портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Големата жртва на „пролетната револуција“
декември 2012
Драган
Милосављевиќ
Сирија под семејството Асад е устроена по социјалистички модел и има долга традиција на соработка со Русија. Впрочем, единствената поморска база на руските воени сили, надвор од матичната земја е токму во сирискиот град Тартус. Русија е, или барем беше до неодамна, главен лиферант на оружје за сириската војска. Во регионот речиси целосно под контрола на американските интереси, Дамаск е единствената илузија на Москва дека има и сопствени играчи. Русија под Путин над една деценија се обидува да „се врати на големата сцена“ како рамноправен партнер, а тоа не може да биде без сигурни „партнери“ во најневралгичните точки во светот.


Во годините кога македонскиот граѓанин води одлучна битка за преживување во меурот исполнет со турски серии, мали плати, високи давачки и смешен политички избор, на малкумина им останува време да размислуваат за белосветски проблеми и војни во некакви земји чија местоположба знае да биде прилично комплицирана за пронаоѓање на географската карта. Сепак, тоа не го менува фактот дека светските проблеми постојат, а војните, иако далечни, по некои заобиколни патишта и често неразбирливи канали, влијаат и врз нашата судбина.

Нема сомневање дека Арапската пролет, која веќе одамна не е само пролет, туку многу повеќе зима, ги одбележа последните две години - давајќи им на геополитичките аналитичари доволно материјал за размислување каде плови „бродот со кодно име Земја“. „Тежината“ на константните протести и вртоглави политички промени во локалниот „тешкаш“ Египет, неуспехот на „слободарската револуција“ да донесе макар и делумно демократски промени во Тунис и Јемен, бруталното уривање на Гадафи и уништувањето на некогаш пребогатата Либија, медиумското прикривање на масовните антирежимски демонстрации во Бахреин, Јордан, па дури и во Саудиска Арабија – сите овие случувања заслужуваат исклучително внимание, но овде зборуваме за најголемата трагедија произведена во работилницата на „пролетта“ а која, за жал, не покажува знаци дека наскоро може да заврши. Зборуваме за Сирија, каде веќе 20 месеци беснее крвав конфликат, граѓанска војна во нејзините најбрутални облици, каде владее хаос, очај и страв, а бројката на загинати се зголемува со таква брзина што секој нов биланс мора да се земе со резерва, односно може уште веднаш да му се допишат дополнителни неколку стотини луѓе кои и онака ќе бидат мртви во наредните ден или два. Таму веќе четири децении владее семесјтвото Асад. Хафез, таткото - своевремено крваво задуши бунт на Муслиманското братство, владееше деспотски и не оставаше простор ниту за размислување околу некаква демократија, која макар оддалеку би заликувала на онаа што ја поима западниот човек. Башар, синот - дојде на власт во 2000-та година. Образуван во Британија, со белосветски манири, со преубава, еманципирана сопруга, лесно се вклучи во елитното друштво на блискоисточните владетели но интересно, почна да покажува и знаци дека е подготвен да внесе малку реформи во политичкиот и економскиот живот на својата земја. Ама ете, започна Арапската пролет. Како и во другите арапски држави и во Сирија започнаа демонстрации против „режимот“. Масовни прошетки, (обично после пладневната молитва во џамиите!!!), слогани и транспаренти. Полицијата по правило тепа и фрла солзавци. Што би се рекло, ништо посебно. Но не излегува баш така. Од некаде се јавуваат борци за човекови права, Сиријци кои што живеат на Запад, а имаат „одлични врски“ во татковината и се погласно зборуваат за пукање врз мирните демонстранти, за загинати и ранети. За кратко време речиси секој нов протест, според „информациите од теренот“,  завршува со дваесет, триесет или педесет мртви. Сириската влада предупредува дека не се работи за никакви мирни протести туку за класичен упад на добро вооружени терористички формации кои се кријат зад народот и пукаат во силите за безбедност. Демонстрациите престануваат да бидат демонстрации, довчерашните демонстранти сега отворено го покажуваат оружјето и им објавуваат војна на „семејството Асад и нивните слуги“. Веќе во првите месеци започнува дезертирање на војниците и на пониските офицери од армијата, а повеќето од нив потоа преминуваат на страната на довчерашниот непријател.

Почнуваат да дезертираат цели воени групи, како и по некој висок офицер кој смета дека е неопходно тоа јавно да се објави. САД, ЕУ и блискоисточните љубители на демократија Катар и Саудиска Арабија, од самиот почеток застануваат на страната на бунтовниците. Се приклучува и Турција, доскоро значаен сојузник на Сирија, а турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, кој пред неколку години со гордост го прегрнуваше Асад па дури и заедно ги минуваа летните одмори, нагло почнува да изјавува дека сирискиот претседател е „сатрап“ и дека мора веднаш да отстапи. Е ама, каде Западот и неговите „локалци“ велат мора да се оди десно, тука е Русија да каже - може и лево. Москва, со неслучајна поддршка од Пекинг, од самиот старт на немирите инсистира на пронаоѓање политичко решение во рамките на системот на државата Сирија. Значи, сакате промени, во ред, но направете го тоа на легитимен начин, со договор меѓу власта и опозицијата и конечно преку избори. И не отстапува од тој став до ден денешен. Од друга страна, како напредуваше конфликтот, западните сили се поотворено бараа начин, „легално“ да се вмешаат. Се предлагаа резолуции во Советот за безбедност на ОН, каде во позадината на острите осуди на „масакрот врз сопствениот народ“ што го врши режимот на Асад, се криеше можноста за директна воена интервенција. Русија и Кина на трипати со вето ги спречија ваквите обиди. Во меѓувреме престрелките прераснаа во вистиснка граѓанска војна. Бунтовниците го анимираа мнозинското сунитско население барајќи да се вклучи во борбата против алавитскиот секташ и диктатор Асад. И голем број сириски граѓани навистина одлучија да се борат. На страната на опозицијата, без никакво криење застана Ал Каеда, додека Катар и Саудиска Арабија основаа фондови од кои се купува оружје и опрема за потребите на антиасадовите борци. Границата меѓу Сирија и Турција, со премолчена дозвола на Анкара стана регрутен центар и сигурна позадина од каде „Слободната сириска армија“ редовно ги врши своите напади врз регуларните сили. По неколку сомнителни прекугранични бомбардирања на турската територија, моќната турска армија изврши повеќекратно гранатирање на позициите на сириската војска, убивајќи одреден број војници и причинувајќи извесна штета на нејзината  резерва. И покрај заканите, и покрај подготовките, и покрај огромните количества оружје поставено на границата, Турција до ден денешен не се осмелува да изврши самостојна инвазија. Дали до истата ќе дојде по се изгледа се прашува некој друг, од онаа страна на Атлантикот, а тој некој друг, за да покаже какви му се намерите наголемо распоредува сопствени војници во регионот. Последниве денови, недалеку од сирискиот брег носот го покажа и носачот на авиони „Ајзенхауер“ со своите осум ескадрили воени бомбардери и близу осумте илјади маринци подготвени за акција. НАТО на Турција започна да и ги испорачува бараните ракети „Патриот“ а исклучително острата реторика на повеќе западни политички лидери, ( Обама, Клинтон, Хејг, Оланд...) ги наведе експертите да тврдат дека надворешната интервенција е повеќе од извесна. Зошто се случува сето тоа и кој се вистинските причини поради кои една група земји инсистира Асад да „падне“ по секоја цена, тешко е да се каже.

Во секој случај, колкумина ќе поверуваат дека главниот проблем е немилосрдноста на претседателот кој од преголема желба да остане на власт решил да го сотре сопствениот народ? Повеќето таканарачени меинстрим медиуми упорно повторуваат дека навистина е така. Иако во Сирија на странските новинари им е оневозможена слободата да известуваат од воените зони, сепак интернетот е преплавен со аматерски снимки и фотографии кои изгледаат како да се направени во деветиот круг на пеколот. Испоубиени деца наредени едно до друго, тенкови газат преку лешеви, авиони ракетираат густо населени квартови, цели градови буквално срамнети со земја. Владината армија е единствената страна во судирот која има соодветно оружје за да го направи тој пустош. Бунтовниците не располагаат со авиони и хеликоптери, додуша имаат украдено малку тенкови, а добија и извесно количество стингери,  но нивната главна предност останува способноста да се мешаат со цивилите и борбата да ја водат не на отворено поле каде што се инфериорни, туку во градските четврти каде не постои борбен поредок и не може да се дејствува според стандардните воени правила. Токму оваа специфичност направи извесна рамнотежа меѓу закрвените непријатели, па сега имаме ситуација во која секој ден се гине, а ништо битно не се постигнува. Ниту владините сили можат целосно да ги разбијат бунтовничките формации ниту опозцијата е во состојба до таа мера да го ослаби моралот на војската за таа да се распадне и да го остави Асад на цедило. Постојат упатени луѓе кои велат дека војната може да се продолжи со години и Сирија на крајот да заврши како Либан, т.е да биде расцепкана на аморфни територии под контрола на паравоени иформации, со централна власт која има реална моќ само во центарот на главниот град и со сериозна опасност соседите да си прават во неа политички и воени екскурзии кога ќе им текне или ќе им се укаже потреба. Сепак Сирија не е Либан, а не е ниту Либија. Се работи за држава со 23 милионско население, народ генерално писмен, цивилизиран и способен да се однесува според сопствениот интерес. Нејзината голема убавина, разноликоста на верите, во моментов е хендикеп - но сите тие алавити, сунити, друзи, христијани, курди, со векови живеат заедно и имаат развиено односи кои можат да издржат и вакви искушенија. Дека верска и национална нетрпеливост постои, тоа е факт, но прашање е каде на светот нема таква нетрпеливост? Ако се согласиме со погоре кажаното тогаш излегува дека бунтот против автократскиот режим и внатрешните меѓурелигиски недоразбирања, имаат важна, но не нужно и клучна улога во целиот хаос.

Сирија под семејството Асад е устроена по социјалистички модел и има долга традиција на соработка со Русија. Впрочем, единствената поморска база на руските воени сили, надвор од матичната земја е токму во сирискиот град Тартус. Русија е, или барем беше до неодамна, главен лиферант на оружје за сириската војска. Во регионот речиси целосно под контрола на американските интереси, Дамаск е единствената илузија на Москва дека има и сопствени играчи. Русија под Путин над една деценија се обидува да „се врати на големата сцена“ како рамноправен партнер, а тоа не може да биде без сигурни „партнери“ во најневралгичните точки во светот. Поради алавитското влијание врз власта, Сирија е во одлични односи и дури се смета за продолжена рака на шиитскиот Иран, главниот непријател на САД и на Израел во моментов и земја која претендира да се наметне како регионална сила. Во фронтот против Иран, поради сличните желби и амбиции се исправени нафтеното царство Саудиска Арабија и Турција, која под Ердоган и Давутоглу се обидува да го врати сјајот на некогашната Отоманска империја. ЕУ по правило стои зад своите партнери САД и Израел, иако не баш сите земји членки еднакво остро настапуваат во нападите кон Техеран. За да му угоди на Вашингтон, Брисел се согласи да воведе санкции за иранската нафта, потез на сопствена штета бидејќи повеќе ги погоди и онака „растресените економии“ на членките како Грција и Италија отколку што му наштети на иранскиот извоз. Кога сме веќе кај енергенсите значаен е фактот дека низ Сирија поминуваат некои од најважните патишта на природниот гас, а уште позначајно е тоа што со најновите истражувања е утврдено дека токму во реонот на сирискиот град Хомс се кријат огромни резерви на ова енергетско богатство. Можноста за контрола врз тие нови резерви вреди многу повеќе од она „силно“ оружје што им се дава на бунтовниците и веројатно токму таму се крие одговорот на прашањето дали земјите од коалицијата „Пријатели на Сирија“ се подготвени на отворена агресија врз една суверена земја. По несупешниот проект „агресија врз Турција“ се чини дека сега е најден пристоен повод – хемиското оружје на режимот и доверливите извештаи од безбедносните агенции дека „Асад, соочен со пораз на фронтот против бунтовниците, ќе се реши да го употреби“. Русија ја игра својата игра и не сака да го пушти низ вода досега верниот сојузник . Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров барем десетпати до сега јавно изјави дека Москва нема да дозволи повторување на „либиското сценарио“ во Сирија. Не се воздржува да употреби доста груба реторика за „двојните стандарди“ и за „лицемерната загриженост“ на како што вели „нашите западни пријатели“. Претседателот Путин е малку повнимателен во изразите, но не и помалку одлучен. Кина изгледа како да не сака да се меша, ама се досега беспоговорно ја држи страната на Русија. Иран е соочен со можен напад врз сопствената територија поради тврдењето на Израел дека се обидува да произведе нуклеарна бомба. А токму Сирија, која граничи со Израел и која има силно влијание врз Хезболах, ја смета за својот коњ во евентуалната војна со разгоропадениот Нетанјаху од Ерусалим. Шаховската табла е исполнета со фигури повразни во замрсен систем. Тешко е да се протолкува кој е белиот крал и какви се крајните цели на црната кралица. Правилата на игра се менуваат од момент во момент и речиси е невозможно да се предвиди следниот потез. Ќе издржи ли Асад во тактичката војна, ќе го пушти ли Русија низ вода како што направи со Гадафи во замена за некои бенифиции од Западот на други стратешки места? Ќе ризикува ли САД да удри конечно, па макар и да имало вистина во наводите дека сириската армија, ако биде нападната од надворешен непријател ќе го употреби фамозното хемиско оружје? Ќе се разочараат ли бунтовниците ако разберат дека некој ги користи за сопствени цели? Ништо не е сигурно освен трагедијата на сирискиот народ. И бројката на загинати. Таа предвидливо се зголемува. Со секој нов ден се повеќе и повеќе.



 
Коментари
 
Архива