портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Македонски надворешно-политички опции
февруари 2013
амбасадор Ристо
Никовски
После Србија, Македонија е втора пречка за задоволување на албанските апетити и поцелосна реализација на американските регионални планови. Слободно можеме да оцениме дека нашата досегашна заслепеност со Вашингтон и Брисел сериозно го лимитираше нашиот светоглед. Ако една Германија на најширок план соработува со Русија, каква логика има ние да се плашиме од контакти со Москва?



За време на социјализмот, имаше една шеговита синтагма – на Запад ништо ново, на Исток стари приказни. Во моментов, истата важи за Македонија, ама обратно! Токму таквата ситуација ја наметнува и потребата од диверзификација на нашата надворешна политика. Меѓутоа, да се постигне тоа, не само што не е лесно туку, често пати е и – недостижно. Првиот проблем е - расположивиот маневарски простор, кој не зависи од нас самите, а вториот - понудата за избор. Тоа се двата лимити кои го детерминираат оптимализирањето на односите со светот на секоја земја. Едно се желбите, согледувањата, потребите... ама,  клучни се – можностите.

Анализирајќи го периодот на независната македонска држава, успесите и неуспесите на дипломатски план, реалноста во која се наоѓаме, се е главно последица на спомнатите услови.

Прво, неспорен е фактот дека премногу се врзавме за НАТО и ЕУ или, можеби попрецизно, за Вашингтон и Брисел. Така почна и немаше друга опција. Разрешувањето на пост-југословенската криза, исполнета со крвави војни, го менаџираа Брисел и Вашингтон а ООН и другите беа во функција на нивните потреби.

При тоа, улогата на Вашингтон беше главна бидејќи Брисел (ЕУ) има лимитиран дострел. Без заедничка надворешна и безбедносна политика, која веројатно никогаш нема да ја формулират, Унијата ќе биде, ако не измеќар, тогаш, барем, “посветен следбеник“ на американските политички интереси и диктати. Еве, веќе преку 20 години, Македонија е жртва на таквата политичка констелација меѓу нив.

Поради ограниченоста на Брисел (ЕУ), Вашингтон цврсто ја води Македонија според сопствените интереси (кои не коинцидираат и со европските, макар на подолга патека). А тие се веќе неспорни – САД отворено играат на картата на Албанците во регионот и ги реализираат нивните големоалбански аспирации (Косово држава)... На тој начин, за прв пат во историјата, нивното присуство и влијание на Балканот станаа доминантни. После Србија, Македонија е втора пречка за задоволување на албанските апетити и поцелосна реализација на американските регионални планови.

Токму поради нив, во 2001-та, ни инсценираа и кратка војна која ја диригираа и координираа од двете страни на границата, преку еден ист центар: нивната воена алатка - МПРИ. Паралелно, некои од нивните амбасадори во Скопје бескрупулозно се мешаа(т) во нашите внатрешни работи, иако вината за таквиот однос е пред се – наша. Дозволивме постојано да не влечат за уши, со лекции – не гледајте што правиме, слушајте што ви зборуваме.

Во услови на таква доминација, раководството долги години немаше простор за посериозно барање на поширока меѓународна подршка за своите политики.

Втор хендикеп кој оневозможуваше поразвиена меѓународна соработка беше – немањето избор. Запад играше координирано. Политиката, која ја спроведуваа под водство на САД, имаше подршка и од  НАТО и ЕЗ (ЕУ), и од Јапонија, Австралија, Канада... Никој не беше, ниту сега е спремен да се експонира против наметнатиот диктат. Флагрантно се кршеа фундаментите на меѓународниот поредок, каква што е Повелбата (Уставот) на ООН, само за да се реализираат интересите на единствената супер сила и нејзините истомисленици. Сите други молчат. А Германија, на пример, беше инструментална во признавањето на Хрватска место Македонија, и покрај поинаквите препораки на Бадентеровата комисија. 

Трета неповолна прилика беше хаосот во Русија. Москва и без тоа тешко ќе се конфронтираше со Запад, поради Македонија ама, така, САД имаа чист простор да прават што сакаат, барем во СБ на ООН.  Кина не сакаше да се меша...

Времето минуваше а дома не се појавуваа ни почетни размисли за нешто друго, пошироко, на меѓународен план. За некаков баланс. Со тоа ја допираме и четвртата фалинка – длабоката национална поделеност. Без консензус за клучните национални и државни прашања и со лидери на сериозен политички фактор кои јавно се залагаат за виткање на ‘рбетот - никој не те есапи. И да сакаат, не знаат на која карта да играат. На тие без ‘рбет, или на другите. Со такви, никој не сади тикви. Се сеќавате кога ја баталивме Кина и флертувавме со Тајван? Некои профитираа од тоа.

Војната во 2001-та и нанесе непроценливи штети на Македонија. Точно е дека, на теренот, ја водеа Албанците, ама само како извршители. Нејзини инспиратори, планери и организатори беа – САД. Без поширока елаборација еве само три неспорни факти.

1. Во Арачиново, во ОНА беа затечени 17 американски воени инструктори на МПРИ, кои работеа по директни инструкции од Пентагон.

2. Ако војната не беше американски проект, немаше шанса од неа целосно да бидат  исклучени лидерите на Албанците од Македонија. Се додека се  војуваше за “ослободување на албанските територии“, агресијата имаше некаква смисла. Кога започна “хуманитарниот“ карактер, со шестото соопштение на ОНА, таа се водеше “за правата“ на Албанците во Македонија арно ама - без нивно знаење! Веројатно, за да ги изненадат!

3. Доколку Албанците сами ја водеа војната, во никој случај “ослободувањето“ немаше така лесно да го заменат за – “хуманитарна“ операција. Ќе рескираа и поширок конфликт само да ја финализираат Голема Албанија. САД, овој пат за среќа, не беа спремни на таков ризик.

После 2001-та, Македонија стана уште позависна од Вашингтон. Таму се сега далечинските управувачи со кои, преку поранешните, од нив создадени, команданти на ОНА ни креираат политички ситуации, соодветни на нивните потреби и планови. Не дека истите не функционираа и пред 2001-та ама сега се пософистицирани, поефикасни и – докажани.

Слободно можеме да оцениме дека нашата досегашна заслепеност со Вашингтон и Брисел сериозно го лимитираше нашиот светоглед. Ако една Германија на најширок план соработува со Русија, каква логика има ние да се плашиме од контакти со Москва? Типичен пример е и нашиот однос кон Движењето на неврзаните земји (ДНЗ). Некои “експерти“ сметаа(т) дека местото не ни било со Чавез и сличните.

Ако покрај него се веќе други 119 држави полноправни членки (плус 18 земји со набљудувачки статус и едно чудо меѓународни организации како гости, вклучувајќи ги сите од системот на ООН), на кои тој очигледно не им пречи, не ли е бесмислено ние да го оспоруваме? Ние ли треба на сите да им покажуваме што е добро, а што лошо? Или, многу поверојатно, американските непријатели треба да бидат и наши?

Иако Вашингтон, фактички, не третира како некаков протекторат, Македонија сепак имаше можности, барем од пред шест, седум години поинтензивно да ги развива односите со  поширок број на важни меѓународни чинители. Од Русија, Кина, Индија, Јапонија, Бразил, Аргентина... преку Јужна Африка... Индонезија... та се до неврзаните. Наши причини, зашто тоа не се реализира во поширок обем, се – а) недостаток на политичка волја и б) лимитирани дипломатски капацитети. Некакви исчекори во таа насока се прават ама е потребна офанзива. Најавата на претседателот Иванов, во Минхен, за такво нешто е добредојдена.

Меѓутоа, во обидите да изградиме поширока надворешно-политичка и економска мрежа, мораме да бидеме свесни дека некаков вид на сојузници можеме да бараме само во ДНЗ и никаде на друго место. И таму, и можностите, и дострелите се ограничени. Други, можни сојузници – нема. Не треба, барем засега, да се занесуваме со наднационалните организации кои ги иницира и гради Русија.

Прво, поради далечината тие ја губат функционалноста. Второ,  поврзани се со соодветни регионални проблеми и потреби, не многу атрактивни за нас. Трето, скоро е неверојатно дека би не примиле, и ако покажеме интерес, бидејќи нема оперативно оправдување. Четврто, со евентуалниот прием на Македонија, тие би се конфронтирале и со САД, и со НАТО, и со ЕУ а такво нешто сигурно не им треба. Петто, конфронтацијата со истите би била неизбежна и за нас. Значи, се заедно, не е објективно таму да гледаме излез од тунелот. На други локации, уште помалку.

Нашето активирање во ДНЗ, меѓутоа, секако би ја зајакнало нашата позиција бидејќи би помогнало во реализација на сопствените интереси. Често се фалиме дека преку 130 држави не признаа под уставното име, без да се спомнуваа дека огромниот дел од нив се од неврзаните. Не е ли тоа најдобриот показател каде треба да бараме разбирање и подршка?

Ако веќе нема можности за градење на нови сојузништва, за членство во алтернативни интеграции... каде е тогаш излезот од сегашните состојби?

Прво, треба максимално да се посветиме на забрзување на економскиот развој на земјата. Тоа е најдобриот начин да се издигнеме над политичките блокади на кои сме изложени. Владата упорно работи на тој план и тоа заслужува целосна подршка бидејќи уште многу повеќе треба да се стори.

Второ, треба итно да започне систематска, широка комуникација со Русија и Кина, постојани членки на СБ на ООН. Треба да градиме доверба, не само со постојано нивно информирање туку и консултирање за “идеите“ и “предлозите“ на Нимиц, за притисоците од Вашингтон и Брисел... за се што се случува на тој план. Паралелно, со нив треба искрено да се разговара за предизвиците  дома и во регионот, кои се во добар дел резултат на регионалната политика на единствената супер сила. Според лично искуство, нашите избегаваат за тоа да разговараат. Се плашат да не останат дома без подршка, од коалиционите партнери, за следната функција. Во Москва, наш министер, на повторувани прашања за албанските аспирации во регионот, упорно не одговараше.

Трето, целосно треба да се искористат придобивките кои ги нудат неврзаните, со максимално активирање во нивните активности.

Четврто, особено внимание треба да и се посвети на Турција, не само поради нејзината конфронтираност со Грција. Анкара, всушност, треба да има исти третман како и Москва и Пекинг. Нејзината улога расте и тоа треба да се искористи. Турскиот економски продор во Македонија и регионот е позитивен, исто како и рускиот. Треба максимално да се ангажираме за привлекување на инвеститори од овие земји а приклучувањето на гасоводот “Јужен тек“ има нагласено значење. Петто, треба систематски и студиозно да се работи со членките на НАТО и ЕУ за постепено зголемување на нивната подршка. Тука спаѓаат Австрија, Словенија, Чешка, Полска, Словачка, Унгарија...веројатно Италија, балтичките земји... можеби Велика Британија... Мора да се истера на чистина и политиката на Германија – што таа навистина сака за и од Македонија?

Шесто, политичките односи треба нагласено да се култивираат кон позначајните земји (Индија, Јапонија, Бразил, Мексико...) кои или покажуваат разбирање за нашите универзални аспирации, или не се негативно експонирани против нас. Треба се да стори тие да застанат на наша страна.

Седмо, треба да се направи стратегија за економски, извозен продор во земји каде тоа би било релативно најлесно. Веројатно треба да се започне со Русија, Украина и Белорусија, на пример, без да се запоставуваат други дестинации. Не треба да се потценуваат огромните можности на арапските земји.

Осмо...

Мораме да констатираме дека Македонија имаше и значајни дипломатски успеси во овие 20 и неколку години. Тука спаѓа прифаќањето на уставното име, од страна на голем број земји. Тоа не им одговараше на светските џандари кои, за среќа, немаа начин да го спречат. Во текот на 1992/3 година, во својство на потсекретар на МНР, долупотписаниот  пледираше кај претставниците на САД - доколку не можете директно да ни помогнете поради Грција, дајте им ишарет на пријателите во ЛА, Азија и Африка, да не признаат со нашето име и работата ќе биде завршена. И волкот сит, и овците на број, што би рекол народот. Арно ама, Вашингтон немаше слух за такво нешто. Тоа е уште една потврда за нивните нетранспарентни интереси во Македонија.

Својата иднина, ние ја гледаме во НАТО и ЕУ и правиме се да станеме дел од нив. Меѓутоа, ако тие не сакаат Македонци таму, избор немаме. Затоа, не смееме да забораваме дека Македонија и без нив може 100 години да опстои и успешно да се развива. Дали и тие толку ќе издржат, никој не може со сигурност да тврди.

На крај, да ја спомнеме и првата јавна дебата на Институтот за геостратегиски истражувања на МНР. Според  Дневник (“ЕУ има незавршена работа на Балканот“, од 16 февруари 2013), не е јасно дали и новинарката и дискутантите не ја разбираат работата или - сите глумат? Главните пренесени оценки дека “брзината со која ќе влеземе во ЕУ ја одредуваме самите...“ и дека “очите треба да ги впериме кон себе, а не кон ЕУ...“ немаат врска со реалноста. Ако е тоа сигнал дека главата и понатака ќе ја држиме во песок, и дека Институтот ќе работи во таа насока, целта е веќе промашена. Впрочем, сериозна грешка е што Институтот е дел од МНР иако неговото создавање од одамна беше насушна потреба.



 
Коментари
Нема коментари.
 
Архива