портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Која е цената за Македонија да ја штити ЕУ од бегалците?
јануари 2016

Долж балканската патека на бегалците постојано привремено се затвораат границите. Токму од криза разнишаната Македонија би можела да биде замолена да ја штити надворешната граница на ЕУ.


Македонија вчера попладнето повторно привремено за неколку часови ја затвори границата кон Грција. Земјите долж балканската патека на бегалците се во постојан контакт и се обидуваат да обезбедат континуиран тек на реката бегалци. Причина за најновото затворање на границата веројатно беше дека во Австрија привремено беше запрено регистрирањето на новодојдените.

„Ние треба да дејствуваме истовремено, за сите да имаме помалку проблеми“, вели Анастасија Илиевска, државен секретар во Министерството за внатрешни работи во Скопје. Таа е надежна за прашањето на бегалците и еднаш неделно во телефонска конференција со Брисел разговара за состојбата, токму како и нејзините колеги од Србија, Хрватска и Словенија. „Разменуваме информации за состојбата долж трасата, колкумина ја преминале границата, каква е безбедноста на границите и дали, на пример, имаме потреба од поголем број луѓе за заштита на границата“, вели Илиевска за ДВ.

Сега на македонско-грчката граница помагаат првенствено унгарски, но и словачки и српски припадници на граничната полиција. Без нив македонската полиција би била преоптоварена. На помош од Унгарија се смета и во натамошното поставување на гранична ограда - конечно, таа земја има искуство во тоа.

Пропатување кон север

Приливот на бегалци се намали откако Македонија кон крајот на ноември реши да им дозволува влез само на бегалци од Сирија, Ирак и Авганистан, односно од воени подрачја. „Минатата година имавме и до 10 000 луѓе на ден, сека се уште околу 2 000“, вели Илиевска, што, според неа, се должи на студеното време. Се’ додека Германија и Австрија не ги затворат границите, и Скопје ќе учествува во организираното пропатување на бегалците кон север: „Тие мораат да потпишат документ дека сакаат да одат во Германија, Австрија или Шведска, кој го покажуваат на секоја граница и потоа смеат да продолжат понатаму“.

Но, Илиеска признава дека има проблеми при утврдувањето на вистинскиот идентитет на луѓето: „Минатата година на границата кон Грција одбивме влез на 12 000 луѓе. Од пред некое време има многу Мароканци. Многумина од нив се враќаат во Атина, таму се снабдуваат со лажни лични документи, па дури и со лажни школски дипломи. Потоа повторно доаѓаат“. Илиеска наведува дека посебно омилено било земањето идентитет на починати Сиријци.

Македонските полицајци на границата откриваат само помал дел од фалсификуваните документи. На преминот кај Гевгелија тие само еднаш ги проверуваат патничките документи што грчките власти им ги издале на бегалците за да го продолжат патот и потоа ги пропуштаат. На српската граница во меѓувреме се поставени два скенера за откривање оружје. Но, и таму полицајците главно се грижат бегалците бргу да ги поминат контролите.

Бегство во инвалидска количка

„Сега посебно многу доаѓаат семејства и првенствено деца. Забележуваме 40 проценти мажи, 40 проценти деца и 20 проценти жени“. Анастасија Илиевска вели дека се променил трендот во однос на минатата година - таа претпоставува дека многу татковци уште порано пребегале, а сега доаѓаат и нивните сопруги и деца.

За македонските власти и особено за хуманитарните организации тоа значи интензивна работа за згрижување. Меѓу бегалците постојано се наоѓа и по некој во инвалидска количка кому треба да му се помогне при минувањето на границата, или жени во висока фаза на бременост на кои им е нужна лекарска грижа. Еден лекар во српскиот транзитен логор кај Прешево вели дека и жени во осми месец на бременост само за кратко се запирале за да им се укаже помош, иако некои всушност би морале да одат в болница. Но, тие не сакале по никоја цена да ја напуштат групата со која патуваат. Не било можно вистински да се лекуваат ни мали деца со бронхитис и други инфекции оти семејствата колку што е можно побргу го продолжувале патот.

А ако бидат затворени границите? Навистина, се чини дека мнозинството од бегалците не знаат ништо за политичкиот спор во Европа во однос на нивната судбина, но сепак се добива впечаток дека патуваат под притисок. Анастасија Илиевска е загрижена во врска со плановите на Македонија евентуално да и’ се стави на товар обезбедување на надворешната граница на ЕУ и вели: „Никогаш не може една граница сосем да се затвори“. Таа признава: „Ние се подготвуваме за тоа“. Тогаш на Македонија навистина ќе и’ биде потребна многу помош од ЕУ за да ги совлада сите проблеми што би произлегле од тоа. Досега владата во Скопје во секој случај се’ уште нема кажано гласно НЕ за таквите планови. Политичка цена би можела да биде побрзо приближување до ЕУ. Но, Македонија во моментов се’ уште не сака ни тоа да го потврди.

Превземено од:

http://www.dw.com/mk/%D0%BA%D0%BE%D1%98%D0%B0-%D0%B5-%D1%86%D0%B5%D0%BD%D0%B0%D1%82%D0%B0-%D0%B7%D0%B0-%D0%BC%D0%B0%D0%BA%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D0%B8%D1%98%D0%B0-%D0%B4%D0%B0-%D1%98%D0%B0-%D1%88%D1%82%D0%B8%D1%82%D0%B8-%D0%B5%D1%83-%D0%BE%D0%B4-%D0%B1%D0%B5%D0%B3%D0%B0%D0%BB%D1%86%D0%B8%D1%82%D0%B5/a-19009550?maca=maz-TB_maz_dnevnik_KOPIE-4629-xml-mrss

 
Коментари
Нема коментари.
 
Архива