портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Сирија- геополитика на хаосот
јануари 2013
проф. д-р Нано
Ружин
Сирија остана последниот сојузник на Русија во регионот. Врските што Сирија ги одржува со Иран, Хамас и Хезболах, уште повеќе ја зголемија потребата на Москва за заштита на нејзиниот сириски сојузник. Каква е состојбата во оваа земја и какви се персепктивите за нејзиното решавање?


Дали американците ја предвидоа арапската пролет и сечата на арапските диктатори ? Таквата дијагноза е можеби надреалистична но фактите зборуваат дека осум години пред настаните во Тунис, американската администрација почнала да се занимава со оваа проблематика. На 26. март. 2003 на состанокот на неоконзервативците на American Entreprise Institute (AEI) за прв пат била споменета американската иницијатива за Големиот среден исток (Greater Midle East). Подоцна таа ќе прерасне во доктрина ,со вистинско стреташко досие на американската дипломатија со цел за реализација на политичката и економската трансформација  на геополитичкиот простор кој се протега од Мароко и Мавританија во Северна Африка преку Турција и Арапскиот полуостров се до Пакистан и Авганистан.

Целта на проектот била изготвување и имплементација на глобална стратегија за демократизација и економски и социјален развој на регионот. Мотивите на САД ги искажал Претседателот Џорџ Буш во 2004 година: Мотивите на САД ги искажал Претседателот Џорџ Буш во 2004 година: Се додека големиот Среден исток ќе биде место на тиранија, безнадежност и колера, тој ке продолжи да создава луѓе и движења кои ќе и се закануваат на безбедниоста на САД. Авторите на проектот биле инспирирани од големите и успешни транзициони промени на поранешните комунистички држави во Европа.Според  урнекот на Централна и Источна Европа, САД сметале дека и муслиманските држави на ГСИ би можеле да се демократизираат и еманципираат.

Реакцијата на арапските лидери и ЕУ беше жестока и наиде на големи критики на таквиот американски унилатерализам. ЕУ преку дведеценискиот проект „Барцелона“ веќе инвестираше неколку милијарди евра во овие региони така што американскиот предлог го доживееа како вид мешање во нивното ловиште. Од друга страна арапските лидери со диктаторски режими воопшто не ни помислуваа да ја отстапат сопствената апсолутна власт во полза на некоја демократија од западен модел. Набљудувано од денешен аспект, по феноменот на арапската пролет од 2011 година, проектот на американската администрација кој не беше усвоен поради противењето на европските партнери и арапските лидери, се наметна како предвесник на големите промени кои отпочнаа во Тунис, Египет и Либија и се проширија низ целиот регион.

Кризата во Сирија се наметна како дел од овие историски процеси на демократиазацијата и на рушење на диктаторските режими. Воедно, Сирија остана последниот сојузник на Русија во регионот. Врските што Сирија ги одржува со Иран, Хамас и Хезболах, уште повеќе ја зголемија потребата на Москва за заштита на нејзиниот сириски сојузник. Каква е состојбата во оваа земја и какви се персепктивите за нејзиното решавање? Каква улога имаат главните актери во оваа криза, САД, Русија, ЕУ, Кина? Што може да се очекува од Башар ал Асад а што од бунтовниците? Какви се дипломатските иницијативи за нејзиното решавање?

Во последниот месец од 2012 година Сирија беше главна тема на 11 часовниот разговор меѓу американската дипломатија предводена од страна на Државниот секретар на САД, Хилари Клинот и МНР на Русија, Сергеј Лавров. И по овие разговори стана јасно дека се мошне мали изгледите за изнаоѓање дипломатско решение на кризата која трае скоро две години иако на Москва и е јасно дека деновите на диктаторот се изброени. Американците преку ДС за одбрана Панета ја искажаа својата загриженост од употребата на хемисјското оружје од страна на режимот на Асад како последен и очајнички напор да се зачува вчаста. Иако малку се веројатни таквите самоубиствени методи, сепак САД ја кажаа црвената линија според која ќе се воздржуваат од воена интервенција. Од своја страна Алијансата, по рушењето на турскиот воен авион F-4 Фантом од 26. јуни и  по барањето на нејзиниот член Турција која се повика на содржината на Вашингтонскиот договор, инсталира шест батерии од ракетите Патриот на границата на Турција со Сирија. Во операцијата зедоа учество САД, Германија и Холандија со вкупно 600 војници. Кога се оперативни, овие инсталации можат да лансираат повеќе од 500 ракети.

Единствени сили кои би можеле да се спротистават на нападот на НАТО врз Сирија се Русија и Кина. Во досегашниот тек на настаните, освен воената помош, овие две сили не направија ништо конкретно, со исклучок на неколку реторични интервенцији во ООН. За арапските бунтовници проблемот на Сирија е решлив особено по моделот што го покажа интервенцијата на Задните сили врз Либија и успешната револуција на силите на теренот предводени од бројните непријатели на Полковникот Гадафи. Зошто и сега не би се употребил истиот клуч на Запдните сојузници? Кој во тој случај  би ја запрел сириската револуција? Изгледа дека споредбите меѓу досието Гадафи и досието Башир ал Асада не се реални, особено кога се во прашање  интересите на  Русија. Пред се` Русија има историски врски со Сирија, уште од 1956-та. Со доаѓањето на власт на БААТ партијата и особено со почетокот на владеењето на Хафез ал Асад (1930-2000), отпочнува тесната соработка меѓу Дамаск и Москва. Со децении Сиријците студирале на руските универзитети, а бројот на Руси или Сиријци со двојно државјанство во Сирија достигнал околу 100 000 луѓе во времето на избувнивањето на немирите. Губењето на Сирија за Путин би значело и губење на влијанието врз целиот регион со оглед дека во пристаништето Тартус се наоѓа единствената руска база на Медитеранот. Само во 2009 Русија инвестирала 19 милијарди долари. Во 2010-та  Русија и продала оружје на Сирија во вредност од 529 милиони евра. Нема сомнеине дека руските интереси во Сирија се разновидни, така што успехот на бунтовниците би значело доаѓање на Исламистичка, Саалафистичка власт или власта на Муслиманските браќа која ке ги протера Русите исто како што тоа беше случајот во Либија.

Сиријското досие и улогата на Западните сили анализирано од интересите на  Русија има и една друга димензијане чија содржина треба да се побара во минатото во времето на последните денови на Советскиот Сојуз. По инвазијата во Кувајт од страна на Ирак во август 1990-та, Михаил Горбачов без калкулации го дал својот глас во Советот за безбедност на ООН за  усвојување на санкциите кои вклучувале и закана со војна интервенција против Садам Хусеин доколку не ги повлече своите трупи од Кувајт. Тоа била тешка одлука за наивниот Горбачев со оглед дека Багдад беше близок сојузник на СССР. Горбачев сметал дека имал единствена и историска можност за преуредување на маѓународниот поредок согласно приниципите на Повелбата на ООН. За прв пат во историјата на ООН агресијата на една држава против друга беше казнета согласно меѓународното право и Повелбата на ООН. Светската организација не беше блокирана од страна на судирот на интересите на двете велесили, пред се` од страна на Москва, а овој миг се смета за еден од златните но куси епохи на функционалноста на ООН.

Оваа епизода е значајна и кака индикатор на крајот на Студената војна. Настанот  беше помалку спектакуларен од падот на Берлинскиот зид, но анализирано од историски аспект завршетокот на Студената војна имаше иста тежина и поголем значај за современите меѓунардони односи. Како што објаснува Андреј Грачев, во делото “Горбачев, изгубената опклада”,  Горбачев овој чин не го сметал за унилатерална концесија кон САД туку како ембрион на еден нов меѓународен поредок кој не се потпирал како во минатото врз чистиот реципроцитет, туку врз принципот на интердепенденцијата (меѓузависноста). Реформираниот СССР, според Горбачев требало да прерасне во целосен доверлив партнер на Западот. Горбачев одигра чесно но наивно сметајки на американската подршка и идеализираниот меѓународен поредок. Меѓутоа,  идното сценарио  беше многу поинакво од неговите очекувања.

Претседателот Џорџ Буш сениор по војната во Заливот и првата победа против Садам Хусеин го прослави и промовира новиот меѓународен поредок но со поинаква конотација од онаа на Горбачoв. Тој го промовира  за прв пат во глобалното општество  унилатерализмот на САД. Поканет од страна на Кол и Митеран на состанокот на Г-7 во јули 1991, Горбачев не ја добил ветената економска помош. Во очите на американската администрација Студената војна не можела да се заврши без елиминација на едниот од двата главни протагонисти. СССР беше поразениот и тој морал да отстапи.Токму промашениот пуч од август 1991, доаѓањето на Елцин, исчезнувањето на СССР, самракот на Русија во деведесетите и нејзиното повторно зајакнување, ja одбележаа последната деценија на XX век.

Во некоја смисла историјата се повтори и 2011 година во врска со либијското досие. Русија и Кина апстинираа при усвојувањето на Резолуцијата за одговорноста која им дава легална можност на големите сили за воена интервенција во државите каде што некој лидер врши масакр како што беше случајот со Гадафи во Либија. За жал оваа интервенција беше денатурализирана од страна на државите кои учествуваа во истата. Наместо Вашингтон, Париз и Брисел да се задоволат со спречувањето на масакрот во Бенгази преку воспоставување на една воздушна контролоирана зона, тие продолжија во својата воздушна кампања се` до смената на режимот и рушењето на Гадафи. Русија, Кина но и други земји од југот сметаа дека биле изневерени и затоа повеќе не ја даваат својата согласност во Советот за безбедност на ООН. Ова не ја ослободува Русија од одговорноста во сиријската драма, напротив нејзината одговорност е голема. Меѓутоа Русија извлече големи поуки од овие настани . Москва бара да биде почитувана како достоен партнер , а при тоа укажува на своите западни партнери дека во иднина ке треба да се размислува потрезвено за направените грешки , испуштените шанси и научените лекции од минатото.

Нема сомнение дека меѓу САД, Саудиска Арабија, Катар и ЕУ од една и Русија и Кина од друга страна е отворена големата геополитичка игра на интереси и надмудрувања. Дали во такви услови е можна некоја магична комбинација и која би била содржината на  тој сибилијски план? Какви бенефити би повлекол секој од вмешаните актери? Дали неговата суштина е да се овозможи во целиот регион со исклучок на Ирак да завладеат   Сунитите, а под влијание на Саудиска Арабија и богатите земји од Заливот? Дали парите и нафтата се единствените влогови наспроти политичкото влијание? Каква е позицијат на Русија и Кина и дали тие две сили се подговтвени да го поделат  пленот? Луѓето кои веруваат во ирационални приказни, особено оние оптоварени со теориите на заговор или оние што веруваат во илуминатите, секогаш зборуваат за завршниот потег на шаховската  играта и на мистериозниот план на еден Кисинџер, Рокфелер или Бжежински. Овој нивни план има за цел доминација врз светот и експлоатација на останатите народи. Меѓутоа, состојбата со Сирија не се вклопува во теориите на заговорот.

 На 30 декември 2012 меѓународниот емисар за Сирија Лакдар Брахими (Lakhdar Brahimi) прокламира дека изготвил мировен план кој бил прифатлив за меѓународната заедница. Тоа го аргументирал врз основа на неговиот разговор со МНР на Русија Сегеј Лавров со кого се договориле за една преговарачка дипломатска солуција на кризата. Во меѓувреме, независно од таквите пацифистички проекти, сирискиот пекол и масовните убиства продолжуваат со несмалена жестина. Меѓутоа, овој план како и сите досегашни, и натаму нема кредибилитет бидејки не одговара на основата дилема: заминување или и натамошно опстојување на Башар ал Асад?

Русија од своја страна признава дека е немоќна но цврсто даде до знаење дека нема намера  да влијае врз однесувањето на сиријскиот диктатор. Номинацијата на Државниот секретар на САД Џон Кери не ги задоволува вкусовите на бунтовниците кои го паметат по честите посети на Дамаск и дружбите со диктаторот Башар ал Асад. Арапите стравуваат дека американската политика кон Сирија е еден вид коктел на нерешителност и идеферентност меѓу  конзервирањето на израелските интереси и  опсесивноста и стравот од проширувањето на активностите на Ал Каеда. Друг еден актер, ЕУ досега  се покажа поспособна во наметнувањето на санкциите кои повеќе ја погодија сириската популација отколку во дирекното казнување на режимот. Од своја страна арапските држави од Заливот и покрај флуидните позиции не поседуваат реален и слободен маневарски простор за дејствување. За сметка на тоа, Иран кого го клеветат и арапските соседи и западните сили, по приближувањето со сириската опозиција, на 16.12.2012 организира  конференција посветена на националниот дијалог во Сирија. Запоставувајќи го фактот дека во Сирија имаат стотици чувари на Револуцијата, бројни војни лица и советници, без комплекс порачуваат дека единствено Сиријците и само тие треба да го решат излезот од кризата и иднината на државата.

 Мировниот план на Техеран е едноставен и сугерира: а) моментален прекин на непријателствата под мониторинг на ООН под услов да биде прифатен и од страна на Москва; б) помош за сите бегалци и жртви на насилствата без разлика на која страна и припаѓаат; в) отпочнување на дијалог и воспостваување на еден комитет за измирување; г) воспсоставување на една транзициона влада. Составен дел на овој план се улогата на  Русија, Кина и останатите држави на БРИКС  кои би биле гарант за имплементацијата на овој план. Единствено тој не е доволно јасен во однос на судбината на сиријскиот претседател. Од своја страна, сиријскиот режим изготви еден друг мировен план во четирит точки кој предвидува: прекин на насилствата; ослободување на затворениците; овозможување на хуманитарните операции; воспоставување на влада на транзиција составена од преставници на власта и опозицијата. Оваа влада би била задолжена да изготви нов Устав и да организира парламентарни и претседателски избори.

Кога се анализира овој мировен план, првите три точки не се проблематични. Единствено е проблематичен кредибилитетот на оној кој ги формулирал. Имено во Сирија одамна е на сила правилото дека ветувањата се однесуваат само на оние кои веруваат во нив. Затоа, сиријците не му веруваат ниту на режимот ниту на ветувањата на Башар ал Асад. Конечно, четвратат точка е најпроблематична бидејки концептот за ангажирањето на опозицијата е толку нејасен и обемен, но едновремено рестриктивен и ограничен што  опфаќа режимски луѓе кои го изгубиле кредибилитетот меѓу масите, а од друга страна го исклучува учеството на сите оние што го критикувале сирискиот диктатор, сите бунтовници и останати кои се асимилирани под изразот терористи.

И конечно, еден conditio sine qua non, врз кој апсолутно инсистираат бунтовниците, е моментално заминување од власта на Башар ал Асад  за да се отпочнат политичките процеси. Од своја страна, Националното координативно тело за демократски промени (CNCD) одбива да учествува на состаноците кои се одржуваат во прозападниот Катар сметајки ја оваа земја за учесник во конфликтот. (Ова освен кога координативното тело ги предводи палестинецот Кнесет Азми Бишара). Но затоа секогаш учествува на состаноците кои се одржуваат во Иран, Русија или Кина.

Со цел да ги обедини сиријците, Башар ал Асад ненадејно реши на 6 јануари 2013 да се покаже пред политичката сцена со единствена цел: да покаже дека е сеуште кандидат за неговата сукцесија  за следните претседателски избори во 2014. Во овој настап во стилот one man one show , галванизираната маса  во салата идолатриски му ја манифестираше  сопствената лојалност, подготвена да го даде и животот за да го сочува својот драг лидер. Во говорот  тој истакна дека ниту во Сирија ниту вон Сирија не постои вистински противник со кој би прифатил политички дијалог и преговори. Сирија беше нападната од надвор, а странските сили треба да престанат да ги снабдуваат нивните агенти со оружје, констатира Башар ал Асад.

Слично на останатите диктатори и Башар ал Асад ризкува по неговото паѓање да заврши пред судот на Правдата со оглед дека над 50 држави-членки поднесоа барање до Генералниот секретар на ООН Бан Ки-мун со препорака  до Советот за безбедност да закаже седница на Меѓународниот кривичен суд. Според податоците на ООН, сирјската криза досега однела на 60 000 човечки животи и предизвикала масовен бран бегалци и раселени лица и огромна материјална штета. Западните аналитичари сметаат дека засега целата геополитичка игра околу Сирија ја контролира Русија која со правото на вето не дозволува никаква интервенција на меѓународната заедница.

Едно е јасно: за бунтовниците на сириската револуција, кохабитацијата со режимот не е можна. Постојат надежи дека  според Уставот во 2014 кога треба да бидат организирани редовните претседателски избори на кои ќе треба да се избира нов претседател на државата и официјално ќе истече мандатот на сегашниот претседател. Башар ал Асад ќе настојува дотогаш да ја смири состојбата во Сирија и да одржи избори на кои повторо би бил избран за шеф на државата. За бунтовниците таквото сценарио не е прифатливо бидејки во услови кога се уште најголемиот дел на територијата е под власта на диктаторот, тие немаат доверба во одржувањето на фер и демократски избори. Затоа бунтовниците настојуваат да ја одржат и прошират нивната битката и да запоседнат што поголема територија под нивна конторла. Во услови на лесно наоружани борци и по некој платеник, малкумина од аналитичарите веруваат во нивниот воен успех на теренот. Можеби одредени надежи се полагаат во системот на ракетите Патриот, но се докдека на теренот не се вклучи организирана воена сила за да го сруши режимот на Асад, тој со успех ќе им одолева на бунтовниците. Другото сценарио се состои во долготрајното герилско војување против режимот, но и во таквиот случа неопходна е силна желба, енергија и пред се масовност. Во овој миг психолошката предност е на стран на бунтовниците, а реалната моќ на страна на владините сили. Кризата и натаму ке се одолговлекува со можност на поголема дегенерација. Доколку не се изнајде некое друго решение, оваа криза може да прерасне во уште еден заледен конфликт со сериозни геополитички последици за регионот и пошироко.

 
Коментари
Нема коментари.
 
Архива