портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Џудистот му води на нобеловецот 5:2, засега
октомври 2015
Љубомир Гајдов
надворешно политички коментатор
Најважната е шестата, политичката, онаа меѓу двајцата најмоќни светски државници, Путин и Обама. Резултатот, засега е 5:2 во корист на рускиот џудист против американскиот нобеловец! Зошто? 1:0 - Пред две години Обама доведе голема американска армада пред сирискиот брег.  Се силеше  дека ќе го собори режимот на Асад поради наводна употреба на хемиско ...


Барак Обама како да се разбуди деновиве од руската воена интервенција во Сирија. Не само Белата куќа тоа го пречека како враќање на Кремљ на светската сцена по растурањето на СССР во 1991 година. Или, според министерот Лавров: дошол крајот на униполарниот свет, сега кога се раѓаат големи центри на економски пораст во Азија и во Латинска Америка! Очигледно министерот алудира дека БРИКС (Бразил, Русија, Кина, Индија и Јужна Африка) става(ат) крај на американскиот хегемонизам! На Обама му е тегобно и од критиките на ирачкиот премиер Хаидер ал Абади за американската неефикасност од досегашните бомбардирања на џихадистите, како и од каустичното прашање на влијателниот рускиот политичар Алексеј Пушков: што го попречува запад што наместо да ги напаѓа терористите, една година немилосрдно ја бомбардира пустињата?! Не му се пријатни ни јавните совети од поранешната државна секретарка Хилари Клинтон.

Обама затоа му нареди на Пентагон на сириската т.н. умерена опозиција да и’ даде оружје и муниција. Истовремено најави и напади врз градот Рака, самопрогласена престолната на т.н исламска држава во која има пет илјади џихадисти. Таму веќе страдаа штабот, складиштата и другите постројки од првите  руски  воздушни напади.

Во последниве пет години најмалку шест војни се водат во и околу Сирија.

 Првата е востанието против режимот на легално избраниот претседател Башар ел Асад, поддржано и помогнато од Запад на чело со САД. Втората е меѓународната терористичка коалиција (тн исламската држава и ал Нусра и сл.) против Асад.    Третата е антитерористичката војна на меѓународната коалиција, предводена од САД. Четвртата  и петата војна се пропагандни. Западната против Путин и руската против западната, за која Хилари Клинтон тврди дека е загубена! Сепак, најважната е шестата, политичката, онаа меѓу двајцата најмоќни светски државници, Путин и Обама. Резултатот, засега е 5:2 во корист на рускиот џудист против американскиот нобеловец! Зошто?

1:0 - Пред две години Обама доведе голема американска армада пред сирискиот брег.  Се силеше  дека ќе го собори режимот на Асад поради наводна употреба на хемиско оружје против сопствениот народ.     Тоа се покажа како нова измама, слична со измисленото оружје за масовно уништување, искористено за ликвидација на Садам Хисеин! Ама, го дочекаа руски ракети за реприза на Перл Харбур (1941). Путин сепак му го спаси образот. Му понуди договор за меѓународно контролирано уништување на хемиското оружје на Асад!

1:1 - Обама, меѓутоа, како „реванш„ за ова (му) го собори прорускиот украински претседател Јанукович, што пред тоа се договори со Путин за голема зделка околу гас, само „да не оди на Запад“!

2:1- И тогаш на Обама му се случи проруско востание во Источна Украина што не заврши само со референдумот за  отцепување на Крим, што „по повод од 300 годишнина од обеднувањето на Русија и Украина“ во 1954 година тогашниот светски лидер, Никита Хрушчов своеволно и’ го подари на Украина иако таму имаше повеќе од три четвртини Руси и беше дел од Русија од 1783 година! Кога Обама му забележа на Путин дека со анексијата го крши меѓународното право, вториов го потсети на Косово! 

2:2 – Русија затоа доби жестоки економски санкции.

3:2- Путин со помош на Меркел наметна источна Украина да добие автономија иако се уште тоа не е потврдено од Парламентот поради жестоките демонстрации.

4:2- САД беа деновиве двапати затечени во и околу Сирија. Путин направи стратегиски пробив кога ја создаде т.н. разузнавачка коалиција со Иран, Ирак и Сирија, а пред тоа незабележено (од ЦИА) допреми во Сирија најсовремени воздухоплови што деновиве прават пустош и паника кај џихадистите. Згора и Иран најави  воено ангажирање во Сирија во одбрана на традиционалниот партнер Асад.

Четирите причини за руската интервенција

И да не заборавиме, има најмалку четири причини за руската воена интервенција во Сирија што ќе трае четири месеци, порачуваат од Москва. Прво, Путин таму (си) ја брани Русија. Појасно и накусо, проактивно, правовремено и индиректно го попречува прелевањето во Кавказ на џихадистичката лавина. Или, како што би рекле Американците, Путин е во Сирија поради националниот интерес. А има и несоборлив изговор: барање за воена помош од легално избраниот претседател Башар ел Асад. Со тоа не може да се пофали Обама што бомбардира делови од суверена држава без резолуција на Советот безбедност (СБ) на ООН. А тоа е кршење на меѓународното право, за што иронично тој го обвинува Путин!  Второ, руската военопоморска база во сириското пристаниште Латакија е единственото руско упориште на т.н.топло море (Медитеран) откако претседателот Садат ги протера Советите од Египет во 1972 година. Трето, Латакија е едиствената сигурна точка за извоз на нафта и гас! И четврто, рускиот лидер правовремено успешно се позиционира за да може да влијае на изборот на наследникот на Асад.

5:2 - И  конечно, Путин летово го доби дуелот со Обама околу Иран со договорот на петте постојани членки на СБ на ООН плус Германија за контрола на иранските нуклеарни капацитети иако американскиот претседател се силеше дека таму воено ќе интервенира, како што попусто се закануваше и за Сирија!



Канцеларката Меркел заслужено до Нобелова награда за мир?

Како и за Украина, мудрата канцеларка Ангела Меркел бара помош од Русија да се оконча граѓанската војна и во Сирија. До решение може да се дојде само со Русија, а не без Русија, вели канцеларката. И додава дека и Асад треба да учествува во мировните преговори, полемика со говорот на Обама во ООН.  И кога мнозинстото во Европската Заедница не сака да чуе за бегалците од Африка и Азија, канцеларката Меркел реши годинава да прими осумстотини илјади бегалци/емигранти, главно од Сирија. Затоа, покрај Папата Франциско е сериозен кадидат за Нобелова награда за мир! 

На крајот останува да се види дали руската интеренција во Сирија го забрзува расплетот? Мировна конференција секако ќе има. Никој меѓутоа не може сигурно да предвиди: дали потоа во едно парче ќе остане Сирија, засега последната жртва на т.н. Арапска пролет, во која поради граѓанската војна и терористичката т.н. исламска држава, животот го загубија четвртина милион луѓе. Половина од шеснаесетте милиони жители се внатрешно раселени, а четвртина се бегалци од кои десетици илјади минаа и низ Македонија.



 
Коментари
Нема коментари.
 
Архива