портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Зошто бегалците ја избегнуваат Бугарија?
септември 2015

Во арапски „Прирачник за бегалци“, Бугарија е на прво место меѓу земјите кои барателите на азил треба да ги избегнуваат. Во Бугарија се широко распространети ксенофобија и исламофобија.



„Не‘ нападна петчлена група Бугари. Јас успеав да избегам, за разлика од мојот пријател. Бугарите го соборија на земја. Четворица од нив застанаа на неговите раце и нозе, додека петтиот скокаше на неговото тело како на трамполина. Напаѓачите го оставија дури кога помина едно возило и ги осветли. Еден друг ирачки бегалец го фрлија од мост висок два и пол метри, откако претходно го избодиле. Сега тој не може добро да ги движи своите нозе“, раскажува еден ирачки бегалец, кого го цитира организацијата Про азил.

Бегалците не се добредојдени

Во првиот бегалски бран во 2013/2014 година од арапските земји во Бугарија стигнаа над 10.000 луѓе. Тие континуирано известуваа за лош третман од страна на бугарските власти и генерално од населението. Во Бугарија пак се шпекулираше дека бегалците намерно претеруваат за да смеат побрзо да отпатуваат кон Запад. Но, факт е дека мнозинството Бугари ги одбиваат азилантите. Во дискусиите на интернет секојдневно можат да се прочитаат коментари полни омраза. Осве тоа, се случуваат напади врз бегалците, како и демонстрации и политички акции против нив. Пораката секогаш е иста: Бугарија е сиромашна и христијанска, не ве сакаме!

Меѓутоа, јавноста официјално никогаш не е прашана за оваа тема, констатира социологот Живко Георгиев.

„Политиката тоа едноставно не ја интересира“, вели тој. И социологот Андреј Рајчев е на мислење дека бегалците од почетокот на годинава ја избегнуваат Бугарија на својот пат кон Запад токму поради тоа што населението кон нив се однесува исклучително агресивно. „Бугарите овие новодојденци ги сметаат за некој вид ’Цигани’, што е негативен поим во Бугарија“, вели Рајчев. „Единственото искуство на просечниот Бугарин со ’странци’ се ограничува на Ромите во земјата. Тоа што бегалците сега кон Европа одат преку Македонија е резултат токму на ваквиот одбивен став“, тврди бугарскиот социолог.

Негативен став кон странците

Ставот на мнозинството Бугари кон ромското малцинство во земјата навистина е многу негативен и нефилтрирано се пренесува и врз бегалците. Освен тоа, Бугарите, за разлика од граѓаните во поранешните југословенски републики Македонија и Србија, во долгите децении зад Железната завеса речиси немаа контакти со други странски култури и луѓе.

Тоа што мнозинството бегалци се муслимани, дополнително ги дразни Бугарите. Зашто, тие својот национален идентитет главно го црпат од поедноставените раскажувања за т.н. „500-годишно турско ропство“, кога сегашна Бугарија била дел од Османлиското царство.Тоа го покажуваат десетиците одговори кои во рамките на анкета на Дојче веле стигнаа од Бугарија преку Фејсбук. „Ние не ги сакаме овде! Муслиманите 500 години не‘ колеа како кокошки“, пишуваа некои, или: „Одете си! Ние имаме доволно свои проблеми со нашите Цигани, кои се нарекуваат себе си Роми или Турци“.

Бегалски интернет-прирачник

Бегалците очигледно ја примија оваа порака и ја заобиколуваат Бугарија. Арапологот Владимир Чуков зборува за три извори на информации за Бугарија кои ги користат бегалците. Прво, тоа се искуствата кои другите бегалци ги споделуваат преку социјалните мрежи. Потоа, проценките на шверцерите со луѓе, кои брзо се шират меѓу бегалците. И, третиот извор е т.н. „Бегалски прирачник“, кого Чуков го читал на интернет.

„Бегалците ја избираат својата рута или дестинација според принципот на еден вид усна пропаганда, кога едни со други се информираат за искуствата во новата околина. „Прирачникот за бегалци“ е објавен на интернет-страница на противниците на Асад, раскажува Чуков.

„Таму Бугарија се наоѓа на прво место меѓу земјите кои еден барател на азил треба да ги избегнува. Бугарскиот народ претежно е расистички расположен и бегалците во логорите се третирани во нечовечки услови, стои во прирачникот“.

Тврдење кое би го потпишале многумина бегалци. На пример Н.А., кој во разговор за Проазил резимираше: „Животот во Бугарија е пекол. Целиот престој во Бугарија беше под печат на страдање, мачење и понижување. Ни бугарските службеници, ниту бугарските граѓани не се однесуваа добро кон бегалците.“

Превземено од:

http://www.dw.com/mk/%D0%B7%D0%BE%D1%88%D1%82%D0%BE-%D0%B1%D0%B5%D0%B3%D0%B0%D0%BB%D1%86%D0%B8%D1%82%D0%B5-%D1%98%D0%B0-%D0%B8%D0%B7%D0%B1%D0%B5%D0%B3%D0%BD%D1%83%D0%B2%D0%B0%D0%B0%D1%82-%D0%B1%D1%83%D0%B3%D0%B0%D1%80%D0%B8%D1%98%D0%B0/a-18706116?maca=maz-TB_maz_utrinski-5917-xml-mrss

 
Коментари
Нема коментари.
 
Архива