портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
БРИТАНСКИТЕ НАПАЛМ БОМБИ ГИ СОТРЕА ДЕМОКРАТСКОТО ДВИЖЕЊЕ И МАКЕДОНЦИТЕ ОД ЕГЕЈОТ
април 2017

Во граѓанската војна во Грција во 1949 година Велика Британија им ја одзеде победата на антифашистите, на демократското движење. Британците ги фрлија првите напалм бомби во светот за да ја капитулираат Демократската армија на Грција во која речиси една третина беа Македонци.



Летото 1949 година Демократската армија на Грција - ДАГ беше поразена од монархофашистичките сили на Грција помогнати од англо-американските интервенционистички сили. Главнината на ДАГ премина од Грамос во Албанија, со што заврши тригодишната војна, со стотици илјади жртви, ранети, бегалци, насилно прогонети, од кои многумина никогаш не ги видоа своите родни села и домови, ден-денес соголени планини од напалм бомбите на планините Грамос и Вичо.

„....Најстрашниот терор врз Македонците се врши со доаѓањето на власт на генералот Јоанис Метаксас, кој на 4 август 1936 година ја воведува фашистичката диктатура во Грција, суспендирајќи го демократскиот живот во земјата, прогонувајќи ги и затворајќи ги припадниците на левицата и на малцинските групи, прогласувајќи апсолутна вредност на нацијата, забрзано фашизирајќи ја земјата. Во негово време се забранува македонскиот јазик во секаква употреба, започнува едно од најмрачните поглавја од историјата на Македонците под Грција. Во такви услови на терор врз Македонците избувнува и Втората светска војна. По неуспешниот обид на Бенито Мусолини да ја окупира Грција, интервенира Адолф Хитлер со неговиот моќен „Вермахт“. Грција набргу капитулира и е поделена на три окупациски зони: германска, италијанска и бугарска. Најголемиот дел од Егејска Македонија потпаѓа под окупација на Бугарија, но Македонците се приклучуваат на грчкото партизанско движење ЕЛАС и неговото политичко крило ЕАМ во борбата против германските и бугарските окупатори. Македонците го прифаќаат тогаш исправниот став на Комунистичката партија на Грција (КПГ) кон македонското прашање: признавање на Македонците, право на автономија, информирање и образование на македонски јазик

Клучниот историски факт кој доведе до војната во Грција од 1946-1949 година и кој однапред го определи нејзиниот исход, беа и останаа, интересите на големите сили, нивните стратегии и пазари околу поделбата на сфери на влијание на овие простори. На средбата на Сталин и Черчил во Москва 1944 година, постигнат е договор Романија и Бугарија да и припаднат на Русија, а Грција на Велика Британија, поради британскиот интерес за Средоземното море, подоцна потврден и на Јалта меѓу Сталин, Черчил и Рузвелт.

Поради овие одлуки на големите сили, по завршувањето на Втората светска војна, антифашистите во Грција, борците на ЕЛАС во кои масовно беа вклучени и Македонците, наместо по поразот на фашизмот да ги уживаат плодовите на победата, беа ставени под тешки репресии на екстремните десничари, на оние што соработуваа со фашистичкиот окупатор за време на војната. Теророт врз борците на ЕЛАС, врз оние кои и ја донесоа слободата на Грција, толку ќе ескалира за една година, што и покрај советите на Сталин и на Комунистичката Интернационала за апстиненција, ќе ги принуди грчките комунисти на оружен бунт против десничарскиот терор. Репресиите беа особено изразени во Македонија каде што десницата палеше цели села само за изречен македонски збор.

Во оваа војна македонскиот народ од Грција масовно се приклучи на армијата на левицата Демократската армија на Грција (ДАГ), а во одредени периоди Македонците под Грција заедно со заднинските сили, беа дури една третина од војската на ДАГ.

За жал, британскиот премиер Винстон Черчил во втората половина на 1944 година повеќе беше загрижен од можната комунизација на Балканот и Источна Европа, отколку од тоа како да ја победи фашистичка Германија, посебно исплашен од грчките партизани од ЕЛАС и нивното политичко крило ЕАМ, по војната да ја преземат власта во Грција, поради што му довери задача на британскиот генерал Скуби, по секоја цена да го разоружа ЕЛАС, со покритие за интервенција на британските трупи во Грција од претседателот на грчката влада во егзил во Каиро, Јорго Папандреу. Иако ЕЛАС не го положи оружјето туку во декември 1944 година започна оружени борби со британските трупи за престолнината Атина, поради засилувањата на британските трупи и одбивањето на Сталин да упати воена помош, на 12 февруари 1945 година во Варкиза склучи договор за разоружување. И покрај договорот на сојузничките сили за затворање на сите колаборационисти со фашистичкиот германски, бугарски и италијански окупатор, британците нема да го испочитуват договорот од Варкиза и овие реакционерни грчки сили набргу ќе бидат пуштени на слобода. Монархофашистите организирани во легална паравојска на полицијата, иронијата да биде поголема вооружени токму со оружјето предадено од ЕЛАС, започнуваат невиден терор врз партизаните, левичарите и демократите, особено врз Македонците под Грција. Монархофашистичкиот режим во Грција по војната ги засили репресиите врз Македонците, а тоа кулминира по враќањето на кралот на 28 октомври 1946 година...

...Балканските војни од 1912-1913 година и Граѓанската војна во Грција од 1946-1949 година трајно ја изменија етно-историската карта на Македонија и на македонскиот - еден од најстарите народи во Европа! И затоа и парадоксот, Грција крајот на војната 1946-1949 година не го одбележува, затоа што треба да ја признае победата на фашистите од Втората светска војна, востоличени од англо-американските интервенционистички сили., кои владеат до ден-денес во јужниот сосед на Македонија - Грција.

И како што Јапонците го одбележуваат фрлањето на првите атомски бомби врз Хирошима и Нагасаки, најверојатно така и ние Македонците треба да почнеме да го одбележуваме фрлањето на напалм бомбите за да го потсетуваме светот на геноцидот врз македонскиот народ, оддавајќи им почит со молитва на жртвите од геноцидот. Ако германските фашисти во Втората светска војна за Евреите градеа концентрациони логори, грчките фашисти цела Македонија ја претворија во логор на ужасите и смртта. Се подготвуваме за одбележувањето на 100 годишнината од Букурешкиот договор, поделбата и окупацијата на Македонија и геноцидот врз македонскиот народ, во 2013 година......“.

(Тодор Петров, 27.10.2014)

 
Коментари
Нема коментари.
 
Архива