портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Се подготвува терен за брзи избори
јуни 2016

И лидерот на владејачката партија Никола Груевски и првиот човек на опозицискиот блок Зоран Заев викендов најавија дека се подготвени за избори на кои ќе победат.


По пораките кои деновиве ги упати меѓународната заедница и одлуката на опозицијата да го замрзне своето учество во парламентот, се' додека Уставниот суд не се изјасни за уставноста на Законот за Специјално јавно обвинителство, расте притисокот за утврдување на нов изборен датум. И лидерот на владејачката партија, Никола Груевски и првиот човек на опозицискиот блок, Зоран Заев, викендов најавија дека се подготвени за избори на кои ќе победат. „Во наредните 4 или 10 месеци, како и да е, Македонија ќе стави крај на оваа политичка игра и политичка хајка. Избори ќе има и довербата ќе ја добие повторно ВМРО-ДПМНЕ заедно со УМС како еден од клучните наши столбови“, порача Груевски во саботата на одбележување на 25-годишнината на Унијата на млади сили. Според него, „ВМРО-ДПМНЕ е сигурен победник на следните избори, кога и да се. Што порано - подобро, за да се скратат штетите на економијата, што всушност се директни штети врз грбот на народот, на невработените, сиромашните, компаниите и целото општество“, рече Груевски.

И Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е подготвен за избори. Лидерот на опозициската партија, Зоран Заев, во интервју за Радио Слободна Европа, вели дека ако народот одлучи да му ја даде поддршката, тој „секако ќе ја зграпчи честа“ да биде иден премиер на државата.

„Ние сме единствената партија што во декември донесе изборна програма на конгрес, подготвена со формиран штаб да влезе во изборни активности… Ако народот одлучи да му ја даде честа на СДСМ како прворангирана партија во Македонија, да, секако ќе ја зграпчам оваа чест да покажам резултат. Јас можеби сум прв политичар во врвот на големите политички партии кој доаѓа од практичниот, од деловниот сектор. Економските политики мора да дадат резултат што ќе го почувствуваат сите граѓани и семејства“, вели Заев.

Во овој момент, додека се во прекин политичките преговори за излез од кризата, неизвесно е за кога ќе бидат презакажани парламентарните избори. Октомври или ноември се термините кои се споменуваат како можна опција за брзи избори. Друг можен термин за предвремени парламентарни избори, што се спомнува во политички кругови е мај следната година, односно во редовниот термин за локалните избори. Третата опција се парламентарни избори во редовниот термин, односно во првите месеци на 2018 година. Толкаво пролонгирање на процесот за излез од кризата, сепак, не е најпосакувана варијанта со оглед на влошувањето на политичката ситуација во земјава.

Од Европската комисија деновиве порачаа дека го следат развојот на настаните и потсетија дека рамката на договорот од Пржино и натаму е најдобриот начин за земјата да излезе од сегашната криза. „Партиите се самите одговорни да ја донесат нивната земја назад на евроатлантскиот пат. Политичката криза почна да има негативни последици за земјата и за нејзината евроатлантска иднина. Ова не е вообичаено и секое понатамошно недејствување ќе има последици. Конкретните резултати и робусните реформи во следните недели ќе бидат клучни за тоа дали Европската комисија ќе ги повтори своите препораки во следниот годишен извештај“, порача минатата недела портпаролката на ЕК, Маја Коцијанчич, а слични пораки упати и американскиот амбасадор Џес Бејли.

Минатата недела партиите и Државната изборна комисија се согласија за формирање работна група, која ќе направи нов обид за „проветрување“ на избирачкиот список. Во план е дополнителна проверка на 71.000 гласачи за кои нема никаква евиденција, спорни се и 42 илјади избирачи за кои не постои евиденција дека побарале биометриски документ или се водат на непостојни адреси, како и 170 илјади гласачи кои наводно живеат во странство и тие ќе фигурираат на посебен избирачки список.

Заев викендов повтори дека фер и веродостојни избори се можни доколку се исполнат двата услови од договорот од Пржино – прочистување на избирачкиот список и регулирање на медиумите. „Не сака власта да ги тргне своите политички канџи што ги има ставено врз Советот на Агенцијата за медиуми и врз МРТВ. Предлогот на меѓународната заедница е тие да бидат заменети со експерти, од еснафот, од браншата, новинари, кои имаат најмалку осум години работно искуство, најмалку пет години да биле на раководни функции или слично, што се меѓународни критериуми. Не се согласуваат со оваа работа. Дадовме и други иницијативи, се' со конечна цел – побргу да заврши оваа криза преку регуларни, фер и демократски избори“, додава тој.

Но, поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, викендов ја обвини опозицијата дека „приказните на СДСМ со фантомски гласачи и немање слобода на медиумите се само изговор за да се одложат изборите, бидејќи знаат дека ќе ги загубат силно“. Тој упати порака дека мнозинството граѓани сакаат кризата да заврши побрзо со избори. „Народот е свесен во што СДСМ ја втурна Македонија и дека неговата цел не е никаква слобода или демократија, туку на валкан и измамнички начин преземање на власта. Народот е потполно свесен и за целите на нивните поддржувачи и има силен отпор кон тие цели, одлучен е да не дозволи нивна реализација“, рече тој. Според него, потребно е да се надмине ситуацијата и да се излезе на предвремени избори, на кои на народот ќе му се овозможи да донесе одлука преку фер и слободно гласање.

Околу актуелната политичка криза во земјава и замрзнатите преговори, својот став деновиве го изнесе и претседателот Ѓорге Иванов. Тој во интервју за дневниот весник „Дневник“ порача дека местото за решавање на сите спорни прашања, па и кризи, е токму во институциите на државата, а не во странските амбасади. Со тоа, вели македонскиот претседател, се покажува сервилност кон странците.

„Ова е реална политика, а во политиката се' се решава преку дијалог, а не монолог. Ова не е борба за живот и смрт како што тие сакаат да ја прикажат. Политичките кризи не се решаваат со закани, уцени и притисоци и рушење на институциите и воспоставениот правен и демократски систем. Ако не може да се води дијалог, тогаш единственото нешто што останува е да се почитуваат утврдените процедури. Тоа значи да има избори, да се излезе на нив и да се добие довербата од граѓаните. Да се спроведе тоа што си го договориле без одлагања, без уцени“, вели Иванов. Тој додава дека ние не сме единствената земја која влегува во ваква длабока политичка криза. Во демократија излезот од политичките кризи се бара преку избори, за да се добие нова и целосна легитимност, да дојдат нови луѓе на кои граѓаните им дале мандат да се справуваат со предизвиците.

Автор:Даниела Трпчевска

Превземено од:

http://www.utrinski.mk/?ItemID=78522BAE2D526B478F848A2C8423691F

Фото:

http://vecer.mk/makedonija/dik-so-konechna-odluka-dali-makedonija-e-podgotvena-za-izbori
Коментари
Нема коментари.
 
Архива