портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Регионалните безбедносни иницијативи и предизвици
ноември 2012
проф. д-р Фросина
Ременски

Современите безбедносни проценки на балканскиот безбедносен комплекс бараат вклучување на улогата на религијата (исламот) во етнополитичката мобилизација и влијанието на радикалните исламисти. Исламолозите на безбедносните аналитичари им препорачуваат да ја искористат вредносната матрица на исламот како религија во функција на креирање на заеднички безбедносни стратегии помеѓу држави во ист регионален комплекс.




По завршувањето на вооружените конфликти на просторите на поранешна Југославија, соработката во областите како што се одбраната и работата на службите за безбедност беше посебно деликатна. Регионалната соработка во овие области бележи видливи резултати како последица на видливото ангажирање и интересот на меѓународните фактори. Интересот на меѓународната заедница за регионална соработка во областа на одбраната и безбедноста беше по пат на регионални проекти на земјите во регионот, меѓународно да се легитимира и обезбеди поддршка за одредени цели, како што се пристапувањето кон НАТО или меѓународната полициската соработка (Интерпол, Европол и др.). Во овие области особено е видлив ангажманот на САД, кој значително се разликува од нивното скромно и дискретно учество во многу други регионални прашања.

Регионалните иницијативи од значење за земјите од Балканот и Југоисточна Европа во областа на одбраната, полициската и правосудната соработка имаат особено значење.

Во областа на одбраната познат е Процесот на соработка на министрите за одбрана на Југоисточна Европа кој на предлог на САД беше покренат во Тирана во 1996 година со намера да ја зајакне соработката на земјите од ЈИЕ и САД на полето на одбраната. Основната цел на процесот е интензивирање на политичко-воената соработка на земјите во регионот, јакнење на стабилноста и безбедноста во овој дел од Европа и помош во процесот на приклучување во НАТО.

Во рамките на Процесот за соработка на министрите за одбрана од ЈИЕ функционираат неколку успешни активности и иницијативи, како што се Мултинационалните мировни сили на ЈИЕ и нивната оперативна компонента во вид на бригади за зачувување на мирот, унапредување на соработката, и интероперабилноста формирани во Скопје на 26 септември 1998 година. Бригадите се активираат врз основа на политичка одлука и морат да бидат активирани во превенција на конфликти, хуманитарни и мировни операции на ООН и ОБСЕ, под команда на НАТО, ЕУ или самостојно.

На предлог на САД во 2000 година воспоставен е Проектот за симулациони вежби во рамките на Мултинационалните мировни сили. Целта на овој проект е да прерасне во заедничка регионална вежба и систем за одговор на вонредни ситуации. Друг проект во рамките на Процесот на соработка на министрите за одбрана на ЈИЕ е Одбрамбено-политичката поддршка за спречување на пролиферација на оружје за масовно уништување, гранична соработка и борба против тероризмот. Целта на проектот е усогласување на заедничкиот пристап на земјите во регионот во воспоставување на комуникациски линии и размена на информации за мерките во борба против тероризмот. Воено-образовната соработка на земјите од ЈИЕ има за цел реализација на активности за размена на предавачи и студенти, предавања, летни кампови и сл. Проектот телемедицина е идеја за поврзување по една воена болница од секоја земја членка на Процесот на соработка на министрите за одбрана на ЈИЕ, со цел размена на информации и искуства по пат на сателитски врски.

Конференцијата на началници на генералштабовите на балканските земји е автономна регионална иницијатива за воена сораборка воспоставена во Солун во 2007 година. Во неа членуваат началниците на ГШ на Албанија, БиХ, Црна Гора, Грција, Македонија, Романија, Турција и Србија. Конференцијата работи преку две подгрупи (Подгрупа за обука, образование, и вежби и Подгрупа за асиметрични закани). Целта на Конференцијата е унапредување на соработката за заеднички одговори на заедничките предизвици, закани и ризици по безбедноста во регионот.

Во октомври 2000 година со спогодба помеѓу Хрватска и Германија се воспстави Центар за помош во контрола и верификација на вооружувањето со центар во Загреб. Целта на Центарот е давање помош во обуки во областа на контрола на вооружувањето, промовирање на мерките за градење на доверба и унапредување на севкупната безбедност во регионот на ЈИЕ. Значаен дел од активностите е насочен кон промоција на Заедничката безбедносна и надворешна политика на ЕУ, особено по прашањето на рефомата на безбедносниот систем и прашањата на одбрамбената политика, контрола на вооружувањето и унапредување на довербата.

Форумот за помош на земјите од ЈИЕ е регионална безбедносна иницијатива која во 2004 година беше покрената од страна на Министерството за одбрана на Словенија, САД и ЕУ. Целта на иницијативата се огледа во донаторската помош на земјите од ЈИЕ, кандидати за членство во НАТО, заради забрзување на пристапување кон евроатлантските интеграции. На конференцијата на Форумот одржан 21-23 јуни 2010 година во Скопје беа претставени три проекти кои имаат потенцијал да станат регионални иницијативи, а тоа се Центарот АБХО во Крушевац, Медија центарот во Скопје и Центарот за обука за учество во мировни операции во Бутмир.

Центарот за контрола на малото и лесно вооружување е основан во 2002 година во Белград како дел од Регионалниот план за брорба против малото и лесно вооружување. Неконтролираната пролиферација и недозволената трговија на мало и лесно оружје се идентификувани како најголеми поствоени безбедносни предизвици на земјите од поранешните југословенски простори.

Американско-јадранската повелба во 2003 година во Тирана ја потпишаа министрите за надворешни работи на Албанија, Хрватска и Македонија и САД. БиХ и Црна Гора во 2008 година станаа членки на Повелбата. Како резултат на повелбата формиран е Регионален центар за мировни операции во Криволак, за заеднички вежби и подготовки на земјите за операции за поддршка на мирот, консултации за безбедносната и одбрамбена политика, военот-техничка соработка и контрола на вооружувањето.

Во областа на правосудството и внатрешните работи како теми од посебно значење за регионот се: борбата против организираниот криминал и корупцијата, реформа на полицијата, спроведување на законите и реформата на правосудниот систем, борбата против илегалната миграција, визните олеснувања и визната либерализација, како и управувањето со границите.

Во 2000 година беше основана Регионалната антикорупциска иницијатива. Членки во оваа иницијатива се Албанија, БиХ, Бугарија, Црна Гора, Хрватска, Македонија, Молдавија, Романија и Србија. Целта на иницијативата е градење и примена на сеопфатна регионална стратегија за борба против корупцијата. Таа претставуваа регионален форум за соработка на државните структури, цивилното општество и меѓународните организации во борбата против корупцијата, а служи и за координација на донаторска помош на регионот.

Регионалната иницијатива за миграција, азил и бегалци (МАРРИ) основана е 2003 година. Целта на оваа иницијатива е управување со миграциите и границите, прашањата за азилот и визниот режим во склад со европските стандарди и пракси.  Иницијативата ја сочинуваат две тела: Регионалниот форум како политичко тело и Регионалниот центар во Скопје како координативно и извршно тело на Форумот. Најважен проект реализиран во рамки на МАРРИ иницијативата е формирањето на  единствена база на податоци за борба против трговија со луѓе во ЈИЕ и давање на поддршка на жртвите. Значаен е проектот за заштита на документите, а периодот до 2013 година приоритетните активности на МАРРИ се насочени кон борбата против илегалната миграција и зајакнување на регионалната соработка.

Асоцијацијата на шефовите на полициите на ЈИЕ е формирана во Пула во 2002 година, чија главна цел е давање помош во реформата на полициските сили во земјите од ЈИЕ. Главната цел на асоцијацијата е подигање на нивото на јавната безбедност во државите од ЈИЕ преку унапредување на полициската соработка во регионот, поголемо вклучување на граѓаните и цивилното општество, а со поддршка на меѓународните организации. Асоцијацијата ги собира директорите на полициите на Албанија, БиХ, Бугарија, Црна Гора, Хрватска, Македонија, Србија и Канада. Седиштето на асоцијацијата се наоѓа во Софија. Во стратешкиот план на Асоцијацијата до 2013 година се истакнува соработката на земјите од ЈИЕ во борбата против тероризмот.

Полицискиот форум како неформален вид на соработка на држевите од регионот на ЈИЕ е основан во 2000 година со цел за поддршка и забрзување на реформата на полицијата. Во рамки на форумот се реализираат три проекти: Регионална полициска обука, Мрежа за обука во борбата против организираниот криминал и проектот „Украдени возила“.

Конвенцијата за полициска соработка во ЈИЕ е потпишана за време на австриското претседавање со ЕУ во 2006 година и претставува најзначаен меѓународен документ за правосудна и полициска соработка во југоисточна Европа. Конвенцијата ја потпишаа Албанија, БиХ, Бугарија, Црна Гора, Македонија, Молдавија, Романија и Србија. За примена на конвенцијата неопходно е склучување на билатерални договори, стандардизирање на системите за комуникација и заштита на личните податоци. Во областа на полициската соработка треба да се додаде и иницијативата за формирање на Координативен центар за соработка на граничните полиции која беше покрената на Шестата министерска конференција за соработка во областа на граничната полиција одржана во Белград во 2009 година.

Мрежата на жени полициски службеници настана како регионална иницијатива ја сочинуваат девет држави и има за цел поврзување на жените полициски службеници и соработка, заради унапредување на родовата рамноправност, кариерата, промовирање на статусот и улогата на жената во полициската работа.

СЕКИ регионалниот центар за борба против прекуграничниот криминалитет е формиран во 1996 година по завршувањето н вооружените конфликти во Хрватска и Босна и Херцеговина, односно по склучување на Дејтонскиот договор за мир на иницијатива на САД. Во овој центар активни се Албанија, БиХ, Бугарија, Црна Гора, Грција, Хрватска, Романија, Молдавија, Македонија, Унгарија, Словенија, Србија и Турција. Договорот за соработка во активностите за спречување и борба против организираниот криминал претставува правна основа за делување на СЕКИ регионалниот центар. Активносите на земјите членки на центарот се насочени кон брза и координирана размена на информации за делување на криминални групи помеѓу органите задолжени за спроведување на законите на државите членки, координација на регионалните операции и формирање на заеднички истраги на овие органи, организирање на мултилатерални операции и координација во случај на истражни постапки во државите членки. Најголем финансиски донатор на СЕКИ центарот се САД.

Советодавната група на јавни обвинители на ЈИЕ е основана на 12 декември 2003 година во Белград со потпишување на Декларација во која се утврдени најзначајните цели на делување. Во работата на групата се вклучени дванаесет земји: Албанија, БиХ, Бугарија, Црна Гора, Грција, Хрватска, Романија, Молдавија, Македонија, Словенија, Србија и Турција. Групата функционира како оперативна мрежа за унапредување на соработката на јавните обвинители и давање на заемна правна помош. Советодавната група дава правна помош и насоки на СЕКИ регионалниот центар во истрагите за прекуграничен организиран криминал.

Мрежата на јавни обвинители на Западен Балкан е професионална мрежа на јавни обвинители од шест држави, а основана е 2005 година со потпишување на Меморандум за разбирање помеѓу шефовите на јавните обвинителства. Мрежата е подржана од ЕУ и Советот на Европа, а главната цел е обезбедување на интензивна соработка во истрагите и покренување обвиненија против осомничени за организиран криминал и членови на криминални организации.

Иницијативата за превенција и подготвеност за делување во случаи на катастрофи е основана во 2000 година со цел да се допринесе за развој на сеопфатна регионална стратегија за превенција и подготвеност за делување во случаи на катастрофи во регионот на ЈИЕ. Секретаријатот на иницијативата од 2005 година се наоѓа во Сараево. Активносите на иницијативата се наосчени кон градење на капзацитетите на државите од регионот на ЈИЕ за превенција и подготвеност за делување во случај на природно катастрофи и катастрофи предизвикани од човечки фактор.

Сите овие регионални иницијативи од областа на одбраната, полициската и правосудната соработка во кои активно членува и Република Македонија, даваат една јасна слика за интенцијата на меѓународната заедница и САД, земјите од Балканот, односно земјите од регионот на ЈИЕ да ги вклучат во заеднички активности кои ќе придонесуваат за јакнење на соработката во функција на безбедноста и мирот. Регионалните иницијативи во значителна мерка им помагаат на државите да воспостават институционална соработка која ќе им помогне за надминување на заедничките проблеми, но и ќе им овозможи улови за зближување и јакнење на довербата.

Косово по прогласувањето на назависноста во 2008 година прави напори да се приклучи во меѓунароно интегративните текови преку барање за членство во меѓународните политички, воени и економски организации. Прв чекор кон овие процеси за Косово е предизвикот за полноправно членство во ООН, како предуислов за признавање на меѓународно-правниот субјективитет на новосоздадената држава на Балканот. Косово ги направи првите чекори со политичките одлуки за поднесување барање за членство во неколку регионални иницијативи во областа на полициската соработка. Тоа е една од можностите Косово да стане дел од регионалниот систем на соработка и активности за борба против организираниот криминал, корупцијата и тероризмот, со што ќе добие шанса да ја покаже заложбата за заедничките интереси.

Еден од клучните предизвици на регионалната безбедносна соработка од аспект на актуленоста на евроатлантските интегративни процеси и билатералните спорови Белград-Приштина, Скопје-Атина е дефинирањето на регионалниот безбедносен комплекс во кој овие спорови егзистираат и улогата на етничката и верската димензија на безбедносниот комплект. Од овој аспект, безбедносно интересен е балканскиот регионален безбедносен комплекс и улогата на исламот.

Идентификацијата на регионалниот безбедносен комплекс пред сé ја вклучува проценката на безбедносната меѓузависност на земјите од регионот и нивните заеднички интереси. Главниот проблем во дефинирањето на регионалниот безбедносен комплекс е неизбалансираната безбедносна врска помеѓу две поголеми држави во еден регион. Во отсуство на избалансиран однос на моќ помеѓу две држави се појавува проблем на несигурност и потешкотија во дефинирањето и одредувањето на безбедносниот комплекс.

Етничката и верската димензија на регионалниот безбедносен комплекс станува сé позначаен фактор во анализатата на регионалните безбедносни прашања. Етничката и верската идентификација на државата со група држави кои припаѓаат на иста етничка, верска, културна или расна група, по правило условуваат висок степен на меѓузависност по прашање на безбедноста. Често групите држави кои се религиски, културно или расно поврзани се групираат во пошироки заедници кои често се идентификуваат како посебни цивилизации или како ,,заедници на држави“, градејќи поширок безбедносен комплекс. Верската, културната и расната димензија имаат големо значење во креирањето на безбедносната меѓузависност во арапскиот свет и во исламските земји каде што исламот се легитимира како темел/основа на безбедносниот комплекс.

Етничката и верската идентификација на големите општествени групи кои живеат во две или повеќе држави во еден регион, често се јавува како причина за внатрешен конфликт, сецесија и распаѓање на мултиетничките, односно мултирелигиските општествени заедници. Големите транснационални етнички или верски групи настојуваат да се интегрираат во единствена државна заедница, градејќи широк т.н. етнички или верски комплекс. Ова призма во анализата на балканскиот безбедносен комплекс ги отвара дискусиите за живите или мртви големодржавни идеи на Балканот (голема Албанија, голема Србија, голема Македонија, голема Бугарија).

Може да се дефинираат две причини кои го попречуваат воспоставувањето на позитивен безбедносен комплекс помеѓу групи на држави, и тоа:

1. Доколку државите во одредени региони се слаби, така што нивната моќ не се проектира надвор од нивните граници, во овој случај безбедносната политика на овие држави првенствено е насочена кон внатрешните граници и не постои поголема интеракција помеѓу државите во тој регион. Во овој случај внатрешните социјални, економски и политички процеси се клучни детерминанти на регионалниот безбедносен комплекс, во рамките на кој, верските, расните или културните влијанија на големите општествени групи имаат детерминирачка улога. На пример, надворешната политика на Албанија има маргинализирана улога на подрачјето на Балканот, меѓутоа, внатрешните политички, културни и верски процеси имаат големо влијание на косовските, македонските и грчките Албанци од кои зависи балканскиот регионален безбедносен комплекс.

2. Кога имаме директно присуство на надворешни сили во регионот чие влијание е доволно силно да контролира нормални операции на безбедносната динамика помеѓу регионалните сили. Ова е особено случај со стационирање на воени сили во даден регион во кој тие сили ја контролира и обезбедува внатрешната безбедност на дадената земја или земји. Добар пример за овој случај е присуството на САД во Ирак, со што битно се менува внатрешната безбедносна динамика во овој регион. Директното воено присуство на САД ќе има најдиректно влијание на односите помеѓу исламските земји и нивните не-муслимански соседни земји, пред сé Израел, што најверојатно ќе го смени безбедносниот комплекс на овој регион.

Односот помеѓу држави во ист регионален бебедносен систем најчесто е одреден од специфични димензии на позитивни и негативни односи помеѓу нив, како што се: 1. гранични несогласувања, 2. интереси во односите меѓу различните етнички заедници кои се распространети во две или повеќе држави во даден регион, 3. идеолошката поврзаност на народите во даден регион, 4. долги историски контакти на соработка или конфликти помеѓу народите.

Овие димензии ја прават актуелана дебатата за албанското прашање на Балканот во услови на нерешен меѓународно-правен статус на Косово и закочување на интеграциите на Република Македонија кон ЕУ и НАТО што има негативна рефлексија на меѓуетничките односи. Минатите конфликтни искуства пред кои беа исправени земјите од регионот укажуваат на високиот степен на солидарност, помош, етничка, национална и верска идентификација (особено) на Албанците на Балканот независно од државата во која живеат. Современите безбедносни проценки на балканскиот безбедносен комплекс бараат вклучување на улогата на религијата (исламот) во етнополитичката мобилизација и влијанието на радикалните исламисти.

Исламолозите на безбедносните аналитичари им препорачуваат да ја искористат вредносната матрица на исламот како религија во функција на креирање на заеднички безбедносни стратегии помеѓу држави во ист регионален комплекс. Користењето на вредносната матрица преку позитивно ориентиран пристап може да помогне во превенцијата и сузбивањето безбедносните резици кои произлегуваат од безбедносната стигматизација на сите Муслимани како терористи.

Познатиот исламолог Аугустус Р. Нортон истакнува дека концептот на западна демократија и исламот не се инхерентно инкомпатибилни, туку дека промените во сфаќањето и подоброто разбирање на внатрешните вредности и специфичната улога на масите во политичката сфера во исламот од страна на западните секуларни системи водат кон сигурни политички промени и компромиси во односите помеѓу Западот и Исламот.

Идејата за генералната опасност од исламот е отфрлена и од западниот исламолог Леон Т. Хедат, објаснувајќи го тоа со фактот дека исламот денес е далеку од можноста како обединета сила да ги достигне портите на Виена и брегот на Шпанија. Според него, денешната актуализација на исламот повеќе е последица на дејствување на анти-муслиманскиот фундаментализам кој по распадот на социјализмот во исламот ќе се обиде да ја најде т.н. ,,Зелена Коминтерна,, како супституција за ,,Црвената опасност,, од бившиот комунистички поредок.

И поранешниот американски претстедател Ричард Никсон го предупреди западот дека со пречестото укажување на опасноста од исламот и барањето на таа опасност во секој конфликт каде што најчесто страдаат Муслимани, Западот сé повеќе кон себе го приближува општиот судир со исламскиот свет. На тоа ќе предупреди и познатиот француски социолог Хавиер Бугарел, со поставување на тезата дека најголемите производители на исламската опасност се пред сé оние кои на неа предупредуваат.

Ако ги имаме во предвид укажувањата за важноста на етничката и верската идентификација на народите во еден регион и историските контексти во кои национално и територијално опстојуваат, земјите од Балканот (особено Македонија, Србија, Албанија, Косово, Црна Гора и Грција) мора да бидат мудри при донесување на политичките одлуки кои произлегуваат од меѓудржавните спорови. Негативната перцепција за етнички/верски другиот во време кога се инсистира на позитивен регионален пристап во решавање на заедничките прашања кои треба да не` обединуваат, не оди во прилог на интегративните процеси.

Митовите за големите држави на Балканот и политичките радикализми кои „ветуваат“ остварување на националните сонови на историски обесправените балкански држави кои граничат самите со себе, можат да се демаскираат и демонтираат со обединување и меѓудржавен консензус под девизата „обединети во Обединета Европа без граници“. 



 
Коментари
Нема коментари.
 
Архива