портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Македонија и жестоките притисоци од надвор
декември 2015
Ристо
Никовски амбасадор

 САД, кои се најгласни за владеењето на правото, за клучната улога на институциите на системот... кај нас ги игнорираат државата, Уставот, законите, судската власт..., претседателот, Владата, Собранието... Претходно: Повелбата на ООН, Судот од Хаг...




Во историјата, од самиот почеток, имало главни и споредни, доминантни и доминирани... Секогаш, на еден или друг начин, некои биле потчинети од/на другите. Влијанието се вршело со разни алатки. Ако се концентрираме на периодот по Втората светска војна, основна карактеристика се двете супер сили, САД и СССР, кои правеле ’ршум низ светот. Благодарејќи на Тито, на почетокот на 1960-тите, се појави и трет фактор, Движењето на неврзаните кое, на одреден начин, ама само делумно, го амортизираше дивеењето на главните. Светот беше поделен меѓу двата конфронтирани блока кои постојано настојуваа да ја прошират сопствената зона. Балканот, со исклучок на Грција и Турција, заедно со цела Источна Европа, беше диригиран од Москва а Југославија беше нешто “трето“. Тито, и тука, имаше своја улога: државата беше нешто помеѓу двата блока.

Крајот на СССР ја промени сликата на светот: САД станаа единствен хегемон. Бжежински, во неговото извонредно дело – “Големата шаховска табла“, точно констатира: “за прв пат во историјата, не европска сила се појави не само како клучен арбитер во Евроазиските односи туку и насекаде“. Со право вели и дека САД се “прва вистинска глобална сила“. Балансот кој постоеше во би поларноста, каков - таков, исчезна и Вашингтон доби одврзани раце да прави што и каде сака.

Дезинтеграцијата на Југославија силно го затресе регионот. ЕУ се покажа некадарна да се справи со последиците од распарчувањето на СФРЈ. Без заедничка надворешна и безбедносна политика, која никогаш нема да успеат да ја усогласат, Унијата останува крајно хендикепирана на меѓународен план. Тоа, меѓутоа, беше шанса за САД, која тие не ја пропуштија. Со помош на НАТО (за време и по војните), ММФ, Светската банка..., бројни НВО и други религиозни мисии и слични средства за пенетрација, впрочем, како и низ целиот свет, тие го ставија Балканот под своја тотална контрола и го структурираа(т) според своите потреби.

Дека е така, најдобар пример е токму – Македонија.

Бришењето на федерацијата беше повод и мотив за Вашингтон, еднаш за секогаш, да се затвори “Македонското прашање“. Причините овде нема да ги елаборираме. Така, САД ги избраа Албанците (не Албанија) за свои партнери на Балканот и, како стимул, им овозможија реализација на големоалбанскиот проект. (Истото го стори и Мусолини, за време на Втората светска војна!). Со независноста на Косово, тој е веќе преку 70 проценти завршен. Засега, остана само делот во Македонија кој, полека ама сигурно, со војната во 2001-та, преку ОРД, сега Пржино..., незапирливо се освојува. Целта е федерализација на земјата, што е можност за политичко отцепување. Ништо друго.  

По растурањето  на Југославија, судбината на Македонија ја крои Вашингтон, слепо следен од Брисел. Атина е само пион кој ги трие рацете бидејќи некој друг ја носи водата во нивната воденица. Мора да ни биде кристално јасно дека САД: а) долго не ја признаваа Македонија очекувајќи (и работејќи упорно на тоа) таа да се распадне (амбасадор во Скопје испратија цели четири години по Љубљана, Загреб и Сараево); б) нелегално, ни го суспендираа името во СБ на ООН и, надвор од сите регулативи, процедури и принципи, ни наметнаа референца; в) со Привремената спогодба, ја девалвираа нашата позиција во бесмислениот спор околу името; г) во албанска изведба, ја организираа војната во 2001-та; д) го блокираа нашиот прием во Букурешт (2008). Лично, Буш се ангажираше Македонија да влезе во НАТО ама неговите го спречија свесни дека, ако тоа се случи, нема да има шанси за прекрстување. Ако неговиот мандат не беше при крај – ние ќе влезевме! Веќе не го есапеа. Што мислите – ако Вашингтон искрено сака Македонија да стане дел од алијансата: може ли Грција, или кој било друг, тоа да го спречи?  

 И покрај сите безобѕирни акти против Македонија, меѓутоа, во период од четврт век, САД не ги постигнаа своите цели! Тоа, сигурно, им предизвикува големо незадоволство бидејќи не се научени на порази. Иако цело време не третираат како протекторат; нивните амбасадори ни се однесуваат како (не)избрани гувернери; ни наметнуваат што сакаат... сепак – не успееја да го разнебитат македонскиот народ.

Очигледно, сега веќе им пука филмот: сведоци сме дека со сите сили сакаат да не докрајчат. На тоа ги тера и меѓународната ситуација бидејќи судирот со Русија и студената војна се реалност и настојуваат да се спречи евентуален продор на Москва на Балканот. Практично, во земјава е во тек обид за државен удар кој треба да се изврши на некаков полулегален начин. Прават се’ за да не прекрстат и обезличени внесат во НАТО! До април 2016, бескрупулозно ќе се обидат на власт да донесат гарнитура која, за тесни лични и политички интереси, покорно ќе ги извршува нивните инструкции. Веќе за никого не треба да биде спорно дека тоа ќе значи целосно откажување од македонизмот. Ако тоа се случи, нема веќе да има ниту Македонци, ниту македонски јазик, култура, историја, традиција... Брендот ќе го преземат измислените “Македонци“ од Грција. Како некаква генетски недефинирана модификација ние ќе жалиме зошто не се гордеевме со, туку им се смеевме на, будалштините дека не’ измислиле Тито или Коминтерната!

Од самиот почеток на 1990-тите, Вашингтон, слепо следен од Брисел, не ја третира Македонија како независна и суверена држава туку како пречка на сопствените регионални интереси. Како логична последица на таквата политика, во земјата максимално се активни и нивните тајни служби кои, нормално, врбуваат и финансираат болни за пари, власт и функции... А тие, спремни се на се’. Во вакви ситуации, секогаш се игра и на карта на опозицијата, особено ако долго не победила на избори. Така доаѓаме и до прислушувањата, кои се класичен начин за рушење на легитимно избрани влади, долго користен низ целиот свет. Дека е така, дека странците ни ја кројат капата, најдобар доказ е фактот што во политичкиот судир меѓу Македонците се вклучуваат и името, и меѓуетничките односи (ревизија на ОРД) кои немаат никаква врска со кризата. Проблемите се решаваат со елиминирање на нерелевантните а не со додавање на нови прашања!

САД, кои се најгласни за владеењето на правото, за клучната улога на институциите на системот... кај нас ги игнорираат државата, Уставот, законите, судската власт..., претседателот, Владата, Собранието... Претходно: Повелбата на ООН, Судот од Хаг...

Каков суверенитет, ве молам? Западните двојни стандарди се едно од најголемите денешни зла. Врз таа основа, веќе 25 години, ништо од универзалните меѓународни права и принципи не важи за Македонија.

Мора да е тоа случајно.

Коментари
Нема коментари.
 
Архива