портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Брегзит, евроскептицизмот и Македонија
октомври 2016
д-р Тони
Науновски
Едноставно, подзасилениот тренд на евроскептицизам, посебно кај Македонскиот народ – носителот на сувереноста и државноста на Македонија, е нормална, логична и рационална реакција на нелогичното, нерационалното и анихилирачкото барање за менување на името, јазикот, идентитетот, културата итн. на Македонците и Македонија.



Јанис Варуфакис тврди дека во ЕУ има дефицит на демократија, а Ние Македонците можеби и први од Европа најреално го доживеавме тоа на своја кожа. Тереза Меј веќе ги  договара техничките подробности за раздружувањето на Британија од ЕУ, врз основа на членот 50 од Лисабонската спогодба, но Ние Македонците од поодамна знаеме дека големата идеја за Европска Унија во практика се повеќе се претвора во своја спротивност. Од денешната политика на Европа односно на ЕУ (како високо институционализирана идеја за политичка Европа) кон Нас до израз дојдоа сите негативни аспекти на Европа, сите темни сенки од нејзината историја, сите сеништа на нејзината современа развојна форма.

Можеби заради своето темно минато,  или заради растечките тенденции на распаѓање на институционалната кохезија и структурната економска криза при што Брегзит мошне веројатно е само почеток а не кулминација, ЕУ се повеќе се трансформира во хаотична мега-политичка институција која е спротивна на суштинскиот концепт за истата. Деконструкцијата на Европа/ЕУ започна и мора да заврши во Европа/ЕУ, токму на примерот на Македонија. Дваесет и пет години Ние Македонците, посебно Македонскиот народ, трпевме реформи од кои некои беа и се во полза на Македонија, но многу други не беа и не се. Дваесет и пет години надеж за подобра иднина се закануваат да се претворат во загубено време, во колективно изгубено време за својата подобра иднина, во илузија за која се потрошија многу енергии. Во името на подобрата, европска иднина на својата држава, Македонците беа приморани да истрпат многу индиректни и директни понижувања на својата суштина, на својот идентитет. Се чудевме на многу тоталитаристички, несоодветни барања за многу нешта, се запрепастувавме на изјавите кои ја третираа Македонија како незрело дете, на „договорите“ како охридскиот и пржинскиот кои беа октроирани со тоталитаристички притисок. Колективно мазохистички ги потиснувавме вековните, милениумските вредности никнати на нашата почва, и сето тоа во име на парадигмата – ЕУ!

И, после се, и покрај апсолутниот партиско-политички консензус за членство во ЕУ, преговорите за нашто пристапно членство во реалноста се блокирани, и тоа заради еден апсурден, стриктно билатерален „спор“ а всушност уцена од страна на една нејзина држава членка. Упорното инсистирање за постигнување на некаков „компромис“ за нешто што воопшто не ги допира а камоли сериозно загрозува европските правни и политички норми е сосема неразбирливо и експлицитно ја покажува другата димензија на Европа/ЕУ. Република Македонија отсекогаш била Македонија – таа не измисли ново име на почетокот на 90-ите години од минатиот век. И затоа, вчерашната изјава на грчкиот претседател Прокопис Павлопулос дека името е иредентизам, е многу бесмислена. Јасно е дека со ништо непредизвиканата уцена на нејзина земја членка, за што добива поддршка, не само поради интерните процедури внатре институциите на ЕУ кои мора да бидат променети, туку и директно од некои земји заради којзнае какви нивни интереси, се губи смислата на декларираните стандарди и норми на ЕУ.

Едноставно, подзасилениот тренд на евроскептицизам, посебно кај Македонскиот народ – носителот на сувереноста и државноста на Македонија, е нормална, логична и рационална реакција на нелогичното, нерационалното и анихилирачкото барање за менување на името, јазикот, идентитетот, културата итн. на Македонците и Македонија. Тоа е реакција, природна и разбирлива, на сите нас кои се чувствуваме како Македонци – тоа геноцидно барање и ултиматум на ЕУ, се разбира дека предизвикува и ќе предизвикува скептицизам кон сликата која ја имавме за ЕУ, ќе поттикнува сомнеж за темелните вредности кои мислевме дека се кулминација на демократијата како модел! (со самосвесно потиснување на некои факти – како на пример тој дека некои земји-држави на ЕУ сеуште не ги признаваат националните малцинства како концепт, а уште помалку како реалност – на пример, толку симптоматично, пак за Македонците, во Грција, Бугарија). Отворената уцена на Грција дека мора да смениме се, буквално се (име, идентитет, јазик, национално-историски и државен континуитет) за да бидеме примени во ЕУ (и НАТО), и поддршката за оваа уцена од повеќето земји-членки на ЕУ, едноставно и нас, не само Британците и други ширум ЕУ – спротивно на нашата волја и очекувања, просто не принудува да се сомневаме во основните принципи, морал, правни процедури, начин на мислење, систем на етаблирани политички вредности итн. на така структурираната, денешна ЕУ.       

Конечно, Ние денес, по Брегзит, можеме полесно и да ја избегнеме стапицата во која на нашата неоправдано обвинета реалност ќе и бидеме адвокати пред апсурдните обвинувања за сегменти од функционирањето на нашиот општествено-политички систем. Врз Македонија историски е наметната некоја невидлива но силно присутна мрежа на парадоксална колективна вина заради сопственото име и историски идентитет која ние, народот, не ја заслужуваме воопшто, особено не од ЕУ. Изборот пред кој е поставен Македонскиот народ, и нивната единствена национална држава, недвосмислено го сугерираат одговорот. Цената која ја бараат Грција и ЕУ од Македонците за да станеме земја-членка – а тоа е да се преименуваме, отсекувајќи се на тој начин од севкупната своја историја, културно наследство итн. – е голема, многу превисока за секој Македонец. Уште повеќе, можеби отсуството или маргинализирањето на националното чувство – националната самоидентификација, или маргинализирањето на значењата на историјата, се легитимен субјективен акт, но на колективно ниво таа постапка нужно имплицира процес на анихилација на нацијата. А тоа, барем за мене лично и, очигледно, за огромното мнозинство Македонци, не е воопшто прифатливо. Оттаму, се додека ЕУ не стане она што беше како автентична идеја и она што треба да е, што мора да биде, Ние ќе мораме да ги издржиме како држава сите опасни времиња во бурето барут наречено Балкан. Колку подолго државите од Европа се оставаат надвор од ЕУ, толку повеќе се остава време и геополитички простор за дополнително деконстриурање на вистинската идеја ЕУ.



 
Коментари
Нема коментари.
 
Архива