портал за стратегиски анализи
барај:
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
  • ФАЗАН - портал за стратегиски анализи - FAZAN
Во РМ тајните служби се вон контрола
јуни 2015
проф.Иван
Бабановски



Актуелните случувања во сферите на безбедносната, полициската, разузнавачката и контраразузнавачката дејност укажуваат дека контролата и надзорот од страна на власта законодавна, извршна и судска не е на задоволувачко ниво. Нема да претерам ако речам дека полициските и тајните служби работат што сакаат и неопходно е постојните институции, за нивната контрола и надзор, веднаш да бидат активирани и деблокирани.

Истата оценка и потреба, за заживување на цивилното раководење и контрола на АРМ и воено-безбедносните, разузнавачките и полициските служби се однесува и за нив, како и за работата на специфичните сфери на МО - учество во меѓународни воени мисии и акции, антитерористички операции, мирновременски хитни интервенции при природни катастрофи и загрозувања.

За две децении од осамостојувањето на РМ, речиси никој не се потрудил да ѕирне зад превезот покриен со тајновитост и конспирација - државна тајна, воена тајна, строго доверливо, доверливо, за службено информирање...

Во државата не е создадена практика, ниту е направен обид таа нормативно да се уреди, да се организира и остварува отчетно разузнавање. Нема утврдени правни стандарди и изнајдена најдобра практика за надзор над разузнавачката и контраразузнавачката агенција.

Тие во РМ се и над Уставот  и над законите, така што државата и граѓаните се заложници на делот од отуѓената владеачка елита, која тајните служби ги партизирала и приватизирала, злоупотребувајки ги за кршење на демократските форми и методи на владеење и дерогирање на нормативно утврдените права и слободи, на граѓаните на РМ. Воспоставување на системот за отчетност на полициските и особено на разузнавачките служби, кој што е воедно демократски и ефикасен, е еден од најтешките предизвици со кои се соочуваат современите држави, кон што, барем декларативно, се стреми елитата на РМ.

Меѓутоа, оваа тешка задача е незаменлива бидејки политичкото водство и насоките за реформа на полициско-безбедносните служби придонесуваат за избегнување на злоупотребите  од типот на оперативните акции-афери: Големото уво, Змијско око, Детонатор, Шпион, Пуч, Бомби, Монструм, како и за зајакнување на ефикасноста на сите делови на власта кои учествуваат во овој процес.

Досега е направено сосема малку за систематска меѓународна споредба на демократската отчетност на полициските и разузнавачките служби, што има како резултат, неразвиена група на меѓународни стандарди за демократска отчетност и цивилен надзор и контрола на тајните служби  и полициската активност. Не ги дадоа очекуваните резултати ниту напорите кои ги направија Женевскиот центар за демократска контрола над вооружените сили, Норвешката парламентарна комисија за надзор над разузнавањето и Центарот за човечки права при Универзитетот во Дурам од Велика Британија, кои со здружени сили настојуваа да го поттурнат овој процес и извршат каталогизирање и проценка на постојните правни стандарди во поглед на демократската отчетност на безбедносните, разузнавачките и полициските служби.

Беа предлагани и препорачувани најдобрите практики применливи во земјите на транзиција, како и во етаблираните демократски заедници. За жал, политичката и државната, поточно речено, владеачката партиска елита, во континуитет, немаше интерес да ја препушти контролата и надзорот врз специјалните и полициските служби, кои се злоупотребуваат за освојување, одржувње и зачувување на власта, со сите средства и методи на застрашување, присилба и елиминација, груба дискредитација, етикетирање, замолчување и слепа послушност на граѓаните, но и на вработените во тие служби кои се обидуваат да се спротивстават на сите облици на криминал и злоупотреби.

Политичарите често се жалата дека се жртви на тајните служби, бидејки „тие работат што сакаат“. Јас лично се согласувам со оние познавачи на односите на јавните функционери и „безбедњаците“ кои забележуваат дека може да се случи и спротивното - да и нападите врз тајните служби бидат мотивирани со политички пресметки и нетрпеливост помеѓу политичките партии, какви се примерите на суревнивост помеѓу ДПМНЕ - СДСМ, ДПА - ДУИ  и другите коалиции кои се менуваа на власт.

Денес, апсолутен господарт над тајните служби е премиерот Никола Груевски, во семејно партнерство со Сашо Мијалков, кои директно ги подредија МВР, ДБК-а, Обвинителството, инспекциските служби, Финансиската полиција, Судството, но и Агенцијата за разузнавање, која според законските и уставните норми е во надлежност на претседателот на РМ, професор д-р Ѓорѓе Иванов.

Неговите надлежности ги анулираше и узурпираше  Сашо Мијалков, директорот на ДБК-а во оставка, кој неколку дена пред инагурацијата во првиот мандат на Иванов, за директор на Агенцијата го именуваше својот полтрон и воен другар Боцинов, кој целосно беше под негова контрола.

Претседателот Иванов немаше никаков увид во работата на специјалните тајни служби, а во тоа го оневозможуваа и смислените деструктивни акции и активности во фунционирањето на Советот за национална безбедност кој /не/профункционира по налог и желба на семоќниот шеф на Тајната полиција Мијалков.

Воените безбедносно-полициски служби не ги споменувам бидејки тие не се до крај нормативно дефинирани и уредени, не постои контрола и надзор, нема отчетност, нема определен посебен буџет и потребна оперативна техника и логистика.

Само како обид за компарација, со лидерот во балканскиот регион на организираност и уреденост на безбедносно-информативните служби, Република Србија, ке го цитирам полковникот д-р Милан Мијалковски, професор на Факултетот за цивилна одбрана во Белград: „Според Уставот  и законот за службите за безбедност постои цивилна контрола при Собранието - Одбор за одбрана и Комисија за контрола на службите за безбедност. Членовите на овие тела се бираат според силата на пратеничките групи во парламентот и тоа е првото ниво на контролата. Второто ниво е министер за одбрана како цивилно лице, третотот ниво е финансиска контрола од МО која контролира каде службата ги троши средствата, а тука е и контролата на јавноста. Следното ниво според Законот е генералниот инспектор. Таа функција со години не е воспоставена, но за тоа секако не се виновни службите, што власта не го уредила тоа...“

Д-р Зоран Драгишиќ, професор на Факултетот за цивилна одбрана, додава дека „Генералниот инспектор би требало да ги контролира сите четити служби - БИА /Безбедносна информативна агенција, ВОА /Воена разузнавачка агенција/, ВБА /Воена безбедносна агенција/ и СИД /Служба за информирање и документација при МНР/. Генералниот инспектор постои по законот, но го нема во практика повеке години.За да биде некој избран на оваа функција мора да биде стручњак за безбедност, но и под услов да не е член на ниедна политичка партија. Мислење за кандидатот на таа функција дава Комисија за контрола на службите за безбедност, а го именува парламентот...“

Мијалковски изјавува дека службите работат во согласност со законот, а доколку покажуваат тенденција или го прекршат законот, цивилна контрола треба да биде способна и бескомпромисна да ги спречи или санкционира извршителите.

Зоран Драгишиќ вели: „Иако не може да се тврди дека службите работат што сакаат, сепак сметам дека квалитетот на таа контрола не е на потребно ниво...“

Што да се рече за местото и улогата на тајните служби во РМ каде целосно преовладуваат партиските интереси на ДПМНЕ и семејниот клан Мијалков- Груевски.

Vo DBK-a site elementi na operativnoto dejstvuvawe na ovaa sluжba, so ogromni ingerencii,se zloupotrebeni vo interes na tesnopartiskite potrebi, zloupotreba na ovlastuvawata I финансиските средства, формите и методите, оперативни и оперативно-технички средства за следење, набљудување и прислушкување на севкупната пишана и електронска комуникација и кореспонденција.

Постојат одредени индиции за инволвираноста на врхушката на оваа тајна служба во сите пори на организираниот криминал како што е трговија со нароктици и опијати, шверц на цигари, шверц со оружје, муниција и експлозиви, трговија со бели робја и имигранти, перење на валкани пари и поттикнување на терористички активности, но и трговија со скапоцени метали и археолошки арте факти со непроценлива вредност.

Во оперативниот состав на ДБК-а поединци ги злоупотребуваат овластувањата учествувајки во коруптивни афери од големи размери, организирање на класичен рекет на големите фирми и компании, изнудување на провизии, местење на тендери. но и  тешко злоупотребување на бџетските средства.

Се шпекулира во јавноста дека ДБК-а од доаѓањето на Сашо Мијалков на чело на оваа агенција потрошил, без парламентарна и државна контрола огромни средства без да даде отчет за таквото користење на бџетските средства на државата РМ. Имено, кога дојде ДПМНЕ на власт ДБК-а имала на располагање 4,5 милиони евра. Веке во 2010 година тој износ пораснал на 45 милиони, за да денес таа сума се испишува како сума од 345 милиони евра, што значи дека за 9 години од владеењето на семејството, буџетот се зголемил 100 пати, а безбедноста на државата РМ е урнисана и доведена на ниво кое ги загрозува имотните, личните права и слободи на граѓаните, мирот и безбедноста во најширока смисла. За увидот и контрола на трошењето на државните и парите на граѓаните не станува ни збор.

Директорот на ДБК-а, неспоиво со функцијата која ја имаше, водеше приватен бизнис преку поголем број свои фирми во земјата и странство, што е вистински non sens во практиката на работењето на специјалните и тајни служби во светот. Тој со примена на средства и методи со кои се служи ДБК-а ги рекетираше успешните фирми и бизнисмени, забележа голем број недвижни имоти на свое име и име на свои блиски луѓе, преку коруптивна дејност остварил поголеми суми на финансиски средства местејки тендери и јавни набавки кои се плаќале од буџетот на РМ, што го покажаа „Бомбите“ ...

Јавниот обвинител не мрдна со прст кога беше откриена криминалната афера во врска со обидот на Мијалков, преку фингирање на бактериолошка загаденост на производите на фирмата ЕКСТРА МЕЈН од Куманово, да ја обезвредни и присвои. Во последната т.н.

Бомба се бележи и случајот со рекетирањето и на ДУИ, а партнерски односи имал и со лидерот на ДПА...Царинската управа на РМ целосно ја контролирал и преку негови луѓе остварил поголем бизнис со фирмата за посебни намени Миле Драгиќ од Србија при набавка на средства за попречуванје, сузбивање и растурање на јавни граѓански протести, патрони и бомби со солзавец, шокбомби, гумени куршуми.

Заканувачки делува и сознанието дека Мијалков има во сопственост и фирма за физичко обезбедување на имоти и лица во која вработените се носители на огнено оружје кое може да се употреби во конфликти состојби во државата.

Омбусманот на РМ, државната Комисија за борба против корупција, Јавниот обвинител мора да наложат ставање под надзор на сите фирми и недвижности кои се водат на име на Сашо Мијалков или некој од неговото потесно семејство, се до денот на проверка и утврдување на начинот на кој е стекнат истиот.

Првиот човек на ДБК-а, по своја воља или по барање на Никола Груевски, го саботираше системот на функционирање на безбедносно-разузнавачко-полициските субјекти. Ја подреди и стави во послушничка улога министерката за ВР Гордана Јанкуловска, ги контролираше и манипулираше министрите за одбрана, правда, транспорт и врски, финансии, а во коруптивни релации ги вклучи лидерот на ДУИ и ДПА, генералниот секретар на Владата, претседателот на Собранието на РМ Трајко Вељановски, кога му ги средуваше работите со военото разузнавање и ЕИП на Грција, по апсењето на неговиот син фатен со дрога и  оружје во Грција.

Сепак најголем злостор е направен во елиминирање на секаков вид контрола и надзор од страна на законодавна, извршна и судска власт. Со омаловажувачки однос и ароганција, јавно работеше на дискредитација на личноста на претседателот на РМ професор д-р Ѓорѓе Иванов, пласирајки дури и непримерени податоци од неговиот личен и приватен живот, до кои доаѓал со примена на оперативно-технички средства на службата.

Со омаловажување, подбив и игнорирање се однесуваше кон Комисијата за контрола на безбедносните служби при Собранието на РМ, која ја раководи претставнимк на опозицијата. Се говори дека постои документација за негови коруптивни, криминални, но и контраразузнавачки нејасни и нерасчистени контакти со одделни странски служби, особено оние кои се инволвирани во настаните со уфрлената ДТГ и операцијата во село Гошинце и Диво Насеље во Куманово /21 април и 9-10 мај 2015/ кога загинаа 8 припадници на униформираниот дел на МВР, а 38 беа потешко и полесно ранети. Во исто време беа ликвидирани 10 терористи, ветерани на УЧК, а 22 се уапсени.

Мијалков и Јанкуловска се лично одговорни за пречекорување  на овластувањата и примена на прекумерна сила против невооружени и ненасилни протестанти на 5-ти мај 2015 година, пред владата на РМ, како и за криминално и насилничко однесување на тројца полицајци од ЕБР - снајперисти, кои насилно влегле во зградата на Бул.Илинден број 3 во Скопје, за време на митингот на опозицијата одржан на 17 мај 2015 година, пред владата на РМ, при што физички злоставувале една професорка на ПМФ при УКИМ во Скопје.

Ќе ни треба многу време, исто толку напори, храброст и знаење да ги ревитализираме и организираме за успешна дејнос специјалните служби во РМ, но и голема борба да ги отргнеме од партиските и криминално – шпионските канџи. И, треба веднаш да отпочнеме со реформирање и реафирмирање на формите и методите за јакнење на безбедносната култура со цел враќање на довербата на граѓаните кон безбедносно – разузнавачките и полициските служби, која доверба беше нарушена со неодмерена и непримерена мерка на лустрација која исто така беше жестоко злоупотребувана за тесно партиски и политички цели.









 
Коментари
 
Архива